Новости

Интервју

Разликите се тие кои нé зближуваат – интервју со Мартин Николовски, студент на ГАЗИ Универзитетот во Анкара, Турција

Кога човек е одлучен, ништо не може да го одврати од неговите намери. Особено кога се работи за неговата иднина. На прагот на полнолетството да се оддели од семејството и татковината и да замине 1000 километри на исток. Од Битола во Анкара. За да студира новинарство. Мартин Николовски го познаваме од малите екрани, уште од мали нозе го засака новинарството и беше цврсто одлучен дека ќе го студира тоа. Но, ја избра Турција, од каде што на негово задоволство доби стипендија на Универзитетот ГАЗИ во Анкара. Разговаравме со него за тоа како е да се студира на јазик кој не му е мајчин, мултукултурното општество и студентскиот живот во Турција.

Шеталиште: Која беше причината да студираш во странство и зошто ја одбра токму Турција?

Мартин Николовски: Причината е едноставна. Како и повеќето млади така и јас, сакав да заминам во странство. Сакав да се здобијам со многу поквалитетно образование, зашто ниту еден од нашите универзитети не е на Шангајската листа за најдобри универзитети во светот. Моментално студирам во главниот град на Република Турција, Анкара, на еден од најдобрите универзитети, ГАЗИ Универзитетот. Навистина сум среќен што студирам и живеам во Турција затоа што тоа беше моја огромна животна желба. За тоа зошто ја избрав Турција – ја одбрав затоа што нуди квалитетно образование, нуди поволни услови за студентите, доделува едни од најдобрите стипендии во светски рамки и е земја каде што најмногу се цени образованието и најмногу се вложува во него.

Шеталиште: Дали е поразлично образованието од кај нас?

Мартин Николовски: За жал, многу сме далеку од образованието кое што го нуди Турција. Пред се на начиот на кое што истото е организирано, можностите што им се нудат на студентите, квалитетно изучување, платена пракса и вработување по завршувањето на високото образование. Во Турција секој не може да заврши високо образование, сите ја немаат таа можност. По завршувањето на средно образование, сите ученици прават државен испит, нешто што наликува на државната матура кај нас, но е далеку потешко и истиот многу тешко турските ученици го полагаат. А всушност тој испит е услов за упис на факултет. Она што е интересно е дека овде високото образование е бесплатно и мене што ми се допадна лично е тоа што секој факултет има менза во која се хранат студентите за многу ниска цена.

Шеталиште: Кои се позитивните, а кои негативните страни на студирањето во странство?

Мартин Николовски: Се разбира има и позитивни и негативни страни. Позитивни страни се тоа што се запознаваш со луѓе буквално од целиот свет и овде всушност е вистинско училиште за тоа како да ги прифатиш и да ги почитуваш културните разлики. Овде нема етничка ни верска поделба. Сите имаат почит без разлика на тоа што сме странци или тоа што сум јас лично христијанин. Потоа има многу можности за студентите и многу повеќе е ценета дипломата стекната на Универзитет што е високо рангиран.  Како негативна страна би можел да ја издвојам далечината –  што сум далеку од семејството и пријателите. Сепак, образованието е од голема важност за еден човек.

Шеталиште: Кој е предизвикот да се учи на јазик кој не е мајчин? Има ли поголема мотивација да се постигне успех? Но сигурно и двојно повеќе напор…

Мартин Николовски: Да се учи на јазик кој не е мајчин, особено на турски јазик кој спаѓа во потешката категорија на јазици, верувајте е голем предизвик. На почетокот си буквално како паднат од Марс, за подоцна да можеш да се прилагодиш на сите услови. Сите низ тоа поминале, но она што е важно е дека за краток период можеш да го научиш јазикот. Професорите и самите луѓе, Турците имаат разбирање дека си странец и воопшто не прават проблем да згрешиш, напротив ти помагаат и те корегираат. Како странец и студент имам голема мотивација повеќе да напредувам и да учам затоа што овде “конкуренцијата“ е голема а доколку сакам да сум во најдобрите во милионски град тогаш навистина морам да учам секојдевно. Напорно е се разбира, многу се бара и секој професор си го вреднува својот предмет. Пишуваме домашни задачи, правиме проектни, истражуваме, но сето тоа резултира со квалитет и со високи знаења во областа во која што студирам.

