Новости

Прилеп инфо

Селмани во посета на Прилеп: Големи притисоци врз медиумите во Прилеп

Вечерва претседателот на ЗНМ, Насер Селмани одржа состанок со новинарската фела во Прилеп поради тензиите, притисоците и препукувањата на социјалните мрежи помеѓу прилепските новинари.

Дел од новинарите и медиумите во Прилеп на претседателот на ЗНМ му се пожалија дека трпеле притисоци од локалната власт и локалните функционери, на што тој потенцираше дека и ако само еден посто од она што го слушнал било вистина тогаш тоа било страшно.

Селмани на прилепските новинари им порача дека треба да имаат поголема солидарност и единство затоа што поделбата која што некој сакал да ја создаде меѓу новинарите, не била во нивен интерес.

Исто така Селмани рече дека ќе ги испита овие случаи дали се вистинити и дека од понеделник ќе барал средби и на централно и на локално ниво, а ќе го алармирал и меѓународниот фактор.

„Вечерва сум во Прилеп, бидејќи сакав да се видам со колегите, да ги слушнам нивните проблеми и се разбира да се договориме во иднина како можеме заедно да се справуваме со заедничките проблеми. Јас денеска посебно дојдов во Прилеп за да ги повикам колегите на една поголема солидарност, единство, затоа што без разлика на нашите разлики кои што ги имаме како новинари, како луѓе, како граѓани, мислам дека е од суштинско значење, за да бидеме поуспешни во одбрана на нашите права и слободи, да научиме да зборуваме со еден глас. Затоа што поделбата која што некој сака да ја создаде меѓу новинарите, не е во интерес на новинарите. Тие новинари кои што нема да го следат овој повик за единство, за солидарност, практично сами ќе се дистанцираат од новинарската агенда и фела.

Денеска, она што го слушнав во Прилеп, не можам да не кажам дека сум длабоко разочаран од притисоците на кои се изложени колегите. Ако еден посто од она што јас денеска го слушнав овде е вистина, како локалната самоуправа или Општината, или луѓето во Општината се однесуваат кон локалните медиуми во Прилеп, ако еден посто е точно, тоа е страшно. Јас и заедно ние како ЗНМ веќе од понеделник ќе барам средби и на централно и на локално ниво, ќе го алармирам и меѓународниот фактор и овој притисок врз кој што се изложени медиумите во Прилеп мора веднаш да престане. Ако не, тогаш ќе проговориме јавно.

И оние кои што мислат дека можат да ги замолчат медиумите, нека знаат дека тоа не се случило во изминатите 10 или 20 години, и нема да успеат и овие новите. Така да  мислам дека во интерес на сите е сите да се воздржат, да бидат на ниво на нивните задачи и одговорности. Локалната заедница, локалната самоуправа и Општина Прилеп мора да бидат отворени кон новинарите. Не смее селективно да се однесува кон нив, и не смее на нив да им изготвува прилози и медиумите и новинарите да ги претвори или да ги инструментализира за политички интереси.

Повикувам уште еднаш тие притисоци веднаш да престанат, инаку ние како здружение ќе направиме сè таа вистина да ја знае секој граѓанин во Република Македонија, а ќе ја алармираме и меѓународната заедница“, истакна Насер Селмани, претседател на ЗНМ.

 

Извор: ИнфоКомпас

GOLD
To Top