Новости

Прилеп инфо

На хуманитарниот турнир се собрани 180.000 денари за Центарот за деца со церебрална парализа

„Локалниот спортски сојуз – Прилеп“ денеска одржа прес конференција на која го презентираше конечниот пласман на екипите и финансискиот ефект од неодамна завршениот турнир во мал фудбал „Свети Никола 2017“.

Според претседателот на прилепскиот „Локален спортски сојуз – Прилеп“, Гоце Макалоски публиката проследи квалитетни натпревари, а учесниците покажаа фер игра и спортски дух.

Во категоријата сениори, првото место го освои екипата на „Марфил“, додека кај ветераните најдобра беше екипата на „Златна рака“. Пионерите се натпреваруваа во три категории: генерација 2005, 2006 и 2007, при што првите места им припаднаа на екипите на „Кафе Вирус“, „Ла Костас Победа“ и „Теко солар јуниор“.

За најдобар играч на турнирот беше прогласен Драган Петровиќ од екипата на „Марфил“, неговиот соиграч Иван Стојановски за најдобар голман, а најдобар стрелец на турнирот беше Јорданчо Наумоски од „Мите Транс“.

„Што се однесува до финансискиот дел на турнирот, од котизации, донации, влезници и трансфер на средства од Општина Прилеп, собрани се вкупно 808.220 денари. Од нив, на име награди, персонален данок, ангажирани лица, греење, печатење рекламен материјал и други материјални трошоци, потрошени се 628.386 денари. Тоа значи дека од фудбалскиот турнир е остварен приход од 179.834 денари, средства кои, како што најавивме и ветивме, ќе бидат уплатени на наменска сметка на Општина Прилеп за опремување на Центарот за деца со церебрална парализа“, истакна првиот човек на „Локалниот спортски сојуз – Прилеп“, Гоце Макалоски.

Градоначалникот Илија Јованоски искажа благодарност до организаторите, учесниците на турнирот и до бројната прилепска публика. Сите тие придонесоа турнирот да биде успешен и од спортски, но и од хуманитарен аспект.

„Им изразувам честитки на организаторот, ‘Локалниот спортски сојуз – Прилеп’, којшто успешно ја организираше оваа манифестација. Благодарност и до сите спортски екипи и спортски работници, што учествуваа на турнирот. Како што знаете, турнирот имаше хуманитарен карактер. Средствата што се собраа се во висина од околу 180.000 денари, а ќе бидат наменети за Центарот за деца со церебрална парализа. Собраните средства ќе значат почеток, заживување на овој Центар“, потврди градоначалникот Јованоски.

На средбата со претставници на „Локалниот спортски сојуз – Прилеп“ во својот кабинет, градоначалникот Јованоски изрази надеж дека следната година, турнирот ќе има уште поголема масовност и побројна публика.

СН Финансии
To Top