Новости

Прилеп инфо

ФОТО: За прв пат во Прилеп ќе се организира планинарскиот марш „Томе Темелкоски“

Во недела, на 23 април, за прв пат во Прилеп, во организација на планинарското друштво „Мамути“ ќе се одржи планинарскиот марш посветен на Томе Темелкоски, човекот кој беше иницијатор и кој го градеше планинарскиот дом на Селечка планина. Стартот на маршот ќе биде во 8 часот од кај манастирот „Св. Димитрија“ во село Селце, а потоа патеката продолжува на повеќе места на Селечка планина.

„Оваа година решивме да започнеме еден марш, кој се надеваме дека ќе стане традиционален, по повод Томе Темелкоски, кој што ни го остави во наследство планинарскиот дом на Селечка планина и споменикот „Устрелец“ кој е посветен на загинатите бранители на Карпалак“, истакна Маријана Георгиевска, член на планинарски клуб „Мамути“.

Патеката ќе била маркирана и таа спаѓала во категоријата средно тешки планинарски патеки, долга е околу 15 км. а се очекувало на маршот да присуствуваат околу 400 учесници. Инаку „Мамути“ е релативно млад планинарски клуб, оформен во декември 2016 година.

„Првата пауза ќе ја имаме на локалитетот „Домаќинско чешмуре“ од каде потоа се влегуваме во шумата и се упатуваме кон местото „Стебови“ од каде има прекрасен поглед на Пелагонија, на високите врвови на Солунска глава, Галичица, Шарплани и други. Од таму се упатуваме кон рудникот за ураниум кој бил експлоатиран во минатото. Потоа се оди кон споменикот „Устрелец“ каде ќе оддадеме почит на загинатите бранители на Карпалак во 2001 година. Се посетува планинарскиот дом кој го градеше Темелкоски, а од таму пак се спуштаме кон манастирот „Св. Димитрија“ во Селце каде за сите учесници на маршот ќе има организирано ручек“, кажа Владимир Јованоски, член на планинарски клуб „Мамути“.

Планинарскиот марш е поддржан од Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески.

„Планинарското друштво „Мамути“ е доста младо и во него членуваат многу млади ентузијасти кои се љубители на планините и екологијата. Навистина ова е една интересна тура која е посветена на Томе Темелкоски, кој заедно со Виолета беа иницијатори за изградбата на овој дом на Селечка планина. Резултат на таа нивна активност е овој спомен кој го оставија за Прилеп. Двајцата беа добитници и на плакета за „3-ти ноември“, за жал Темелкоски сега повеќе не е меѓу нас, но ова нега остане една традиција во негова чест и неговото дело“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Инаку планинарскиот клуб „Мамути“ организира активности и надвор од Македонија. Во наредниот период ќе се организирале тури во Грција и Бугарија, а во месец август дел од членовите на „Мамути“ ќе учествуваат во експедицијата која ќе го искачува врвот Монт Блан.

 

 

 

 

 

 

To Top