Новости

Прилеп инфо

ФОТО: Катерина Николоска е победничката на „Вешта жена“ во Прилеп

По 15-ти пат во Прилеп се одржа општинската манифестација „Вешта жена“, на која од страна на 5 учеснички беа презентирани 5 уникатни декорации на јадења на различни теми. Победничката на општинскиот натпревар, ќе биде дел од републичката манифестација „Вешта жена“, која ќе се одржи во Лешок. Настанот го проследи и градоначалникот Илија Јованоски, кој на организаторите им порача да ја задржат традицијата на одржување на оваа манифестација.

Според жирито и според публиката најмногу гласови доби Катерина Николоска, со својата креација која таа ја наслови како „Бегство“.

„Честитки за 15 годишнината од настанот „Вешта жена“, им посакувам да ја продолжат оваа манифестација токму на овој начин, преку социјализација на жените во нашиот град. Со овој настан жените го покажуваат чувството на домаќинство, на вистинско семејство и сакам да порачам на овие вешти жени дека оваа манифестација треба да ја задржи својата традиција“, посочи градоначалникот Јованоски.

Според организаторката Менче Костоска, прилепчанки се прочуени по тоа што од републичката манифестација „Вешта жена“, секогаш се враќаат со награди, односно со освоено прво или второ место.

„Се трудиме да бидеме најдобри. Ќе се потрудиме и овој пат нашиот град да го претставиме најдобро и да им ја исполниме желбата на нашите домаќинки, во своето претставување да покажат дека знаат убаво да подготвуваат“, изјави Костоска.

Претседателката на жири комисијата, Елизабета Ѓоргиева, вели дека натпреварот се состои од неколку дисциплини: вкус и декорација на главното јадење, декорација на салфети, изготвување на икебана, декорација на десерт и општ впечаток на целата декорирана маса, кои ги оценува стручно жири, но и сите гости на вечерта.

„Оваа година сме четиричлено жири, доаѓаме од Велес, Тетово и две од Битола. Секоја година е сѐ подобро и подобро, така и оваа година натпреварувачките се потрудиле многу. Прилеп знае секогаш да нѐ изненади и се надевам дека и оваа година ќе бидете успешни, со оглед на ова што го видовме“, посочи Ѓоргиева.

„Снежна идила“, „Чувар на богатството“, „Бегство“, „Слаткарница“, беа дел од темите на гурманските специјалитети, кои што беа презентирани од вештите раце на прилепчанки.

„Годинава ми е втора година како учествувам на „Вешта жена“. Мојата маса се вика Снежна идила. Се потрудив од желатин да направам снежна топка, снег, елки, да биде интересно, снешковци“, истакна Афродита Чолакоска, учесничка на манифестацијата.

„Се викам Катерина Николоска, а името на масата ми е „Бегство“. Секој сака да избега некаде, моето место за бегање е во планина. Ја подготвував еден месец, а идејата ја разработував цела година“.

„Мојава маса се вика „Слаткарница“. Љубител сум на слаткарство, десертот ми е слаткарница, го претставува надворешниот изглед, а главното јадење ја претставува кујната, тортата, основниот прибор“, посочи Сузана Мицаноска, една од учесничките во натпреварот.

„Масата се вика „Чувар на богатството“. Идејата е моја. Змејот ја претставува жената која го чува семејството, како најскапоцено богатство“, објаснува натпреварувачката Габриела Стеваноска.

Манифестацијата „Вешта жена“ се организира по 26-ти пат, во 23 градови на Македонија, а завршува со Републичката манифестација на која учествуваат победничките од сите градови. Манифестацијата има за цел да го негува наследството во готвење традиционални јадења и претставува можност на едно место да се соберат жени од различна возраст, национална и верска припадност. Општинската манифестација „Вешта жена“ во Прилеп ја посетија повеќе од 350 жени, кои уживаа во декорациите на натпреварувачките, како и во одличната забава. Инаку, почетоците на „Вешта жена“ датираат од 1992 година, кога во Тетово се одржа општински натпревар, кој потоа се прошири и во другите градови на Македонија.

GOLD
GoldSlot
To Top