Новости

ЕВРОТИП Банер
Свет

(Видео) Емотивниот Барак Обама го одржа прошталниот говор

Барак Обама и се обрати на нацијата последен пат како претседател во емотивен говор.

Завршувајќи ја осмата година во Белата куќа, Обама се врати во Чикаго, градот од каде што ја започна политичката кариера и доби овации од 18.000 луѓе во салата пред да го каже првиот збор.

На почетокот на својот говор политичкиот слоган на првата кампања “Да, ние можеме” (Yes we can) го парафразираше во “Да, ние го сторивме тоа” (Yes we did).

Тој потсети на успесите во текот на своите два мандата, од економските достигнувања, реформата на здравствениот систем, легализацијата на истополовите бракови, до воспоставувањето на дипломатските односи со Куба и мировниот договор со Иран.

Обама не го критикуваше директно својот наследник Доналд Трамп, кој најави дека ќе поништи многу од неговите одлуки, но тој ги осуди поделбите во американското општество и политиката. Од неговите поддржувачи побара да се борат за демократија.

Обама, првиот Афроамериканец за претседател, изјави дека со неговиот избор не е поразен расизмот во САД, како што многумина се надеваа. “Срцата мора да се променат”, истакна тој.

Со солзи во очите, тој и се заблагодари на Мишел Обама, нарекувајќи ја најдобар другар.

„Мишел Ла Вон Робинсон, девојко, во изминатите 25 години, не беше само моја сопруга и мајка на моите деца, туку ми беше најдобар другар. Ја презема улогата која не ја бараше, и ја износи со достоинство, со стил и добар хумор…Ја направи Белата Куќа место кое припаѓа на сите…Малија и Саша, под најтешки околности израснавте во неверојатни млади жени, паметни у убави, но најважно, љубезни и полни со страст. Со леснотија го носевте товарот на центарот на вниманието. Од се што сум сторил во животот, најгорд сум што сум ваш татко,“ рече Обама.

Потоа му оддаде почит и на својот потпретседател.

„Ти беше мојата прва одлука, и најдобра одлука“, рече гледајќи во Џо Бајден. „Не само што во тебе добив одличен порпретседател, туку стекнав и брат.“

Обама го избра Чикаго за својот проштален говор затоа што таму започна неговата метеорска политичка кариера која го доведе до Белата куќа.

Karmen
To Top