Новости

Свет

Со мирен протест, во Вашингтон започна движењето „Ние сме Македонија”

Со едночасовен мирен протест пред Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон, вчера започна движењето „Ние сме Македонија” организирано од повеќе македонски организации од дијаспората. На протестот учествуваа македонски граѓани од Вашингтон, Мериленд, Вирџинија и Њу Џерси.

Протестот започна со интонирање на Македонската химна, а беа истакнати пароли и слогани со кои како што велат од Обиденетата Македонска дијаспора, Македонците ја искажаа својата загриженост за политичките настани во матичната татковина, Република Македонија. Посебен акцент се стави на тековните разговори околу спорот за името со Грција, изгласаниот противуставен и крајно загрижувачки закон за јазици и разнебитувањето на унитарноста и сувереноста на Република Македонија.

На Амбасадорот на Република Македонија во САД, Васко Наумовски, му беше предадена Декларација во која се наведени 5 барања до Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија.

„Движењето “Ние сме Македонија,” ги повикува сите Македонци во светот и матичната држава, организирани преку македонски здруженија и организации во светот, да се приклучат на ова движење и да дадат подршка за декларацијата. Следниот протест ќе биде во среда, 17ти јануари, пред Обединетите Нации во Њу Јорк.

Декларација на Македонските организации во дијаспората

Ние, Македонците од Дијаспората, го известуваме Македонскиот народ во матичната татковина, Република Македонија, дека денес, недела, 14ти Јануари, 2018 година, пред Амбасадата на Република Македонија во САД, протестираме против Владата на Република Македонија и пратениците на Собранието на Република Македонија, и ги известуваме дека дијаспората започнува масовно движење на Македонците во светот, Ние Сме Македонија, со единствена цел зачувување на засебноста на Македонецот како рамноправен и почитуван член во светското семејство, без нарушување на македонскиот иденитет, јазик и култура, и унитарноста на државата.

Ние Македонците во светот,

1. најостро ги осудуваме тековните разговори со Грција околу името на Република Македонија,
2. најостро го осудуваме неодговорниот и незаконски чин на пратениците во Собранието со изгласувањето на неуставниот закон за јазици
3. најостро го осудуваме разнебитувањето на унитарноста и суверенитетот на матичната држава.

Декларативно, користејќи ги сите алатки кои ни се на располагање, како и уставно загарантираното право на глас како Македонски граѓани и горди Македонци, јавно изјавуваме дека дијаспората цврсто стои во одбрана на вековното македонско битие што ни е оставено во наследство од минатите генерации Македонци.

Нашата цел e одбрана на идеалот за кој низ историјата го положија својот живот многу патриоти и бранители на Македонија – суверена и независна Македонска држава на Македонците и сите малцинства што живеат во државата, а не федерализација или бинационализација на единствената држава сирум светот што Македонците ја нарекуваат своја татковина.

Притоа бараме

1. Итен прекин на разговорите околу името на државата што Владата на Република Македонија ги води во тајност под покровитество на ОН, и неменување на уставното име – Република Македонија, и поднесување резолуцијата во Генералното Собрание на ОН за признавање на истото,

2. Ставање вето од страна на Претседателот на државата на противуставниот закон за јазици, и повлекување на истиот од понатамошнен процес во Собранието на Република Македонија,

3. Oрганизирање попис под мониторинг на реномирана меѓународна организација на територијата на Република Македонија во период не подолг од 6 месеци од приемот на оваа декларација,

4. Неменување на историјата на Македонија, статусот на МПЦ – ОА и интензивирање на грижата за Македонците во соседните држави.

5. Доколку Владата на Република Македонија не е способна да го стори горенаведеното, тогаш повикуваме на итно самораспуштање на Собранието на Република Македонија и организирање на непосредни избори каде што и на македонските граѓани од дијаспората ќе им бидат овозможени свои претставници во новиот парламентарен состав, според принципот на пропорционалност.

Движењето Ние Сме Македонија под кое се застанати Македонски организации и здруженија од светот, АКТИВНО и ЈАСНО ја изразува својата декларативна заложба дека активно ќе ги искористи сите средства со цел да го оневозможи најголемото разбитување на Македонскиот народ и понатомашното уништување на унитарноста на државата,“ стои во соопштението на Обединетата македонска дијаспора.

GOLD
SN Finansii
To Top