Новости

Интервју

Интервју со Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола

Наташа Петровска е една од шесте жени кои застанаа на чело на шест општини во Македонија, а Општина Битола ја доби првата жена градоначалник. Во пресрет на утрешниот празник, 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, поразговаравме со неа за предизвикот кој го носи стапувањето на функција градоначалник, за поддршката од нејзиното семејство, но и нејзините ставови како треба Битола да се движи во наредниот период, за време на нејзиниот мандат. Се залага за транспарентност, но не за формална, а Битола после една година ја гледа поместена, во позитивна смисла.

Шеталиште: Со Вашата победа, Општина Битола ја доби првата жена градоначалник, момент кој пошироката јавност го оцени како историски. Дали за вас како жена градоначалник претставува предизвик да ја извршувате оваа функција со оглед на фактот што сте меѓу шесте жени кои беа избрани за градоначалнички на последните локални избори?

Наташа Петровска: Дефинитивно претставува предизвик, меѓутоа заради сите околности заради кои што ги споменавте претставува и обврска плус. Јас многупати и кога сум разговарала со моите колеги градоначалници или кандидати додека бевме во предизборниот период, секогаш сум велела дека чувствувам обврска и товар плус затоа што успешна приказна на жена во овие околности, на пробивање на жената во политиката и генерално на раководни позначајни функции, отвора врати и за други жени и може да донесе до поместување на она што општествено ни се случува околу распределбата на позициите и местата. Неуспешна приказна би го успорила на некој начин тој процес. Така што тој е оној дополнителен товар и обврски наспроти сите други што би ги имале останатите, да кажам мажите кандидати.

Шеталиште: Да се навратиме на моментот кога пред неколку месеци ја поднесовте Вашата кандидатура за градоначалник. Како се чувствувате сега, потсетувајќи се на тој момент и визијата која ја имавте тогаш?

Наташа Петровска: Знаев дека влегувам во нешто што е многу сериозно, што ќе бара посветеност и работа, знаев дека многу работи се наталожени и треба да се поправат. Меѓутоа бев решена да го направам тоа. Како течеше времето она што го забележував кај луѓето беше исклучителната поддршка, љубовта која ја гледав и надежтта во нивните очи. Тоа уште повеќе ме трезнеше уште повеќе, дека практично морам да возвратам многу повеќе можеби и од она што сум го очекувала од себеси и што сум го барала од себеси, што сум се надевала дека сум подготвена да го исполнам. И тоа ме тишти сé уште, сé уште ми тежи таа дополнителна додадена вредност затоа што кога ќе ги видите луѓето, а имав прилика да ги видам за време на изборната кампања и се потврди со резултатите и сега во овие денови во контактите со нив, дефинитивно ме прави уште побудна за состојбите дека треба длабоко и сериозно да се одговори на нив. Таа е разликата меѓу она кога самата влегував во сето ова, ја носев одлуката и она што како додадена вредност го имам после согледувањата на вербата и надежите на граѓаните.

Шеталиште: Како реагираше вашето семејство на вашата кандидатура за градоначалник  и откако станавте „мајка“ на градот?

Наташа Петровска: Најпрво разговарав со мојот сопруг и тој ми рече што и да одлучам во тој период кога размислував дали да се кандидирам или не, поддршката од него ќе ја имам. Во многу наврати кога се колебав да речеме на моменти, тој беше оној кој ќе речеше „мислам дека си подготвена и мислам дека можеш“. Нешто што е нормално кај една личност, се јавува и едната и другата опција. Уште од самиот почеток ја имав поддршката. Меѓутоа морам да признаам, од 1998 година сум со мојот сопруг како брачен пар и отсекогаш сум ја имала поддршката. Отсекогаш сме функционирале на начин што немало кај нас што е машка, што е женска работа, што ќе направи едниот, што ќе направи другиот, или едниот да одлучува за едно, другиот за друго, едноставно, постојано сме споделувале. Така функциониравме токму и за ова и таа поддршка исклучително ми значела и ми значи и во овој период затоа што, не дека не сум била отсутна од дома, сум имала многу ангажмани по низа основи. Во рамките на мојата работа, но и дополнителна работа било како соработка со едукативни центри, со мојата професија како педагошки работник, меѓутоа и со советничкиот мандат кој го имав, со ангажманот во политиката, внатре во партијата како член на Извршен одбор, имаше низа ангажмани кои бараа отстапки во смисла да бидам често отсутна од домот. Градоначаличката функција носи плус на сето тоа, така што можеби не е некоја драстична промена, но има промена во нијанса во дополнително отсуствување од домот. За што исто така имам поддршка и сум бескрајно среќна токму заради тоа што сум имала ете таква можност да запознаам таков човек во животот кој што од сите аспекти ме поддржува. Инаку поддршката ја имам и од другите членови од семејството, живеам во својот дом со свекор, имам два сина и јас сум единствената жена во куќата и сите комплет сме функционирале токму така на тој начин. Ако се прават кори, правиме сите. Кој во кој дел може да помогне, еве тоа како еден пример. Имам исто така и брат и сестра, мајка, татко ми за жал веќе не е меѓу нас. Но и со нив сме функционирале постојано низ разговор, низ дискусија, споделување проблеми, радости, од тој аспект сум била можеби среќна што сум се родила прво кај моите во такво семејство и што сум се омажила во семејство каде што добро функционираат тие релации.

