Новости

Живот

Уметноста на лажењето преку кажување на вистината

Не е тајна дека политичарите често лажат, но тоа можат да го направат ако едноставно ја кажуваат вистината. Се збунивте?

Ова тврдење станува појасно кога ќе сфатите дека најверојатно сите сме го направиле тоа. Класичен пример може да биде кога вашата мајка ве прашува дали сте ја завршиле домашната задача и вие одговарате: „Напишав есеј за Петре М. Андреевски за часот по македонски јазик“. Ова можеби е вистина, но всушност не го одговарате прашањето дали сте ја завршиле домашната работа. Таа активност што ја презентирате може да е нешто што сте го завршиле многу одамна, па сте ја навеле вашата мајка да верува во „лага“ која е вистинита изјава.

Погрешното наведување преку „кажување на вистината“ е толку продорно во секојдневниот живот и раширено во општеството, што ни дава поголем увид во поврзаноста помеѓу лагите и вистината, а можеби и увид во причините поради кои лажеме. Како луѓе, лажеме постојано, и покрај тоа што лагите ни бараат поголем ментален напор отколку кажувањето на вистината.

Уште во 1996 година истражувачот Бела де Пауло открила дека секој од нас лаже барем еднаш или двапати на ден. Барала од учесниците во нејзиното истражување да ја запишуваат секоја лага (дури кажана и со добра намера) што ќе ја кажат во текот на денот во времетраење од една недела. Од 147 учесници, само 7 рекле дека не излажале ниту еднаш – и тоа е прашање дали ја кажале вистината. Повеќето од лагите биле невини, па дури и внимателни, односно биле кажани со цел да се скрие срам, непријатна ситуација и слично.

Позагрижувачки е кога индивидуите користат лаги за да ги манипулираат другите, а ова се случува многу почесто отколку што мислиме. Научниците откриле дека кажувањето вистинити изјави, кои не се конкретни, е всушност екстремно вообичаена тактика во преговорите. Сепак, на оние од другата страна не им е важно дали е лага заради манипулација или од добра намера. Слушателите на сето тоа гледаат како на лага.

Како што е често во политиката, така е и во секојдневниот живот, особено во областите продажба и маркетинг. Сепак, пошироката јавност не сака да слуша лаги. Во анкета спроведена во 2016 година јавноста во Велика Британија истакнала дека на политичарите им верува помалку отколку на агентите за недвижности, банкарите и новинарите.

Иако цврсто веруваме и очекуваме да слушаме лаги од оние што се на власт, сепак останува вистински предизвик да ги идентификуваме лагите во реалниот живот. Лажењето може да помогне да се создаде подобра слика отколку со вистината, или да му помогне на некој политичар да го избегне одговорот на конкретно прашање. Експертите велат дека сето ова не е етички и ја влошува демократијата, но тоа е начинот на кој функционира човечката когниција.
Лагите се присутни во социјалните интеракции уште додека сме деца, но со текот на времето децата учат дека искреноста е најдобриот пат, но во некои случаи и до некоја мера е добро да се каже и невина лага.

Извор:Факултети.мк

GOLD
SN Finansii
To Top