Новости

Занимливости

Откриена мистеријата на Стоунхенџ?

Стоунхенџ е една од најпосетуваните туристички атракции во Велика Британија и еден од најпознатите енигматични светски споменици во светот. Луѓето доаѓаат од целиот свет за да ги видат камените столбови, така што неизбежни се прашањата како, зошто и кога биле поставени.

Истражувачите долго време се обидуваат да ја откријат мистеријата на овие камења. Како што археолозите ја проучуваат областа, мистерија по мистерија почнуваат да се откриваат. Ова особено е точно во последната деценија. Истражувачите ги проучувале не само самите камења туку и областа околу нив, надевајќи се дека ќе пронајдат индиции за овој интригантен пејзаж на праисториските споменици. Досега се знае дека Стоунхенџ некогаш бил дел од комплицирана мрежа на структури: антички гробници, непознати населби, процесни рути, па дури и гробници украсени со злато. Наодите покажуваат слика многу помистериозна, која елаборира свет на неолитот и бронзеното време.

Еден проект што го анализирал Стоунхенџ на овој холистички начин е и проектот „Скриените краеви на Стоунхенџ“,којо траел од 2010 до 2014 година. Подземните  радарски и магнетни техники на слики откриваат дека Стоунхенџ лежи во центарот на сложената мрежа на структури што покриваат 12 квадратни километри. Проектот предизвика медиумски бум во 2015 година, кога научниците објавија наод за потенцијален „Суперхенџ“ во близина на ѕидовите на Дурингтон – огромен круг од камења со дијаметар од 500 метри.

Сепак, за брзо време возбудата стивнала. Кога била ископана локацијата, археолозите не пронашле камења. Наместо тоа, тие откриле дека на тоа место некогаш имало древни натписи. Откако биле отстранети, дупките биле исполнети со креда и биле покриени. На радарските скенови празнините во лабавата креда изгледале како камења.

И покрај овој неуспех, лидерот на проектот, Винсент Гафни, истакна дека проектот открил стотици нови функции и многу локалитети што никогаш претходно не биле видени. Овие истражувања се клучни бидејќи на археолозите им дозволуваат еднакво да ги истражуваат сите области на земјата, а не само спомениците што ги познаваме. Ова ни овозможува да ги толкуваме доказите на пософистициран начин.

Oткритието на уште еден огромен споменик во областа го промени начинот на кој археолозите гледаат на развојот и историјата на регионот. Пејзажот се користел во верски и церемонијални поворки поврзани со спомениците.

Мајк Паркер Пирсон од Лондонскиот институт за археологија при Универзитетскиот колеџ, кој го предводел проектот „Стоунхенџ Риверсајд“ од 2003 до 2009 година, смета дека столбовите на ѕидовите на Дурингтон биле поставени со намера веднаш да бидат отстранети. „Се чини дека нивната цел била да се одбележи периметарот на големото село, што дотогаш било напуштено. Можеби столбовите биле споменици за луѓето што живееле тука додека го граделе Стоунхенџ“, вели тој.

Без оглед на тоа за што се користел споменикот, тоа покажува дека Стоунхенџ не е единствен. Разбирањето на значењето на Стоунхенџ зависи од разбирањето на сè друго околу него.

Проектот „Стоунхенџ Риверсајд“ откри дека Стоунхенџ бил изграден во две фази. Првата – ров, брег и круг на сини камења биле изградени 500 години порано отколку што претходно се мислело, пред повеќе од 4.500 години. Втората фаза, кога бил подигнат поголемиот, иконски надворешен круг, се случила 500 години по првата фаза. Сепак, областа била населена пред 9.000 години, што укажува на тоа дека имало значење долго време пред изградбата на Стоунхенџ.

На 30 километри растојание лежи помалку познатиот, но исто толку значаен локалитет Ејвбри, дом на најголемиот круг од камења во Европа. Но неолитскиот досег на оваа област се проширил уште повеќе. Паркер Пирсон смета дека големите камења од Стоунхенџ дошле токму од областа Ејвбури.

Ова укажува дека овие значајни неолитски пејзажи – Салисбери Плеин, Ејвбри и Прешелските Ридови во Велс, уште една област богата со праисториски споменици – биле поврзани, а врската помеѓу нив ја држел Стоунхенџ. Паркер Пирсон вели дека велшките сини камења биле првите што биле поставени во Стоунхенџ. Камењата се сметале за симбол на предците на западните Британци, така што доведувањето во Салисбери Плеин бил чин на обединување на двата главни неолитски народи во јужна Британија. Дури и денес, на Прешелските Ридови се наоѓаат долмени (антички гробови). „Густината на долмените открива дека ова е важен регион околу 700 години пред Стоунхенџ“, вели Паркер Пирсон.

Дури и да се согласиме со теоријата дека носењето на камењата од Велс бил симболичен и политички акт, тоа претставува уште една мистерија: како праисториските Британци ги поместиле тие огромни камења?

Некои научници сметаат дека луѓето воопшто не ги поместиле камењата. Наместо тоа, глечерите ги транспортирале камењата низ јужниот дел на Велика Британија. Но откритието на два антички камени рудници во Прешели во најголем дел ја заврши дебатата. Научниците долго време експериментирале со идеи како да ги пренесат големите камења од Велс. Според Паркер Пирсон, тие откриле дека поместувањето на мали мегалити, како што се сините камења, кои тежеле 2 тони или помалку, всушност не било толку тешко – тоа можеле да го направат дури и со влечење на камењата на санки.

Во друг неодамнешен наод археолозите откриле кремирани остатоци од луѓе закопани во Стоунхенџ. Проектот од 2008 година открил 58 гроба, вклучувајќи најмалку 9 мажи и 14 жени. Научниците сметаат дека погребувањето во Стоунхенџ го зголемувало општествениот статус, и токму поради тоа се поставува прашањето за улогата на жените во неолитскиот период.

„Најновите откритија од Дурингтон покажуваат дека новата технологија не само што пронаоѓа нови локалитети туку драматично го трансформира начинот на кој ги разбираме познатите локалитети. Исто така, нагласува не само колку е уникатен Стоунхенџ, туку и колку е важен пејзажот околу тој споменик. Ние само што започнавме да сфаќаме како се развивал овој локалитет и што значел за луѓето што го изградиле“, вели Винсент Гафни.

Сепак, без разлика на тоа колку нови откритија се направени, се чини дека Стоунхенџ ќе продолжи да предизвикува нови прашања за научниците. Овие неолитски луѓе имале огромна вештина и амбиции. Ваков огромен споменик бил создаден толку совршено, низ многу векови, и не е нешто што може лесно да го разбере нашиот брз, модерен свет.

Извор:Факултети.мк

Студирајте на БАС
To Top