Новости

Прилеп инфо

Прилепските советници изгласаа бесплатен градски превоз за пензионерите

Советот на Општина Прилеп денеска ја одржа 8.седница, на која на дневен ред се најдоа прашањо што се од интерес и важност за граѓаните на Прилеп.

Најголемо внимание предизвика Одлуката за воведување бесплатен јавен градски превоз за прилепските пензионери, односно за жени со навршени 62 години и мажи над 64 годишна возраст.

„Советот донесе Одлука за ослободување од плаќање за градски превоз во автобусите на ЈП за ПУП за сите пензионери, односно за жени со навршени 62 години и мажи со 64 години, и тоа секој работен ден од 9 до 11 часот. Советниците исто така го донесоа Извештајот за работата на Советот во претходната 2017 година и Програмата за работа во тековната 2018 година. На денешната седница го изгласа и финансискиот план за работа на ЈОУ детски градинки „Наша иднина“, ги усвоија плановите за вработување во 2018 година на ЈОУ дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ и градската библиотека „Борка Талески“, изјави претседателот на Совет на Општина Прилеп, Миле Талевски.

Советниците ги усвоија програмите за работа на ЈКП „Комуналец“, ја усвоија Одлуката за утврдување критериуми и стандарди за поставување урбана опрема на подрачјето на општината, а беа именувани и претставници на Општина Прилеп во општинските основни училишта во Прилеп и населените места.

Членовите на општинскиот Совет од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери ја напуштија денешната седница, во знак на, како што рекоа, поддршка на притворените од настаните на 27 април. Тие не дадоа одговор на прашањето на претседателот на Советот, Миле Талевски, дали со напуштањето на седницата се откажуваат и од советничкиот надоместок?

„Денеска Советот на Општина Прилеп беше сведок на крајното деструктивно однесување на ВМРО-ДПМНЕ. Како претседател на Совет, неколку пати ги повикувам да работат во интерес на граѓаните на општина Прилеп, затоа што тие од граѓаните се и избрани и платени да работат за тоа. Тие не ги бојкотираат седниците на Совет, бидејќи доаѓаат на нив, се потпишуваат за присуство и со тоа го добиваат законскиот надоместок кој им следува. Тие ги добиваат овие средства, но не даваат никаков придонес во работата на Советот. Ги прашав да се изјаснат дали навистина ќе ги бојкотираат седниците, или доѓаат само за да ги земат месечните паушали, бидејќи најавија дека ќе продолжат да ја бојкотираат работата на Советот“, вели претседателот на Советот Талевски.

Според Законот за локална самоуправа, висината на месечниот паушал што го земаат членовите на Советот на Општина Прилеп, изнесува 70% од просечната плата во Република Македонија, исплатена за последниот месец или околу 15.000 денари.

To Top