Новости

Интервју

Интервју со Марија Герас Дочовска: Битола има право да упати најгласна порака – Никогаш повеќе Холокауст!

Глaвната програма од одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на Евреите оваа година ќе се случува во Битола. На 11 март ќе присуствуваат повеќе високи државни претставници од Македонија и Израел и сите заедно ќе ја испратат пораката: Никогаш повеќе! Истиот ден ќе се одржи и вторниот по ред Марш на живите. Дел од неколкудневната програма ќе бидат информатичкиот натпревар Хакетон, семинарот за еврејското минато во Битола, семинарот за лидерство во организација на Ротари на Македонија и на Израел и премиерната изложба “Повеќе од должност” на Музејот на холокаустот од Израел Јад Вашем. По тој повод разговаравме со координаторката на проектот Меморијален парк на Евреите од Монастир/Битола, Марија Герас Дочовска, од Здружение за одржлив урбан развој АРХАМ-Битола. Таа вели дека Битола е горда што е град во кој што антисемитизмот до 41-ва година беше непознат. Битола е град во кој што пазарот зборуваше осум јазици, во кој што секоја етничка заедница ги познаваше обичаите и ги ценеше обредите на другите етникуми. 

Шеталиште: Која е пораката која што ќе биде упатена од Битола по повод 75-годишнината од депртацијата на Евреите?

Герас Дочовска: 2018 година е значајна по два јубилеи. Прво тоа е одбележувањето на 75 години од депортацијата и уништувањето на еврејските заедници во Битола, Скопје и Штип. Но исто така оваа година е и година на славење и тоа на 70 години од формирањето на државата Израел во која што се вселија и почнаа да го развиваат својот дом и својата татковина сите преживеани Евреи од светот, вклучувајќи ги и оние кои дојдоа од Битола. Оваа година како продолжение на засилените активности од минатата година на комеморирање на исчезнатата битолска еврејска заедница ние, организаторите на настаните, имаме задоволство да имаме голем тим за организација и да се приклучиме во сите комеморативни активности во Република Македонија, за кои што главното покровителство го носи Премиерот на Република Македонија Зоран Заев. Комеморативните активности по повод 75 години од депортацијата ќе се одржат во Битола на 11 март, во недела, при што е предвидено програмата да трае околу пет часа. На четири пунктови ќе има мошне интересни содржини. Самата комеморација оваа година има и една дополнителна цел да ги анимира денешните жители на Битола од сите генерации да покажат активен однос кон сеќавањето, но и кон разбирањето на тоа што значи испраќањето на пораката: никогаш повеќе холокауст, никогаш повеќе поттикнување на омраза помеѓу народите!

Шеталиште: Кој е организатор на активностите во Битола и какви содржини се предвидени?

Герас Дочовска: Оваа година во Битола ќе имаме низа на активности поврзани со комеморацијата, во врска со која активностите реално ќе траат цела година, а кои почнуваат на почетокот на месец март. Кулминацијата на активностите ќе биде на 11 март, при што ќе бидат запазени традиционалните, но ќе има и нови активности. Традиционалниот дел е полагањето на цвеќиња на двата споменици на депортираните Евреи од Битола, жртви на Холокаустот. Вкупно 3.351 лице беа качени на возовите во утринските часови на тој кобен ден. Тоа се речиси 800 семејства, кои беа депортирани за да стигнат во кампот на Монополот во Скопје, каде што во ужасни услови живееа околу две седмици и од таму беа депортирани директно во гасните комори на Треблинка. Факт е дека од овие сите луѓе само осуммина успеаа да се спасат. Ќе полагаме цвеќе и на споменикот на Естреа Овадија Мара во името на околу 40 битолски партизани од кои што 17 ги положија своите животи уште во Втората светска војна за она што е наша слобода денес. По полагањето на цвеќињата следува вториот по ред Марш на живите или Марш на животот. Главниот покровител на манифестацијата е Општина Битола, која што има поддршка од нашето Здружение АРХАМ. Манифестацијата е поддршана и од Универзитетот “Свети Климент Охридски”-Битола, како и од здравствените институции во Битола предводени од Здравствениот дом “Д-р Хаим Абраванел”. Исто така вклучен е и Црвениот крст на Битола, како и Здружението на Борците и двата Ротари клубови на Битола. Но не сме само локални организатори. Така на пример “Акта нон верба” е организација од Скопје со чија што помош ќе имаме делегации од цела Македонија и соседните земји. Најавен е прием на странски делегации од Албанија и Косово. Преку Црвениот крст ќе имаме голема група на луѓе од Црвениот крст на Црна Гора. Преку нашите соработници во Израел, пред се амбасадорот на Израел Ден Оријан, ќе имаме претставници од Универзитетот Бар Илан и од Асоцијацијата за зачување на наследството на евреите од Монастир/Битола. Ќе ни дојдат членови од околу 70 семејства кои што се потомоци на битолски Евреи. Важно е да се спомене дека на листата на гости имаме и луѓе кои што специјално доаѓаат од Чиле, САД, Унгарија и од Србија. Еден од организаторите за кој што многу се радуваме што ќе можеме да му бидеме домаќини е и директорот на Интернационалниот Марш на живите, г. Ахарон Тамир. Тој ќе има специјално обраќање во текот на комеморативните активности. Се надеваме и дека ќе бидеме поканети да станеме дел од меѓународната организација на градови кои што го паметат Холокаустот и го спроведуваат Маршот на живите. Важно е да се знае дека со нас ќе бидат голем број високи претставници од повеќе држави, почнувајќи од нашата матична земја, како што е претседателот на Собранието на Република Македонија, Министерот за култура на Република Македонија, претставници на амбасадите на многу земји. Од Израел тука ќе биде и заменик министерот за одбрана на Израел, а ќе дојде и висок претставник на Музејот Јад Вашем, кој е матичен музеј на холокаустот во светот. Воглавно, ќе има многу гости од цел свет, многу странски медиумски екипи, многу обични и помалку обични луѓе, претставници на многу институции.. Како и секоја година со нас ќе бидат и Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на холокаустот, коишто ја превзедоа задачата за  организирање на активностите во Скопје, каде што всушност и завршува на крајот Маршот на живите пред вратите на Монополот.

