За прв пат режираше во филмовите и сериите „Монтевидео, Бог те видео“ и „Монтевидео, видимо се“, а на годинашното издание на „Браќа Манаки“ ја промовира пилот-епизодата од неговата нова филмска серија, „Сенки над Балканот“, чиј кинематографер е Иван Костиќ.

„Сенки над Балканот“ има 11 епизоди, зад продукцијата стојат армија од стотина актери и филмски професионалци на креативните позиции. Филмската серија жанровски е трилер со историска тематика од крајот на дваесеттите години на минатиот век во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, во која се испреплетуваат судбините на „малите луѓе“ и големите историски настани и криминални заговори. Во епизодите на една филмска серија ќе продефилираат ликови како белогардејскиот генерал Врангел, руските козаци, српските полицајци и перверзните офицери и други високи државни службеници, дворските дами и евтините улични проститутки, криумчарите на опиум и ВМРО-вците, што ветува сигурен интерес кај публиката.

Дали иднината на филмската индустрија и во нашиот регион е во филмските серии?

Добро би било иднината на филмската индустрија да биде таква. Ќе видиме, јас се надевам. Серијата „Сенки на Балканот“ и во продукциска и во естетска смисла е еден вид новина во таа индустрија, па се надевам дека ќе ја имаме таа иднина.

Во вашиот режисерски првенец „Монтевидео“ една контроверзна историска личност, Мустафа Голубиќ, само се „прошета“ низ приказната. Колку што можевме да видиме во пилот-епизодата на „Сенки над Балканот“, тој ќе биде еден од позначајните ликови?

Да, да, Голубиќ ќе има многу значајна улога во „Сенки над Балканот“…

Говориме за напливот на филмските серии и во нашиот регион, но дали тие можат да се оквалификуваат и како продукциски ривајвл на ексјугословенските серии како „Жежок ветар“, кои имаа висок продукциски профил?

Времињата се сменија, секое време носи свои правила. Но, сериите станаа мошне битен елемент во филмската индустрија, тие дури се и позначајни, по многу што, од класичните играни филмови на естетско и продукциско ниво. Добро би било да има посериозен пристап и кај нас, било да се работи за историски или современи драмски серии. Ако бидеме паметни, и нашите филмски серии ќе имаат голем успех.