Новости

Прилеп инфо

Општина Прилеп го одбележа, 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената

Во рамките на одбележувањето на Меѓународниот ден на жената 8.Март, градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, советници и вработени во Општина Прилеп го посетија Паркот на револуцијата и положија свежи цвеќиња пред споменикот „Жена борец“.

Под мотото „Грижа за лицата од трето доба“, градоначалникот Јованоски, претседателот на Советот, Талевски,советниците и претставници од локалната самоуправа, го посетија домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, каде што им го честитаа празникот на штитеничките и на вработените во оваа јавна установа. Ги посетија и разговараа и со граѓанките коишто од здравствени причини се врзани за кревет.

Градоначалникот Јованоски во оваа прилика, ја истакна улогата на жената во економскиот, политичкиот и општествениот живот, и како што рече, таа во многу нешта предничи во однос на мажите.

„Осми март ја симболизира еднаквоста меѓу родовите. Во денешниот свет, со своето работење во економскиот, политичкиот и општествениот живот, жената тоа го потврдува на секој можен начин. По тој повод, на сите граѓанки на општина Прилеп сакам да им го честитам Меѓународниот ден на жената, да им посакам добро здравје и сѐ најдобро“, изјави градоначалникот Јованоски.

Со донирање производи од својот асортиман на домот за стари лица, компанијата „Комфи Ангел“ го даде својот придонес во одбележувањето на 8.Март. Сопственичката на „Комфи Ангел“, Ирена Јакимоска, рече дека преку својата општествена одговорност, компанијата го избира единствениот начин за прославување на Меѓународниот ден на жената.

„Во соработка со Општина Прилеп, во старскиот дом доставуваме перници, јоргани и сето она што е неопходно за мирниот сон на старите лица. Нашата компанија јасно и децидно го дефинира ставот, дека не постои никаква родова разлика во рамките на компанијата. Подеднакво е вреднуван трудот и можноста за остварување во кариерата, за што најдобра потврда е тоа што половина од топ менаџментот на компанијата се припаднички на понежниот пол“, нагласи Јакимоска.

ВД директорот на домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“, Кристијан Пиличев, рече дека заложбите на вработените во домот се за подобрување на условите за живот на штитениците, пред сѐ во однос на подобрување на исхраната и хигиената на штитениците.

„Сакам да акцентирам дека од 128 штитеници на домот, 70 се жени. Моите заложби и заложбите на вработените се за подобрување на негата, хигиената и исхраната. Им се заблагодарувам на градоначалникот и на општинскиот Совет за безрезервната поддршка што му ја даваат на домот за стари лица. Благодарност и за сопственичката на ‘Комфи Ангел’ за донацијата, којашто ќе придонесе за подобрување на условите за живот во домот“, потенцираше Пиличев.

Во одбележувањето на денешниот празник се вклучи и центарот за култура „Марко Цепенков“, каде по деветти пат се одржува традиционалната манифестација „Брзо сликање“, на која 8 уметници од Друштвото за ликовни уметници (ДЛУМ) сликаа по повод 8.Март.

„Анита Јовеска, Александра Богоеска, Емилија Георгиоска Димоска, Маја Најдоска, Јасмина Руневска, Викторија Димеска, Васе Боцеска и Верче Николоска, се осумте уметници од нашиот град, што создаваат дела изработени во акварел. Делата ќе бидат изложени во ликовната галерија на центарот за култура. На денот кога нешто се подарува, овие уметници ни подаруваат талент, креативност, уметност. На сите наши сограѓанки им го честитам празникот и сакам да им порачам дека борбата сѐ уште трае, бидејќи рамноправноста се добива секој ден и во сите сфери на животот“, порача Менче Караџоска, вд директор на ЦК „Марко Цепенков“.

„Ова е прекрасен настан затоа што, како претставнички на Друштвото за ликовни уметници, се собираме и создаваме брзи цртежи. Проблемите со родовата еднаквост, генерално, ја имаат сите земји во светот, со тоа што некои општества знаат како тоа подобро да го скријат. Како жена, многу често сум се нашла во ситуација во која не се чувствувам еднакво и затоа сакам да им порачам на сите жени да бидат погласни“, гласеше пораката што во име на осумте уметници ја испрати Јасмина Руневска, претседател на ДЛУМ – Прилеп.

Evrotip
Евротип
To Top