Новости

Интервју

Вистинско задоволство е да се присуствува на концерт на Андре Риу – Емилија Сарафска за своето искуство

Да се искористи можноста и да се присуствува на концерт на неповторливиот виолинист и диригент, холанѓанецот Андре Риу е вистинско доживување. Токму тоа и го направи новинарката од Битола, Емилија Сарафска, која ја искористи можноста да го гледа во Будимпешта виуртуозот на виолина кој има продадено повеќе од 40 милиони албуми, а неговите настапи во текот на годината ги посетиле 600 000 обожаватели. Заедно со неговиот оркестар, „Јохан Штраус“ се светска атракција. Сарафска за Шеталиште раскажа за нејзиното искуство, за концертот, настапот на Риу…

Шеталиште: Какво е чувството да се присуствува на концерт на Андре Риу? Македонската публика често има можност за телевизиските екрани да ги слуша неговите концерти, но како е да се доживее во живо?

Емилија Сарафска: Мислам дека чувството едноставно не може да се опише со зборови. Да кажете одлично е малку, да кажете совршено и да го прераскажете настанот, бидејќи тоа не е концерт, туку е спектакуларен настан, исто така е невозможно. Тоа е спектакл кој буквално ги обзема сите чувства….започнувајќи од музичката програма, изборот на композиции, оркестрацијата, аранжманите, употребата на одредени инструменти во одредени класични, или посовремени композиции и секако, тука е изборот на солисти музичари и пеачи гости. Визуелниот аспект нема да го остави рамнодушен никого, почнувајќи од прекрасно уредената сцена, совршено одбраната позадина за време на секоја композиција, на прекрасната гардероба, особено кај женскиот дел од оркестарот, на шоу мајсторството на Андре Риу, кој стерилната класика ја претвора во забава преку личните гримаси со лицето….на моментот во кој ја гледате забавата и уживањето на целиот оркестар додека ги свири нималку лесните партитури, а пред Вас се изгледа така едноставно….на грижата за секој гледач во публиката, која се согледува преку огромните два видео бимови, 8 поставени камери и прекрасна режија….на постојаната анимација на публиката, на постојаната доза на хумор, но и на иронија, која никогаш не ги надминува границите на пристојното. Се на се, комплетна храна за сите сетила на личностите кои го сакаат овој вид на концерти. Успехот на Риу, меѓу другото, се темели и на различноста на програмата, па оттука, она што може да се види на тв екраните е секако одлично, но чувството во живо е единствено и уникатно.

Шеталиште: Имаш присуствувано на повеќе концерти во Македонија од ваков тип, службено и приватно. Може ли да се направи споредба?

Емилија Сарафска: Да, за среќа, поголемиот дел од она што ми било желба, сум имала можност да го гледам во живо, сеедно дали било во земјава, или надвор од неа. Ете, концертот на Андре Риу го гледав во Будимпешта, а минатата година, во август месец, во истиот град за „влакно“ ми побегна можноста да го гледам големиот Пласидо Доминго. Не кријам дека класиката е мој фаворит, но тука се и рок концерите, или пак големите музички имиња, така што за добра „свирка“ сум знаела да патувам насекаде. Разликата меѓу концертите во Македонија и надвор од неа, од аспект на квалитетот на изведбата на музичарите, речиси и да не постои, затоа што тие се професионалци и си ја завршуваат работата за која се добро платени, а од друга страна, доколку и публиката пројави интерес и пулсира за време на концертот, изведувачите дополнително уживаат во сопствената изведба. Но, разликата се гледа во организацијата, просторот на одржување на концертот, понекогаш и озвучувањето, но за среќа големите имиња си носат своја екипа за таквата реализација. Би го споменала за споредба концертот на сега веќе покојниот Џо Кокер во Скопје пред шест години, кој од аспект на озвучување во салата „Борис Трајковски“ беше комплетно разочарување. Не дека бендот или самиот Кокер беа лоши, напротив, имате сала во која се бучи, а Вие шетате низ цела сала и го барате делот каде што таа метална бучава е најмала. Затоа пак, одлични беа концертите на Дјуран Дјуран, Били Ајдол, 2 Челос итн…..а сега, најновото разочарување ми се билетите за Стинг, затоа што се шират гласини дека се продадени за 20 часа, односно купени од препродавачи. Доколку тоа навистина испадне така, ќе биде уште една црна точка во однос на организацискиот дел на концертите. Но сепак, тука е и фестивалот Охридско лето, кој секоја година носи некое одлично музичко изненадување, кое буквално, Ви го одзема здивот. Најчесто, Античкиот театар во Охрид како домаќин, нуди одлични услови за добар концерт, сеедно дали се работи за Стефан Миленковиќ, Влатко Стефановски, или пак Елина Гранача и Дмитри Хворостовски. Ако постои добар простор и организација, тогаш речиси и да нема разлика дали концертот е во Македонија или надвор од неа.На пример, големиот Хворостовски не би си дозволил да пее „поразлично“, да не речам полошо во Охрид, за разлика од Москва.