Шеталиште: Зошто Битола можеби има и најголемо право да испраќа најгласна порака на 11 март? 

Герас Дочовска: Битола во секој случај има право да упати најгласна порака од оваа манифестација. Битола најпрво ја упатува пораката кон идните генерации, кон генерациите кои што денес ја создаваат својата лична свест за утре тие да влијаат врз ликот на целиот свет. Постарите генерации на 11 март ќе им се обратат на младите генерации за да им кажат: „ Во Битола 500 години постоеше соживот“. Битола е горда што е град во кој што антисемитизмот до 41-ва година беше непознат. Битола е град во кој што пазарот зборуваше осум јазици, во кој што секоја етничка заедница ги познаваше обичаите и ги ценеше обредите на другите етникуми. Битола заради тоа има право да каже: ние сме свесни што изгубивме кога ни беше одземена една цела заедница во еден единствен ден. И ние сега ја пренесуваме таа порака. Нема да дозволиме да се повтори и ќе бидеме отворени секогаш за сите кои што сакаат да имаат соживот со нас.

Шеталиште: Како дел од целата програма во Битола ќе се одржи и информатичкиот натпревар Хакетон, во чии рамки својата експертиза ќе ја пренесат врвни ментори од информатичката индустрија од Македонија и Израел. Која е целта на Хакетонот?

Герас Дочовска: Четири големи настани ќе се случат пред 11 март и ќе добијат својата кулминација во текот на комеморативните активности. Во тој контекст прво би сакала да го истакнам Хакетонот, натпревар на луѓе од светот на информатичките технологии кој што се организира во соработка со Министерството за надворешни работи на Израел и Министерството за информатички технологии на Република Македонија. Активен учесник во локалните настани е Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола. 80 млади лица кои што се занимаваат со софтвер, хакатонци од цела Македонија, ќе дојдат во Битола. Тие ќе работат под покровителство на извонредни ментори кои што ја познаваат приказната за оживување на еврејското минато во Битола, поттикната од нашиот тековен проект за ревитализација на Еврејските гробишта и создавање на Меморијален парк. Овие ментори ги познаваат и техничките вештини за создавање на нови содржини. Тие ментори се од Израел и од Македонија и тие менторски ќе ги водат младите низ работата. Интензивно ќе се работи во текот на 36 часа, по што новосоздадените информатички и идејни решенија ќе бидат искористени за натамошна промоција на Битола. Исто така мошне значајна активности е семинарот за еврејското минато во Битола, кој што го организираат самите гости кои што доаѓаат. Овој семинар ќе се одвива во тек на два дена, од петок навечер до сабота навечер. Истакнати говорници, експерти и добри познавачи на темата ќе презентираат пред другите гости теми поврзани со централната манифестација на 11 март. Ќе ја раскажуваат и прераскажуваат сефардската историја, битолската историја, обичаите, традициите… Меѓутоа сите тие заедно и ќе планираат и ќе договараат што натаму.

Шеталиште: Ова одбележување нема да заврши на 11 март, продолжува повеќегодишна работа во правец на подигнување на свеста за овој значаен дел од битолското минато поврзано со Евреите кои своевремено тука живееле. 

Герас Дочовска: Активностите нема да завршат со мартовските настани. По повод 75 годишнината ќе имаме и други настани во текот на целата година. Во рамките на нашиот проект за ревитализација на еврејските гробишта и нивното претворање во меморијален парк, кој веќе го нарекуваме Паркот на живите, оваа година ќе ја реализираме идејата презентирана пред две години, а тоа е инсталирање на сончевиот часовник на нашиот,израелскиот  и светски уметник Мати Грунберг. Тоа е една голема скулптура која што го прикажува времето онака како што сонцето го мери. Поставувањето ќе се случи на почетокот на месец јуни ако нашите активности течат според планираното. Важно е да се знае дека минатата година успеавме да анимираме многу организации и да ги привлечеме потребните средства за две работи. Едната е Ерусалимската патека. Тоа е всушност создавање на една добро проодна патека покрај оградата во самите гробишта, за да можеме да пристапиме до новооткриените плочи. Втората работа е содржината на самиот парк. Тоа е спомениот на Мати Грунберг. Искрено им се заблагодарувам на амбасадорот Дан Оријан, на д-р Шели Леви Друмер, меѓутоа и на 1000 луѓе кои што имаат битолско потекло, а живеат во Израел, и кои што зедоа активно учество за да ги обезбедиме овие средства. Во рамките на летната програма ќе имаме и многу ладино музика како дел од битолското културно лето и Локум фест. Веќе со сигурност можеме да го најавиме концертот на кој што ќе пее Сара Ароесте, поп ладино пејачка која што живее во Њујорк, но чии корени се од тука, од Битола, од едно од можеби највлијателните еврејски семејства во градот, семејството Ароести.

 

 

GOLD
To Top