Новости

Битола инфо

Интервју со Раде Христовски, член на Советот на Координатори на Сојузот на Ротари Клубови од Македонија

РАДЕ ХРИСТОВСКИ

На 27 мај во Љубљана, Словенија се одржа Годишна Ротари конференција на Дистриктот 1912 Словенија и Македонија. Тоа беше прва заедничка конференција на Ротари Словенија и Ротари Македонија, а беше оценета како доста успешна. Беа потпишани и повелби за збратимување помеѓу клубови во Македонија и Словенија. На самата конференција беа презентирани последните бројки кои ја покажуваат големината на најголемата клупска организација во светот – Ротари Интернационал:

1.207.913 Ротари членови

35.399 клубови

534 дистрикти

219.029 Ротаракт членови (18 до 30-годишна возраст)

9.523 Интеракт членови (14 до 18 годишна возраст)

Во Европа 308.555 Ротари членови

По тој повод, за значењето на конференцијата, но и ротаријанството, разговаравме со Раде Христовски, член на Советот на Координатори на Сојузот на Ротари Клубови од Македонија и член на Ротари Клубот Битола кој присуствуваше на конференцијата. Поттикнати од мотото, „Service above self“ (Службата над себеси), Ротари работи на подобрување на средината во која живеат.

Шеталиште: На што беше посветена конференцијата во Љубљана?

Раде Христовски: На конференцијата во Љубљана беше присутен специјалниот претставник на претседателот на Ротари Интернационал, господинот Bill Chen. Дистриктните конференции на Ротари се годишни конференции кои се одржуваат при крајот на мандатот на Гувернерот на Дистриктот во ротаријанската година (01.07.2016-30.06.2017). Гувернер на Дистрикт 1912 е господинот Јоже Задравец од Словенија. Практично на конференцијата се дава извештај за резултатите од функционирањето на Ротари клубовите во Дистриктот. Ова беше прва заедничка конференција на Ротари Словенија и Ротари Македонија и слободно можам да кажам дека беше многу успешна. Македонските ротаријанци во ништо не заостануваат зад словенските. Конференцијата беше искористена и за потпишување на повелби за збратимување на повеќе клубови од Македонија и Словенија.

Шеталиште: Што е Ротари и кои се ротаријанците?

Раде Христовски: Тоа се оние 1.208.000 членови, ваши пријатели, лидери во професијата, ваши соседи, здружени заедно за да направат трајни промени во заедницата и да го направат светот поубаво место за живеење. Обезбедуваат хуманитарна помош, поттикнуваат високи етички стандарди во сите професии и помагаат во градењето добра волја и мир во светот.

Шеталиште: Колку Ротари клубови има во Македонија?

Раде Христовски: Во Македонија постојат 19 Ротари клубови со околу 560 членови вкупно. Организирани се во Сојуз на Ротари Клубови од Македонија и се во рамките на Дистрикт 1912 Словенија и Македонија. Во Битола функционираат 2 Ротари клубови: Ротари Клуб Битола и Ротари Клуб Битола – Широк Сокак. Исто така функционираат два Ротаракт клубовиза возраст од 18 до 30 години и еден Интеракт клуб за возраст од 14 до 18 години.

Шеталиште: Од кога сте член на Ротари?

Раде Христовски: Јас сум член од самиот почеток на возобновување на првиот Ротари Клуб во Битола, односно од 1998 година. Бев претседател на клубот во ротаријанската 2000/2001 година, следните години обавував повеќе ротаријански функции во клубот и надвор од клубот, како секретар за Македонија, неколку години асистент на различни гувернери на Дистрикт, координатор на асистенти за Македонија, координатор на Сојузот на Ротари клубови од Македонија што е и највисока функција на Ротари Македонија, тренер на Сојузот, член на Аadvisory boаrd на претседателот на Ротари Интернационал за регионот на Македонија, Албанија и Косово а моментално член на Советот на Ротари на Македонија и член на Интер Кантри Комитетот Македонија-Словенија.

Шеталиште: Која е Вашата професија?

Раде Христовски: Јас сум дипломиран економист, а магистрирав на менаџмент на човечки ресурси. Се занимавам со трговија, односно сум сосопственик во Кандико и Канди Маркет каде веќе 24 години ја обавувам дејноста.

Шеталиште: Колкав е Вашиот ангажман во Ротари, имате ли некоја посебна задача?

Раде Христовски: Во Ротари има многу широко поле за дејствување. Во клубовите сите сме волонтери и се трудиме да придонесуваме за решавање на одредени проблеми во заедницата. Ангажманот во клубот и надвор од клубот сами го прифаќаме, секој онака како што се чувствува и може да издвои од своето време и средства за да даде придонес. Мојот ангажман се остварува во клубот и надвор од клубот во рамките на Сојузот и Дистриктот. Во клубот сум член на бордот, а во рамките на Сојузот на Ротари Македонија сум вклучен во донесување на најзначајните одлуки за Ротари во Македонија. Македонија од 01.07.2016 е во рамките на Дистрикт 1912 Словенија и Македонија, на што претходеше двегодишен ангажман во кој бев многу активно вклучен.

Ротари клубот Битола од своето постоење до денес има реализирано повеќе проекти на кои се гордееме. Позначајни донации се: донација на две  амбулантни возила, лабораторија за средното медицинско училиште во Битола, дојавувачи за пожар во училиштата во Битола, библиотека во Демир Хисар и рурални средини, двете чешми на шеталиштето,  и многу други проекти. Во завршна фаза е и проектот за обезбедување филтри за прочистување вода за детските градинки во Битола.

Во Битола има 70-тина ротаријанци, 50 членови на Ротаракт и 20-тина членови на Интеракт.

To Top