Шеталиште: Каков беше амбиентот во салата, однесувањето на луѓето?

Емилија Сарафска: Спортската арена Ласло Пап во Будимпешта е најголемиот спортски објект во Унгарија, дом на голем број концерти во текот на целата година, но и на светски првенства во одредени спортови или пак други манифестации. Салата е огромна, а за одреден концерт, ако се адаптира, собира и до 12.500 луѓе. За цела година однапред се знае кој кога гостува, на пример во октомври настапува Стинг, музиката на Енио Мориконе, во ноември Андреа Бочели, Крис Риа и кој уште не, а распоредот е направен до следниот април. Убаво е чувството кога на паркингот излегуваат сите од автомобили во убава пристојна гардероба. Ретко кој доцнеше, а немаше ниту доцнење на стартот на концертот, односно Андре Риу го започна концертот во 20.05, па кој дошол, дошол, не чекаше како Симон Трпчевски половина час од најавеното време за да го започне концертот. Луѓето точно и прецизно си ги бараа своите места, немаше викање, гласни коментирања доколку некој не можеше да се снајде, на паузата исто така немаше време за толеранции….луѓето беа дојдени на концерт да уживаат, да слушаат музика буквално од целиот свет, да се забавуваат на свој начин, да пеат, да ракоплескаат, а не да дојдат за да бидат видени и забележани во гардеробата, или пак само да се каже дека биле дел од тој концерт. Озвучувањето беше одлично, веќе ја споменав режијата, која исто така речиси до перфекција го долови свирењето на сите инструменти, соло настапи, детали, едноставно, ништо не беше препуштено на случајноста.

Шеталиште: Што те импресионираше најмногу од целиот настан?

Емилија Сарафска: Андре Риу пронашол сопствена, уникатна метода на презентирање на класичната музика, со примеси на приказни и хумор, кои можеби некој и не ги прифаќа, но очигледно развил одлична формула за успех. Речиси секоја изведена композиција или името на гостинот изведувач, е поврзан со дел од 30-годишната кариера на Андре Риу и неговиот оркестар Јохан Штраус, со што самиот Риу прави одреден вовед и нарација. Има многу хумор, а се гледа дека оркестарот свири со големо уживање. Сите до еден се одлични музичари, а истовремено и шоумени, почнувајќи од самиот старт, кога излегувањето не им е директно на сцената, туку влегуваат на сцена од кај публиката, движејќи се низ неа. Меѓутоа, вистинското импресионирање следуваше по крајот на официјалниот дел од програмата, кога цела публика се втурна пред бината и следуваше урнебесен бескраен бис, кој во себе содржеше од класика до рокенрол….верувајте, бисот траеше повеќе од половина час, публиката играше и пееше, а Андре Риу буквално и се обраќаше на публиката со зборовите „Ве молам, заминете, оркестарот и јас сме веќе преморени“, но продолжуваа. И така, целото музичко задоволство траеше до 23 часот, или поточно кажано, тричасовно уживање за сите сетила и спомен вреден за секој вложен денар.

За мене лично, убавата бајка продолжи и наредниот ден низ Будимпешта, со утринско кафе на познатата улица Ваци во прекрасниот амбиент на кафе-слаткарница Жербо од 1858 година, па бројните разгледи на катедралите и кралските дворци во Будим со мојата блиска другарка Марија. Неколкудневниот престој во Унгарија, не само во Будимпешта, навистина ќе остане врежано како уште едно добро патувачко, но и концертно лично искуство.

GOLD
To Top