Шеталиште: Што ќе Ви биде приоритет првите месеци од Вашиот мандат? Ќе се фокусирате ли на одредени области?

Наташа Петровска: Не би сакала да се сконцентрирам само на некоја област. Она што е должност на секоја локална самоуправа е пред се инфраструктурата, одржувањето на сето она што е поврзано со јавните претпријатија, тоа е основниот сервис на една локална самоуправа. Меѓутоа тоа подразбира и да не ја запоставите и културата, културниот живот на градот, да не ја запоставите можноста за економскиот развој на градот. Широк е спектарот на кој треба да делувате. Сите сегменти се исклучително значајни. Не може да кажете дека сега ќе се сконцентрирам само на ова, а другото ќе го оставам за во нареден период, затоа што воглавно секаде имате процес кој што бара време, си има почеток, па контиунитет на реализираност и крај; и тој процес едноставно гo диктира поставувањето на нештата повеќемултифункционално, да кажам. Не можете да се сконцентрирате само на едно. Она што досега го направив е согледување на состојбите во самата општина, за тоа ќе излезам со детален извештај пред медиумите. Но не за да најдам оправдување и да си обезбедам алиби за тоа колку ќе бидам успешна во наредниот период, туку затоа што некои состојби јавноста ценам дека треба да ги знае. Еве уште денес разговарав со многумина дека тоа што го исканализирав во смисла давање насоки што треба да се сработи во согледување на состојбата веќе мора да заврши, десетина дена веќе поминаа. Затоа што не чекаат веќе развојните програми, не чекаат работи каде што треба да ги додефинираме некои ситуации и веќе да размислуваме на идните чекори. Таман работа ако ние цело време го потрошиме на анализа, има други инстанци кои треба да вршат анализи на состојби итн., јас го направив само она што сметав дека беше суштински важно за да видам каде се наоѓам, од каде тргнувам и веќе почнувам да размислувам кој од проектите во која форма би ги вметнала и како би се реализирале фазите на истите.

Шеталиште: Вашето претходно работно место беше професор во Техничкото училиште, а и како советник во битолскиот совет често говоревте и бевте запознати детално за состојбата во битолските училишта. Што е она според Вас, што треба во прво време да се преземе кога се работи за образованието и училиштата во Општина Битола?

Наташа Петровска: Состојбата во битолските училишта е очајна пред се од финансиски аспект гледано. Тоа се дефинитивно наталожени проблеми и сериозни суми. Во бројки не би ги кажала сега, ќе ги кажам кога ќе говорам за извештајот кој го споменав. Меѓутоа, дефинитивно мора да се поместат работите. Јас и во претходни ситуации, разговарав и со претставници од централната власт дека Општина Битола од тој аспект се наоѓа во сериозно очајна ситуација, ако пак се навратам на она дека паралелно мора да се одвиваат многу процеси. Тоа значи дека не може да се зафати само образованието и голем дел од парите од буџетот да се излеат за да се средат состојбите во образованието. Дефинитивно централната власт мора да преземе нешто што ќе значи припомош за овој проблем затоа што ако Општина Битола сама го прави тоа тогаш би било многу потешко во донесување на некои свежини во воспитно-образовниот процес и во училиштата кои се нормални да ги работите доколку вие се наоѓате во здрава финансиска состојба. Тогаш би имале нормална стартна состојба за прогрес и би зависело само од вашето менаџирање со образовните институции. Меѓутоа, тука веќе имаме нешто друго кое што ја одзема вашата енергија и време, но и средствата кои ги има општината за нешто што како зулум, можеби е тежок збор да го кажам, но сепак ќе го употребам, е направен во претходен период. Тоа е едниот момент, она што може Битола да го направи со својот буџет, она што ќе го бараме од централната власт. Но се уште стои она што значи амбасади, дипломатски претставништва и низа фондови да ги искористите токму во насока на средување на состојбите во образованието и ако сите овие работи ги споите, јас ќе бидам упорна во тоа да ги реализирам поместувањата на состојбите во образованието во позитивна насока, да бидат видливи.

