Новости

Живот

НАСА открива: „Децата се креативни гении“

На настан организиран од TEDxTuscon, доктор Џорџ Ленд ја шокира публиката кога ги откри вчудовидувачките резултати на тестот за креативност развиен од НАСА, кој дополнително се користел за тестирање ученици.

НАСА побарала од доктор Ленд и од Бет Џермен да развијат високо специјализиран тест кој ефективно ќе може да ги мери креативните потенцијали на ракетните научници и инженери во НАСА, пишува Ideapod.

Тестот се покажал како многу успешен за потребите на НАСА, што дополнително ги мотивирало научниците да се обидат да дадат попрецизен одговор на клучното прашање: од каде доаѓа креативноста? Дали луѓето се раѓаат со таков потенцијал или го стекнуваат во текот на животот?

За таа цел, одлучиле да тестираат 1600 деца на возраст од 4 до 5 години. Резултатите биле шокирачки: 98 проценти од вкупниот број деца покажале генијална креативност!

Поттикнати од ваквите резултати, научниците одлучиле да направат лонгитудинална студија и повторно да ги тестираат истите деца пет години подоцна, кога навршиле 10 години.

Резултат? Само 30 проценти од децата влегле во категоријата на фантазија која е во границите на генијалноста.

Кога истите деца повторно биле тестирани на 15-годишна возраст, процентот паднал на 12!

Кога станува збор за возрасната популација, резултатите од овој тест покажале дека само 2 процента го одржале својот креативен гениј по завршување на образованието.

И за оние што се сомневаат во доследноста на овие резултати или сметаат дека се работи за изолирани случаи, тие резултати всушност биле реплицирани повеќе од милион пати, пишува Гевин Нашименто, кој прв предупреди на оваа неверојатна студија и нејзината шокирачка импликација: училишниот систем, нашето образование, нè оддалечуваат од нашиот креативен гениј со кој сме се родиле.

И што сега? Можеме ли да ја регенерираме нашата креативност?

Ленд вели дека имаме способност да „останеме“ на тие 98 проценти ако цврсто се одлучиме за тоа. Од она што го откриле од студијата со децата и од начинот на кој функционира мозокот, постојат два вида размислување што се случуваат во мозокот. И двата вида користат различни делови од мозокот и претставуваат сосема различни парадигми во смисла на тоа како формираат определени мисли во нашиот ум.

Првиот начин на размислување се нарекува дивергентен – тоа е фантазијата, која се користи за создавање нови можности. Вториот начин се нарекува конвергентен – кога донесувате одлуки, тестирате нешто, проценувате, критизирате.

Значи, дивергентното размислување дејствува како акцелератор, а конвергентното како сопирачка.

„Откривме што се случува со тие деца кога ги школуваме – ги подучуваме истовремено да ги користат двата вида размислување“, истакнува Ленд.

„Кога гледаме во внатрешноста на мозокот, гледаме дека невроните меѓусебно се спротивставуваат и всушност ја намалуваат моќта на мозокот затоа што постојано проценуваме, критизираме и цензурираме“, вели тој.

„Ако дејствуваме под страв, користиме помал дел од мозокот, но кога користиме креативно размислување, мозокот ’живнува‘“.

Што е решение?

Мораме повторно во себе да го најдеме малиот „петгодишник“. Таа способност што ја поседуваме на таа возраст не се губи никогаш.

„Тоа е нешто што секојдневно го ’вежбате‘ кога сонувате“, вели Ленд.

Извор: Факултети.мк

To Top