Новости

Занимливости

Во името на науката: Чудни експерименти што научниците ги спроведувале на себе

Поради бавниот напредок на медицината и недостигот на волонтери, научниците и истражувачите во минатото биле принудени да вршат експерименти на себе. Некои од експериментите биле исклучително опасни, а понекогаш и смртоносни.

Рудолф Ловлис II

Американскиот хирург го истражувал дејството на висинскиот лет врз телото во текот на Втората светска војна. Тогаш развил маска со кислород за падобранците, а набљудувал како луѓето губат свест по скокање од авион на висина од 12.000 метри. Сепак, верувал дека се слаби, па истата работа ја направил сам, а потоа препорачал носење маска.

Макс Јозеф фон Петенкофер

Медицинскиот истражувач од 19 век верувал дека самата бактерија не е доволна да предизвика колера – болест што доведува до тешка дијареја. Затоа испил коктел од бактерии колера, кој го направил од изметот на починат пациент. Се разболел во рок од 24 часа, но болеста се појавила во полесен облик. Не му било жал бидејќи тоа го правел со цел да ја „подигне свеста за хигиенските стандарди во општеството“.

Ј.Б.С Холдејн

Британскиот генетичар бил познат по своето лудило – пиел солна киселина за да види како дејствува врз мускулите. Во војска го вработиле за лекување декомпресни болести по нуркање. Наместо следење на искусни нуркачи, Холдејн самиот се впуштил во експеримент во посебна комора што ја изградил, а завршил со тешки повреди на грбот и пробиени ушни тапанчиња.

Џон Хантер

Славниот британски лекар од 18 век ги лекувал лорд Бајрон, Бенџамин Френклин и кралот Џорџ III. Тогаш половите болести биле енигма, а тој верувал дека гонорејата и сифилисот се две форми на иста болест. За да го докаже тоа, директно во својот полов орган вшприцал гној од човек заразен со гонореја. Набрзо се развиле симптомите на гонореја, но и на сифилис, со што навидум го докажал своето тврдење. Но тој не знаел дека пациентот од кој го зел примерокот имал и сифилис, а симптомите не биле развиени.

Хенри Хед

Британскиот невролог го истражувал закрепнувањето на нервите по оштетување, а некои од неговите експерименти вклучувале и сечење на сопствените раце и повредување нерви за со години потоа да следи колку е потребно за да се врати чувството во раката. Сето тоа го правел бидејќи не бил задоволен од извештаите на пациентите со иста состојба, со оглед на тоа дека го познавале медицинскиот жаргон.

Санторио (Санторио Сантори)

Италијанскиот научник од 16 век поминал буквално 30 години мерејќи се на вага за да ја проучи работата на човечкиот метаболизам. Изградил огромна вага на која поминал повеќе денови и детално бележел колку течности испил и колку храна изел, а ја забележувал и количината на големата и малата нужда. Неговите студии го трасирале патот кон разбирањето на метаболизмот.

To Top