Предизборно ветување или реалност? - Шеталиште

Новости

Битолски трачарлуци

Предизборно ветување или реалност?

Ден први

Си скролам така низ Фејсбукот овие дена. Време на кампања, предизборие. И си велам, ај ќе го преживееме и ова. Не ни е прв пат? Не дај Боже ни последен. Да живее демократијата!

Си гледам така сличиња од познати битолчани/ки. Убај се, стросани, нашминкани, си одат од врата до врата со рекламен материјал, по некое стилце или упаљач, или чакмак шо би рекле битолчани. Е па добро. На секој дом добро би му дошло по некоја ваква ситница. На пушачите чакмаците, за дечињата стилцето. Заокружете го бројот… тој и тој. За подобро утре. А, стросаните шо се шеткаат низ Широк Сокак за да бидат меѓу народот? И едните и другите и третите… Ех, тоа е посебно доживување. Абе, убајна. Ти се чини ослободувањето на Битола иди. Сите насмеани, среќни во предизборието. Селфите фрчат. Да не знајш која поуба слика од која. И која да ја лајкниш? Е тука зависи на која страна тргаш.

И тука застанвам. Ми текнува песната од Бора Чорба „Погледај дом свој анџеле“ (ова џ меко се пиши на српски ама ај да не барам сега српска поддршка, да си нагласам јас оти убо знам да причам српски). Застанвам и си гледам така околу. Улиците, калливи, со дупки. Полни контејнери, од кои се шири „примамлива“ миризба. Плочките низ Широк Сокак на кои никако не смеј да се згазни, оти ојде ногата. И кога ќе одиш, задолжително да се пази да не згазниш некој од луѓето што седат токму на плочките. Со дечињата до нив, валкани и гладни.

Има од децата и шо не спијат. Шо си шетат низ корзо и се пикат меѓу дотераниот народ. А, и меѓу туристите. Така ги фаќаат апансас. Меѓу масите од кафичите. Ако ги истерат, арно. Пак ќе се вратат тие за некоја минута. Ко не ќе гледа дечкото шо ги избркал. Е оваа наша реалност ја забораваат. Постои, ама како да не постои.

Важно селфиња, еден куп. Колку сакаш. Ами ако се провни некое така случајно од тие шо постојат и не постојат на битолските улици? Ако им се протни то главчето на сликата? Ќе им го расипи селфито. И ќе ги потсеќа дека не е кампања одење од врата на врата со широко покажана насмевка, туку делување. Брзо! Да се тргнат дечињата од улица. Од гладот, од студот. И од неодговорните родители. Ама ајде да видиме кој ќе ги згрижи. И дали некој воопшто ќе се сети на нив.

Да видиме кое насмеано, совршено лице ќе го строса градот. Не само за погоре кажаното. Туку уште многу, многу други работи. Ете може да се почне со хаосот во сообраќајот, кутрото зеленило со изглед на беззаба баба, сообраќајната култура што ја нема, ѓубрињата фрлани кај што ќе се стигне. За битолчани кога си шетаат и јадат сончоглед па плукаат така ноншалантно… Е за тоа другиот пат.

Ама кој разбра, арно! Кој не, пак арно!
И за разбирањето, во наредното писание.

Анонимен битолчанец

To Top