Новости

Свет

Ерупцијата на вулканот Агунг го затвори меѓународниот аеродром во Бали

Индонезиските власти денеска објавија максимален степен на тревога поради активирање на вулканот Агунг на островот Бали и наредија сите луѓе во радиус од 10 километри да се евакуираат.

Скоро 40.000 жители кои се во реонот на вулканот се веќе евакуирани од вторникот, кога се засилиле вулканските активности, но властите посочуваат дека зоната, која потенцијално може да биде загрозена, е проширена на 8 до 10 километри во радиус, територија на која живеат 100 илјади луѓе.

Од саботата вулканот исфрла пепел на височина од неколку илјади метри.

Меѓународниот аеродром на Бали, низ кој годишно поминуваат неколку милиони туристи, е затворен поради претпазливост.Затворањето на аеродромот погоди околу 60 илјади патници. Најмалку 445 летови од кои 196 меѓународни беа откажани од аеродромот во Бали.

Националната служба за вонредни ситуации соопштила дека вулканот продолжува да исфрла пепел, со повремени многу силни експлозивни ерупции.

Агунг, кој се наоѓа на 75 километри од туристичкиот град Кута, е активиран од август. Во последната голема ерупција на вулканот во 1963 година загинале 1.600 луѓе.

Индонезија, која има скоро 120 вулкани, се наоѓа на таканаречениот „огнен појас“ во Пацификот, каде судирите на тектонските плочи предизвикуваат чести земјотреси и голема вулканска активност.

Evrotip
Евротип
To Top