Новости

ЕВРОТИП Банер
Прилеп инфо

ФОТО: Манастирот Трескавец сеуште под опасност, над 200 луѓе се борат со огнената стихија

Пожарот кој пред 2 дена започна да гори околу манастирот Трескавец сеуште е активен и постои опасност тој да го зафати манастирскиот комплекс. Единицата на противпожарната единица, голем број доброволци и вработени од повеќе приватни фирми од Прилеп и Јавните претпријатија прават надчовечки напори за да го заштитат ова наше светилиште. Според противпожарната едница пожарот е многу непредвидлив поради непристапниот терен и ветерот. На моменти тој се гаси, но потоа одново се појавува на различни локации.

„Вчера пожарот беше ставен под контрола, но денеска во раните утрински часови тој повторно се разгоре. Како ТППЕ веднаш интервениравме, се организиравме и за брзо време пристигнавме тука. Во гаснењето на огнот ни помагаат и голем број на доброволци кои веќе беа распоредени околу манастирот, а дел од нив пристигнаа подоцна. Пристапивме со гасење со т.н. контрапожар и на таков начин се обезбеди десната страна на манастирот, проблем сеуште има со пожарот кој доаѓа од кај Горно Село, тука теренот е тежок, нема можност за пристап, чекаме огнот на излези на малку порамен терен за да преминеме кон негово гаснење. Мислам дека до вечер целосно ќе биде изгаснат огнот“, рече Станко Колески, командир на ТППЕ – Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески искажа огромна благодарност до сите доброволци кои учествуваат во гаснењето на пожарот и повика кон поголема совесност на граѓаните.

„Неколку дена се прават надчовечки напори за да се изгасне пожарот кој го зафати регионот околу манастирот Трескавец. Теренот е непристапен и тешко се гаси огнот. Екипите се цело време тука и работат постојано на негово локализирање и гаснење. Голема благодарност сакам да упатам до сите доброволци и граѓани кои се одзваа за да го заштитат манастирот. Тука би ги споменал ТППЕ од Прилеп, јавните претпријатија „Водовод и Канализација“ и „Комуналец“ и секако компаниите кои помогнаа со свои луѓе и механизација а тука се Мермерниот комбинат, Прилепска пиварница и Конфи Ангел. Исто така голема благодарност и до месното население на село Мажучиште. Цело време ќе имаме дежурни екипи околу манастирот, а во секој момент треба да пристигнат и 50 доброволци кои се најавија да дојдат од Охрид. Доколку има потреба ги повикувам сите граѓани да се вклучат и да помогнат да се справиме со оваа огнена стихија. Исто така сакам да апелирам до надлежните институции да имаат поголема контрола на теренот за да се спречат ваквите пожари кои се претежно намерни. Доколку се најдат сторителите треба да бидат и казнети според законот“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Благодарност до доброволците и пожарникарите искажа и монахот Калист кој живее во манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец.

„Би сакал да искажам една искрена благодарност до сите доброволци кои веќе 3 дена да не речам деноноќно се присутни тука во планината за да го спречат огнот да не дојде до манастирот. Се плашам да не заборавам некој, тука би ги споменал навивачката група „Мајмуни“, сите вљубеници во природата, планинари, секако целиот Кризен штаб кој ги координира активностите, членовите на ТППЕ и локалната самоуправа. Се надеваме дека утре целосно ќе биде изгаснат пожарот“, рече монахот Калист.

Доброволците велат дека се труделе со сите сили да го одбранат манастирот, но гаснењето оделе тешко поради непристапниот предел и ветерот.

„Трет ден помагаме во гаснењето на пожарот, но дува силен ветер и огнот се засилува постојано. Буквално од сите 4 страни се обидуваме да го спасиме манастирот, има голем број доброволци и вработени во јавните претпријатија кои се присутни тука. Но навистина многу е жешко и гаснењето оди тешко, дел од пределот е крајно недостапен. Пожарникарите не поучија како да се справиме со стихијата, одиме според тие упатства и се надеваме дека ќе го изгаснеме огнот за брзо време“, вели Дејви Спиркоски, доброволец.

„Тука сме цело време, не дозволуваме да дојде пожарот до манастирот истураме песок и вода, се надевам дека го локализиравме пожарот и дека тој повторно нема да се повтори, но никогаш не се знае бидејќи дува силен ветар“, кажа Јане Јованоски, вработен во „Водовод и Канализација“.

„Ние сме од Прилепска пиварница, помагаме колку што можеме има доста народ, локализиран е засега пожарот, но порачувам луѓето да бидат повеќе свесни и да не се предизвикуваат вакви катастрофи“, вели Живко Илиоски , вработен во Прилепска пиварница.

Доброволците ќе останат на Трескавец и во наредните 24 часа. Инаку на територијата на Општина Прилеп има уште два активни пожари, а тоа се кај селото Крушевица и селото Никодим.

Karmen
To Top