Новости

Прилеп инфо

ФОТО: 12-ти по ред Божиќен ручек за 500 деца од Македонија

Во организација на детската амбасада „За сите деца во светот“, денеска во Прилеп по 12 пат околу 500 деца од Скопје, Ресен, Крушево, Струмица, Демир Капија и Прилеп, присуствуваа на традиционалниот Божиќен ручек.

На заедничка трпеза седнаа деца од различни верски заедници, деца без родители, деца на загинати припадници на безбедносните сили на Република Македонија, како и деца со посебни потреби и истакнати деца членови на детската амбасада „За сите деца во светот“.

На божиќниот ручек присуствуваше и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски. Тој им ги честиташе божиќните празници на децата со желби за добро здравје и успеси.

„Денеска е голем ден, денеска е Христовото раѓање. Ви посакувам во вашите срца да има љубов, среќа и радост, а спокој и мир во вашите души. Пред сѐ сакам да има почитување меѓу сите луѓе, посебно почитување на децата. Го организираме овој свечен Божиќен ручек на кој Општина Прилеп на сите деца ќе им даде новогодишни пакетчиња. Во таа насока, годинава ќе направиме Центар за децата со церебрална парализа, за да овие деца бидат згрижени. На сите православни Христијани им го честитам Божик и им посакувам среќа, радост и бериќет“, рече градоначалникот Јованоски.

Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г.Петар рече дека е голема радоста заради дружењето со децата и дека од нив треба да научиме да бидеме искрени, дружељубиви и чесни.

„Дванаесетта година по ред детската амбасада „За сите деца во светот“ организира божиќен ручек за околу 500 деца од повеќе градови од нашата држава. На денешната трпеза ќе седнат дечиња од повеќе целни групи и од различни верски заедници. Детската амбасада го организира овој ручек под мотото ‘Едно небо за сите деца’ и во оваа прилика сакам да им ги честитам празниците и да посакам мир, љубов и благосостојба за сите“, изјави Александра Северкоска-Стојаноски од детската амбасада.

„Како дете слободно можам да кажам дека и мене ми причинува огромна чест што 12 години заедно со 500 деца го славиме овој празник. Целта на овој настан е сите ние да се чувствуваме еднакви и празникот да го славиме заедно, на една трпеза“, рече Јана Неделкоска, дете амбасадор.

И оваа година, детската амбасада „За сите деца во светот“ ги додели традиционалните награди „Орден за носител на мирот“, „Плакета за пријател на децата“ како и благодарници за помагателите на настанот.

GOLD
SN Finansii
To Top