Новости

Интервју

Интервју со писателката Сања Мучкајева-Видановска

Кога ќе се сретнете со името Сања Мучкајева-Видановска, тоа највероjатно ќе биде на корица на некои од нејзините книги. Во интервјуто кое го направивме со неа, таа нѝ кажува како успева да го спои животот со својата најголема страст, пишувањето.

Шеталиште: Како и кога започнавте со пишување?

Сања:  На ова прашање, во прв момент би одговорила од кога знам за себе. Пишувањето за мене е и првиот дневник што во тоа време секое девојче го чуваше сокриено во својата фиока. Пишување е и првата песна која извира искрено од тинејџерството и сето тоа е искрен излив на емоции, кога трагаш и сакаш да се пронајдеш себеси.

Првиот обид за роман, затоа што во текот на тие години сфатив дека подобро се пронаоѓам себеси во прозата, беше уште во средношколските години. Се разбира дека тој ракопис претрпе коренити измени, не само во однос на приказната туку и во однос на стилот, развивањето на фабулата и начинот на прикажувањето на ликовите. Така мојот прв роман, онаа конечна верзија која излезе во печат и која се сретна со читателите, беше од кога завршив со студирањето. Романот „Грешници”, го издадов во 1998 – та година и тоа не беше годината кога го завршив. Тоа се случи неколку години претходно, но го пречитував, преправав и сакав добро да одлежи пред да го издадам.

Шеталиште: Од каде црпите идеи, инспирација? 

Сања:  Писателот е набљудувач кој со својата љубопитност успева да го види она што другите не можат. И тоа секој писател го прави на свој начин. Затоа сме и различни. Истата приказна секој ја прераскажува на свој начин. Значи, инспирацијата е насекаде. Исто така и идеите. Идеја може да ви изроди обичен настан, кој би го поврзале со нешто суштински битно. И така започнува да се плете приказната. Идеја можете да добиете од една реченица што ќе ја слушнете или прочитате.

Шеталиште: Дали ве инспирираат луѓето?

Сања:  Секако. Но не како целосна приказна, туку како ликови кои може да се вметнат во истата. До сега немам напишано автентична сторија од човек кој го доживеал нештото и да го раскажам сето тоа. Вметнувам лик кој ми се чини иниспиративан за она што го пишувам во моментот, или што би го пишувала. Повеќе ме инспирираат настани и случувања во минатото и сега. Општествени појави на кои сакам да обрнам внимание. Било да се тоа прогресивни или девијантни кои претставуваат негативен тренд во општеството. Или тоа може да се нарече моја борба, во која гласно ќе го искажам мојот револт. Бидејќи, секоја книга се пишува со цел. Мојата цел е да, како што кажав, оставам порака за нешто што сметам дека треба гласно и јавно да се проговори.

Шеталиште: Кој бил најголемиот предизвик во пишувањето?

Сања: На ова прашање ќе се надоврзам со претходниот одговор. Секое време носи свои отпечатоци. И секое општество. Токму тоа ме предизвикува да пишувам за нив: отпечатоците како наследство. Како одбележување на времето во кое сега живееме. Било да се тие негативни или позитивни.

Шеталиште: Во која насока се движи писателската дејност на нашите простори?

Сања: На македонската книжевна сцена, се појавија нови, млади имиња, кои ја одредуваат токму таа насока. Современи автори кои точно знаат да ја потенцираат својата идеја за тоа на каде треба да се движи овој вид на уметност. И тоа ме радува. Современите теми за кои пишуваат и начинот на кој тоа го прават, ја разбуди читателската јавност во Македонија да се заинтересираат многу повеќе за домашните автори.

Шеталиште: Кои се вашите планови за во иднина?

Сања: Имам уште многу да кажам на ова поле. Затоа не застанувам со пишувањето и штотуку го започнав мојот најнов роман, за кој се надевам дека ќе ме води инспирацијата и дека ќе успеам да го прикажам она што го замислив онака како што планирам. И се разбира, да допирам до читателската јавност со сите мои досегашни книги, затоа што за мене најдобриот критичар е токму таа.

 

 

Студирајте на БАС
To Top