Шеталиште: Студираш новинарство…што е она што го учите на факултет? Со оглед на тоа што имаш новинарско искуство, се соочи ли со нешто ново или суштината  е иста?

Мартин Николовски: Студирам токму она што ми беше желба од мал, а тоа е да станам професионален новинар. Со оглед на тоа што имам претходно искуство од телевизија и електронски медиум, немам тешкотии воопшто во студирањето. Воглавно е она што се изучува насекаде во светот со плус некои дополнителни предмети што ги има овде, но впрочем таа е суштината за сите што студираат новинарство.

Шеталиште: Како одеше социјализацијата и интегрирањето во тамошната средина?

Мартин Николовски: Ќе бидам искрен. Толку сме блиски како народ, толку имаме заедничка култура што јас воопшто не почувстував некоја разлика. Се разбира овде во Турција има голема почит кон хиерархијата и кон повозрасните лице. На пример, она што ми остави впечаток е тоа што без разлика луѓето дали те познаваат или не, те поздравуваат на улица, во институции, насекаде. Ти посакуваат пријатен ден, лесна работа, здравје, успех и тоа постојано. Веќе и јас се навикнав на тоа. Ти се обраќаат со господине или госпоѓо без разлика на возраста и всушност овде многу е важна почитта. Во однос на храната, 90% е иста како македонската кујна и поради тоа не видов никаква разлика. Што се однесува до самите Турци, можам да кажам дека се еден топол народ кој секогаш помага, но она што е интересно е тоа што се апсолутно се до детал ги интересира и те испрашуваат за работи кои буквално се безначајни. Исто така она што ми остави впечаток е читањето книги. Кога и да патувам со метро, но и вообичаено во парковите, луѓе од 7 до 77 години читаат книги. Има голем број книжарници со илјадници книги и навистина потрошувачката е на завидно ниво.

Шеталиште: Учиш во една мултикултурна средина, со колеги кои се од различни земји. Како функционирате? Каква е дружбата?

Мартин Николовски: Тоа што учам со студенти од целиот свет за мене претставува најголема придобивка. Верувајте во изминативе седум месеци колку што сум овде во Анкара видов секакви луѓе апсолутно во секоја смисла на зборот. Во Турција студираат студенти претежно од Истокот, како и од Африка. Многумина доаѓаат од земји каде што слободата е ограничена и овде имаат толку слобода што изгледаат како повторно да се преродиле. Многубројни се и студентите од сиромашни земји, земји во кои едвај преживуваат и поради тие студенти јас сум среќен затоа што сметам дека овде најдоа парче мир и достоинствено засолниште. Всушност тие ученици се оние кои што постигнуваат најголем успех и кои што најмногу учат. Пријатни се за дружба и сега ги доживуваат некои работи кои се доживуваат во детството.

Шеталиште: Како реагираат во Турција кога ќе им кажеш дека си од Битола?

Мартин Николовски: Каде и да одам на прв поглед им наликувам на Русин затоа што имам светла боја на косата. Но кога ќе им кажам дека сум од Македонија, од Битола, тогаш секаде сум пречекан со раширени раце. Кон нас Македонците, Турците имаат посебна љубов. Веднаш прашуваат за Музејот во Битола (Манастир), за Скопје, за Охрид. Во Турција особено во Измир, Бурса, Истанбул живеат голем број доселеници од Македонија кои дошле по балканските војни и навистина тие луѓе ја сакаат Македонија и кога и да зборуваат, се чувствува носталгијата кон нашата земја.

Шеталиште: За на крај, доколку повторно би се запишувал на факултет, би го направил ли истиот избор?

Мартин Николовски: Апсолутно и тоа на  ГАЗИ во Анкара. Би сакал да им порачам на читателите на Вашиот портал доколку размислуваат да се запишат во Турција, тоа и да го направат. Квалитетно образование и признато во цел свет, многу можности, пријателства и една убава голема земја во која можат да уживаат и патуваат.

Студирајте на БАС
To Top