Новости

Регион

Пристапни рампи за лицата со хендикеп во културните објекти во Ресен

Лицата со хендикеп добија можност непречено да ги следат културните настани во Ресен, откако  во двата објекти кои што се под надлежност на Домот на културата „Драги Тозија“, се поставија пристапни рампи. Станува збор за кино салата и за изложбениот салон сместен во Ресенскиот Сарај. Уметникот-бакрорезец  од Ресен Гордана Стојановска вели дека пристапот често ја ограничувал да ги посетува настаните од областа на уметноста, особено ликовната, затоа што секогаш зависела некој да ја искачи низ скалите.

„После подолго време ми беше овозможено да присуствувам  на културните настани со поставувањето на пристапната рампа. Јас сум лице со посебни потреби и користам електромоторна количка  скутер и сега можам да влезам во холот кој е изложбен салон во Домот на културата внатре. Сега веќе ќе можам да доаѓам многу почесто, затоа што пристапноста беше навистина тешка“, рече Гордана Стојановска.

Културните установи во земјава беа задолжени да им овозможат пристапи на лицата со хендикеп во нивните простории.  Но, во случајот на Ресенскиот Сарај, како заштитен споменик на културата, мораше да се најде соодветно решение.

„Навистина ни причинуваше големо задоволство што пуштањето во функција на таа пристапна рампа беше за време на изложбата на познатиот уметник Владимир Темков, каде што после подолг период присуствуваа лица со посебни потреби. Самата пристапна рампа е монтажна, која за да не го нарушува ликот на установата, може во одреден период кога има потреба да се тргне настрана“, рече директорот Васко Василевски.

Ресенскиот сарај, познат како сарајот на Ахмет Нијази-бег, е еден од најпретставителните примери на објекти градени во неокласичен стил во Македонија, изграден на почетокот на 20 век. Иако објектот е еден од најзначајните културни споменици во земјава, потребна е итна санација на покривот, кој што протекува и ја уништува внатрешноста. До оваа констатација дојде и министерот за култура при последната посета на Ресен, а во иднина се предвидува, по теркот на битолскиот Завод и музеј, тука да биде направена меморијална соба на Младотурската револуција и улогата на соработникот на Кемал Ататурк, Нијази Бег.

Студирајте на БАС
To Top