Новости

Интервју

Првото Кино Кабаре во Битола – интервју со Наташа Чавдаровска, претседател на ФОРУМ 16

Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола од 15 мај годинава ја започна својата прва crowdfunding (групно финансирање) кампања „КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти“ за да обезбеди 5.500 американски долари, средства кои се потребни за опрема за продукција на кратки филмови за време на првиот Кино Кабаре настан во Битола и Македонија. Кампањата ќе биде поставена на платформата Generosity.com и ќе трае до 30 јуни. За премиерното издание на Кино Кабаре, ФОРУМ 16 планира да донесе на едно место, во Битола, 25 креативни млади лица од цела Македонија, за да добијат обука за човекови права, добро владеење, застапување, како и за основите за продукција на филм. Ова ќе биде проследено со два дена техничка поддршка за снимање и монтирање на филмовите, како и со настан за прикажување на резултатите, односно филмовите пред филмски професионалци и пред пошироката публика. Својот придонес во кампањата може да го дадете ТУКА.

По тој повод разговаравме со Наташа Чавдаровска, претседател на Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола.

Шеталиште: Што е Кино движењето (Kino Movement)?

Наташа Чавдаровска: Кино е глобално движење кое е започнато во Монтреал, Канада во 1999 година. Веднаш потоа се шири низ Европа и светот, во различни земји и во повеќе градови преку воспоставување на кино ќелии, од кои повеќето имаат месечни проекции на филмови. Ќелиите, исто така, организираат настани познати како „Кино Кабаре (kino cabaret) каде што се поканети уметници, лица со различни профили (актери, режисери, монтажери, камермани и останати професионалци и аматери, сите кои имаат интерес за филмот) и соработуваат со цел создавање на „кратки филмови во краток временски период“ – белег на Mеѓународното Кино Движење. Во Македонија се уште нема формална кино ќелија и ФОРУМ 16 е во фаза на основање или воспоставување на кино ќелија во Битола наречена КиноБит, местото каде што е зачетокот на Балканската филмска индустрија.

Шеталиште: Кажете ни нешто повеќе за проектот „КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти“.

Наташа Чавдаровска:ФОРУМ 16 планира да го организира првиот настан Кино Кабаре Битола и да донесе на едно место 25 креативни млади лица од цела Македонија, за да добијат обука за човекови права, добро владеење, застапување, како и за основите за продукција на филм. Ова ќе биде проследено со два дена техничка поддршка за снимање и монтирање на филмовите, како и со настан за прикажување на резултатите, односно филмовите пред филмски професионалци и пред пошироката публика. Потоа, ФОРУМ 16 планира да организира турнеја Кино Караван, преку која филмовите на младите ќе бидат прикажани пред јавноста и публиката низ други градови на Македонија. ФОРУМ 16 секогаш работи со цел да им овозможи на младите од Македонија алатки за да ја изразат својата визија за подобро општество. Поддршка за реализација на оваа наша идеја имаме од Кино-видео клуб „Студио Милтон Манаки“ Битола, Здружение МУЛТИМЕДИЈА – Скопје, експерти од неколку граѓански организации и Коалиција на младински организации СЕГА. Воспоставивме контакти и со неколку кино ќелии од неколку европски земји со кои би сакале да соработуваме за да овозможиме учество на младите од Македонија на интернационалните кино кабаре настани. Ова е особено важно затоа што по првата година Кино Кабаре Битола сакаме да биде интернационален настан, исто така. Во првата година ќе биде отворен само за учесници од земјава. Но, филмовите кои ќе бидат продуцирани, ќе може да се аплицираат на интернационални фестивали за кратки филмови.

Шеталиште: Зошто го избравте филмот како алатка за едукација на младите?

Наташа Чавдаровска:ФОРУМ 16 своите активности од изминатите години ги насочи да ги спроведува преку неколку програми, од кои една е програмата (СТ)АРТ. Преку оваа програма се спроведуваат активности за промоција на човекови права, но преку уметноста. Сакаме преку филм, поезија, цртеж, графит или друг вид на уметност да ги запознаеме граѓаните со нивните права и обврски. Преку КиноБит на пример, сакаме младите луѓе да го искористат филмот како алатка за адресирање на предизвици и потреби во заедницата во која живеат и творат. Да таргетираат проблем и да понудат решение за истиот, или да го направат видлив пред оние институции, организации, компании, медиуми или граѓани кои треба да го решат тој проблем. На овој начин, овозможуваме  услови за креативно изразување и користење на уметноста, односно краткиот филм, како иновативен пристап за граѓанско влијание и учество во заедницата.

Шеталиште: До каде сте со процеот на Crowd funding кампањата?

Наташа Чавдаровска: Во моментов имаме достигнато 25% од нашата цела за собирање на 5.500 американски долари за опрема која би се користела за време на Кино Кабаре Битола настанот. Опремата се состои од камери, лаптопи, софтвер за монтирање на филмовите, проектор и дополнителна опрема за изработка и прикажување на филмовите, за два тима за време на Кино Кабаре Битола. По завршување на настанот, сакаме опремата да биде достапна и во функција за останати здруженија на граѓани или иницијативи за нивните настани и активности. Потребна ни е поголема поддршка од граѓаните со тоа што би донирале одредена сума на проектот кој е поставен на платформата Generosity.com затоа што кампањата трае до 30 јуни. За секоја донација следува соодветна награда. Увидовме дека потребна е поголема свест за донирање на  вакви проекти во заедницата. Во земјава се уште доминира хумантирано донирање и се уште филантропијата е на ниско ниво. Сакаме да бидеме меѓу оние организации кои би направиле промена во свеста кај граѓаните за ваквиот вид на поддршка на нашите проектни и програмски активности, затоа што светот одамна се користи групното финансирање или т.н. „сrowdfunding“ како алтернативен пристап до финансиски средства за различни видови проекти со помош на специјализирани интернет страници (Generosity, Kickstarter, Idiegogo и други).

To Top