Новости

ЕВРОТИП Банер
Прилеп инфо

Повторно активен пожарот кај Трескавец, гори на уште 12 места во целата земја

Пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село повторно е активен. Во правец на село Забрчани гори сува трева. На терен има екипа од противпожарните единици во Прилеп и месно население, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Гори сува трева и смрека и ниско стеблеста деградирана дабова шума кај местото викано Фрлогоец на планината Бистра. На терен се наоѓа екипа на шумското стопанство „Лопушник“.

ЦУК информира дека сѐ уште се активни и пожарите во околината на селата Растеш, Заград и Волче, каде гори дабова шума, смрека и висока сува трева. Во атарот на село Растеш во моментов се ангажирани лица од месното население, шумското стопанство и лица од општина Македонски Брод.

Пожарот во атарот на село Грешница во моментов е под контрола и обиколен со заштитен појас.

Појавен е шумски пожар во планинскиот дел близу село Богојци кон правецот на село Татеши, а тука се ангажирани противпожарните единици од Струга и ЈСШП Јабланица – Струга.

Пожарот кој во текот на вчерашниот ден од подрачјето на општина Прилеп навлезе на подрачјето на општина Чашка во атарот на селата Смиловци и Попадија, во делот на село Смиловци е изгасен. Во текот на денешниот вработени во шумското стопанство Бабуна гасат во атарот на село Попадија. Опожарената површина е со сува трева и нискостеблеста шума.

Пожарот во атарот на село Галиште е активен. Исто така, пожарот во месноста Мушов Гроб е активен во карпест и непристапен реон. За негово гасење во текот на денот ангажирани се вработени на шумското стопанство Бор Кавадарци.

Пожарот кај Гумалево (Дејковец), кој се протега над селото Дејковец кон село Гумалево е активен, како и пожарот помеѓу селата Никиштани и Грачани, каде гори мешана шума.

Пожарот во близина на село Крушевица е се уште активен во високиот непристапен терен, каде е зафатена деградирана шума. Ангажирани се лица од ЈП „Црн Бор“ – Прилеп и лица од месното население. Тие се ангажирани и на пожарот кај село Никодин во правец на село Фариш.

Пожарот во село Гургурница, општина Брвеница, по вчерашните интервенции од страна на вработени во ЈП Македонски шуми, ДЗС Тетово, мештаните и 5-6 пати од воздух, е под контрола. Се работи на гаснење на сува трева и нискостеблести жбунести растенија. Вработените во ДЗС, Македонски шуми и мештаните, цела ноќ се на терен и го следат и контролираат огнот.

Пожарот во село Корито, општина Гостивар, каде е зафатена сува трева и нискостеблести жбунести растенија, е под контрола и будно се следи опожареното место, но не е целосно угаснат. Направен е појас околу огнот, за да не се шири, соопшти ЦУК.

Karmen
To Top