Новости

Интервју

Битолчани најмногу сакаат да гледаат акциони филмови на кино

На 24 октомври 3Д Кино Битола го прослави својот четврти роденден. Разговаравме со Менче Хаџи-Коста Милевска од 3Д Кино Битола за интересот кај публиката, изборот на филмовите и рекордите на посетеност изминатите години.

Шеталиште: На 24 октомври го прославивте четвртиот роденден на 3Д Кино Битола. Колку киното ги промени навиките на битолчани, колку одењето на кино стана дел од културното живеење во Битола, со оглед на тоа што долги години Битола немаше кино?

Менче Хаџи-Коста Милевска: Со големо задоволство можеме да потврдиме дека нашето кино стана составен дел од културниот живот на битолчани.  Нашиот ангажман беше посветен на стекнувањето доверба кај публиката преку редовна програма, разновидност во понудата и навременото доставување на филмовите со датуми на светските премиери и ја користиме секоја можност за претпремиера на најпопуларните филмски наслови. Често организираме и дополнителни настани за анимација на публиката кога имаме премиери.

Друг клучен сегмент во нашата работа е маркетингот и комуникацијата со публиката. До сега се покажа дека најефикасен метод на комуникација со публиката е преку социјалните медиуми. Навистина ни е драго кога посетителите ни пишуваат, и ние редовно им одговараме на пораките и сите прашања.

Шеталиште: Да позборуваме малку за статистиките. Кои филмови се прикажани и колку посетители имало за овие 4 години и колку расте оваа бројка со текот на годините?

Менче Хаџи-Коста Милевска: Нашиот официјален старт беше на 24 октомври 2013 година, со блокбастерите „Вулверин“, „Гравитација“ и „Штрумфови 2“.  Првата недела имавме над 2300 посетители што беше првиот показател дека 3Д Кино Битола ќе биде успешен проект на НУ Центар за култура.  Бројот на посетители од година во година расте со што бројот во овие неколку години надмина 150.000 посетители.

Од 2013 година имаме прикажано над 500 филмски наслови при што би ги издвоиле: Хобит, Господарка на злото, Интерстелар, Глупав и Поглупав, Педесет нијанси сиво, Миниони, Дедпул, Војна на ѕвездите и многу други наслови кои навистина вредат да бидат споменати.

Шеталиште: Со кој филм го постигнавте рекордот на посетеност?

Рекордот во нашето кино сеуште го држи филмот „Брзи и бесни“, за кој посетеноста надмина 3500 посетители, како и за седмиот дел така и за осмиот дел на филмот.

Шеталиште: Како ги избирате филмовите кои се прикажуваат во 3Д Кино Битола, врз кои критериуми?

Ние се трудиме да ги опфатиме сите филмови кои се достапни  за македонскиот пазар.

Наша желба е да ги исполниме барањата на публиката, и за таа цел воспоставивме соработка со сите дистрибутерски компании на филмови кои работат во нашиот пазарен регион.

Шеталиште: Може ли да ни откриете кои блокбастери не очекуваат во наредниот период?

Во ноември ќе ги прикажуваме филмовите „Убиство во Ориент експрес“, „Лига на правдата“, „Божиќ кај лошите мајки“, „Мајка“ и анимираниот филм „Коко и големата тајна“, а во месец декември ќе се прикажуваат  филмовите „Војна на ѕвездите: последниот џедај“, детскиот филм „Мечето Падингтон“ и многу други наслови.

Шеталиште: Кој жанр на филм досега се покажал како најбаран и најгледан во 3Д Кино Битола?

Судејќи според резултатите, најуспешни се акционите филмови, но не заостануваат ни филмовите од жанрот на научна фантастика/ авантура.

Шеталиште: Дали битолчани имаат навика да одат на кино? Дали расте бројот на посетители за овие 4 години?

Навиките започнаа да се менуваат уште во 2014 година, кога порастот беше генерално на сите филмови. Од 2014 година публиката интензивно започнува да ги следи различните жанрови и понудата за истите, и да покажува интерес за насловите кои што следат.  Интересно е кога се анализира развојот на публиката за одреден жанр, на пример комедиите. На почетокот немаше некој значителен интерес доколку се споредат резултатите во однос на друг жанр. Но бројот на посетители се повеќе расте бидејќи гледањето на комедија во кино сала не може да се замени затоа што самата атмосфера ве понесува.

Забележителен е растот на посетители од другите градови и раст на бројот на млада публика.

За крај, нас како тим најмногу не мотивира задоволна публика и убавата атмосфера која ја создава нашата публика.

 

СН Финансии
To Top