Шеталиште: За време на кампањата, но и после стапувањето на функцијата градоначалник бевте категорични дека општината ќе биде транспарентна. Што тоа поконкретно ќе значи?

Наташа Петровска: Тоа значи, еве на пример еден од новинарите кој што дојде рече – многупати досега сме имале ситуација да се јавуваме до шефот на протокол, па шефот дали ќе одобри, па не можам да го добијам градоначалникот итн. Еве досега во овие десетина дена новинарите видоа, барем тие кои посакаа да оставарат средба дека веднаш ја добија поканата да го реализираат она што го испланирале како нивна агенда. Но, транспарентноста значи и отвореност кон граѓаните. Еве на пример колку имало кочница во функционирањето на нештата: поштата стигнувала на едно место и потоа еден ја распределувал понатаму, настрана од архива. Првото нешто кое што го направив, ги замолив луѓето кои што ја примаат пошатата и претставките на граѓаните во архива да ги насочуваат кон одделенијата, соодветно да ги распределуваат и да ги насочуваат кон раководителите на одделенијата и веднаш на тој начин добивате всушност поголема брзина во добивањето на пратките до точното лице во општината. Транспарентноста значи и дека граѓаните доколку навистина имаат проблеми со кое било одделение, имаат право да ми се обратат и мене и да кажат дека одреден проблем не им бил решен, за потоа јас всушност да ги повикам одговорните да појаснат дали навистина состојбата е таква, дали граѓанинот е во право, затоа што не можете априори да ги обвините вработените, секогаш треба да ги сослушате двете страни. Отвореноста значи и дека всушност ќе создадете фрекфентни состаноци со целни групи, кои што досега не се случувале. Да речеме, добро би било да ги сретнувате со одредена динамика стопанствениците, спортистите, на тој начин да одржите со нив работни состаноци, кои досега на овие простори биле присутни само за време на кампања, и да ги прашаме што се проблемите што ги тиштат. Ако вие тоа го правите неколку пати во годината, најмалку двапати, на шест месеци, во тој случај ќе ги следите работите, ќе имате можност да им кажете транспарентно како вие гледате на проблемите кои ги тангираат нив и во таа отворена комуникација ќе имате можност да ги решавате проблемите. Мене ми смета формален отворен ден во општината, не сакам тоа да биде така. Не сакам да биде отчетност во облик на некоја брошура, отчетност е ако вие всушност на вашата веб страница ги истакнувате работите кои ги работите и ако ја имате отвореноста во комуникацијата со граѓаните. Малку поинаку ги гледам тие работи, како ќе ги спроведам – времето ќе покаже.

Шеталиште: Како ја гледате Битола после првата година од Вашиот мандат?

Наташа Петровска: Поместена во позитивна смисла. Битола која ќе биде почиста, Битола која ги направила чекорите за заштита на животната средина, Битола која што нема да има катадневно културен настан, ќе има културни настани помалку на број, меѓутоа квалитетни, Битола каде што граѓаните ќе бидат порадосни. Ние имаме ситуации во институциите луѓето кога ќе влегуваа, влегуваа со страв. Кога ќе се враќаа и кога ќе одеа луѓето на работа, одеа и се враќаа потиштени. Нам ни се потреби целосни поместувања на склопот како нештата треба да функционираат. Не би рекла дека за еден мандат, јас ја гледам Битола со улица без дупка. Не можете тоа да го направите за еден мандат. Но ако започнете една улица, треба да ја затворите. Да не ја оставате со месеци да стои така. Нештата да бидат малку поинаку. Чекор по чекор, малку по малку, да ги направиме во четиригодишниот мандат да ги направиме нешатат многу поинаку.

Шеталиште: За на крај, во пресрет на утрешниот празник на Битола, 4-ти Ноември, која е Вашата честитка до граѓаните на Битола?

Наташа Петровска: Сакам да им порачам на граѓаните дека сé она што го направиле нашите претци е само причина повеќе да им бидеме благодарни, но како? Низ наши дела, за да ги заслужиме нивните дела. Со таа мисла би им го честитала 4-ти Ноември на граѓаните на Битола.

Маја Богоевска

Студирајте на БАС
To Top