Новости

Свет

Трамп: „Ен-Би-Си њуз“ и други медиуми би можеле да останат без лиценца за работа

Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека постои можност за укинување на медиумската лиценца на телевизијата „Ен-Би-Си њуз“, како и на други медиуми, што претставува закана по неповолните медиумски извештаи за Трамп.

Американскиот претседател посебно „ја зеде на нишан“ „Ен-Би-Си“ телевизијата што го направи ѕвезда со реалното шоу „Шегрт“, откако наведе дека тој сака десеткратно да го зголеми американскиот нуклеарен арсенал јави „Би-Би-Си“.

Трамп, наводите на „Ен-Би-Си“ ги оквалификува како „лажна вест“ и „чисти измислици“.

Истата телевизија, Белата куќа ја разгневни и минатата недела, кога објави дека американскиот државен секретар Рекс Тилерстон, го нарекол Трамп „дебил“.

– Со сите овие лажни вести кои ги објавува „Ен-Би-Си“ и другите медиуми, кога ќе дојде соодветниот момент да ги преиспитаме нивните лиценци?, напиша Трамп денеска на неговиот Твитер налог.

Тоа предизвика критики меѓу заговорниците за слободата на говорот, па така Волтер Шауб, кој беше директор на Канцеларијата за владина етика за време на поранешниот американски претседател Барак Обама, нагласи дека тоа би можело да доведе до „точка кога престануваме да бидеме демократија“.

Комитетот за заштита на новинарите соопшти дека коментарот на претседателот на САД е „лош пример“ за другите странски лидери.

При дочекот на канадскиот премиер Џастин Трудо во Вашингтон, американскиот претседател ги негираше наводите на „Ен-Би-Си“.

– Искрено, одвратен е начинот на кој новинарите пишуваат се што ќе им падне на памет, и луѓето треба да го преиспитаат тоа, истакна Трамп.

Запрашан дали сака да го зголеми американскиот нуклеарен арсенал, Трамп одговори дека само разговарал за тоа да се одржи во „совршена состојба“.

Наводите на „Ен-Би-Си“ во однос на тоа, и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис ги оквалификува како „апсолутна лага“, оценувајќи дека таквиот вид на лажно известување е неодговорен./МИА

To Top