Новости

Интервју

Стефанија: Вештината во модата е да успееш актуелните трендови да ги вклучиш во сопствениот стил

Ултрамодерна, своја и долгогодишна модна дизајнерка е токму нашата прилепчанка Стефанија Насеска Попадинец позната по своите модни креации.

Со Стефанија поразговаравме за моменталните трендови и побаравме неколку модни совети за оваа сезона.

Ш: Кои се модните трендови за оваа есен/зима?

С.Н.П: Модните трендови диктирани од истрчаните модни дизајнери, прифатени и имплементирани од големите брендови ги има многу. Според принципот на работа при диктирање на трендовите, предходи модно предвидување или ако сакате модно прогнозирање. Таквите прогнозирања се изработуваат неколку години пред модниот тренд да кулминира на пистите. Пред кулминацијата, трендот се провлекува неколку сезони и први го прифаќаат далекугледите дизајнери, а потоа во екот станува општо прифатен. Благодарение на брендовите кои нудат брза мода денес трендовите од модните писти стануваат веднаш достапни за масовна потрошувачка и тоа доведува до побрз тек и побрза промена на трендовите. Низ историјата се покажало како пракса дека кога доаѓа брза ретроспектива на модни трендови во една сезона тоа значи дека модниот свет доживува некаква креативна криза.

Па според мене, така и оваа сезона имам чувство дека во неколку месеци ги поминавме сите актуелни трендови од минатото. Меѓутоа можам да издвојам неколку водечки, а тоа се: ЦРВЕНО ОД ГЛАВА ДО ПЕТИ, во кој се преферираат нијанси на јако отворено црвена до крв црвена боја започнувајќи од капата, капутот па се до обувките. СРЕБРЕНАТА Е НОВАТА ЗЛАТНА, металик серебрена во секаква варијанта од скај па се до винил и на секое парче гардероба. УНИСЕКС, парчиња гардероба кои може да ги носат и двата пола како капути, блузони, разни аксесоари ОСТАНИ АКТИВЕН , парчиња облека кои се модифицирани и модно прилагодени а потекнуваат од спортскиот стил. Тренерки, патики во комбинација со класични парчиња. СИВ КОСТУМ, сивото каро е доста застапено во дневните комбинации и доаѓа во различни кроеви, но најчесто и најдобро е да се комбинира како пакет костум. ПОРАКИ, денес облеката стана како билборд и не мора клиентите да се трудат да ја пронајдат скриената порака на дизајнерот туку директно може да ја прочитаат од самото парче. Пораките доаѓаат од секаде и во секаква форма и најчесто се мотивирачки и силни. ЧОРАПИ, главен моден додаток на пистите како и во уличната мода се чорапите кои се носат со секакви обувки од сандалки до чизми и во секаков стил, спортски, елегантни, плетени… ГОЛЕМИ КОЛАНИ, денес коланите се носат преку сакоата и палтата и најчесто ги заменуваат копчињата со што добиваат фунцкија. Коланите се преферираат широки да ја истакнат половината. СРЕЌНА НОВА, трендот кој можеби точно пред Нова година би бил повеќе прифатен светликави елементи и ткаенини. Циркони на кадифе, лурекс, пајетс сега се дозволени и во секојдневните комбинации.

Ш: Какви модни парчиња би требало да се најдат во нашиот гардеробер за оваа сезона?

С.Н.П: Во зависност од стилот на клиентот парчињата може да варираат, па затоа ќе набројам повеќе да може секој да пронајде по нешто. Миди здолништа без разлика дали се глог или прави. Црвен капут, црвен блузон, црвени панталони, црвени чизми, плетени блузони,панталони со странични траки, класични долги сакоа кои ќе ги носат како фустани. Сиво кариран костум, бунди од вештачко крзно во стилот на 70те. Чорап чизми над колена, над глуждови, чорапи, големи ташни, ташнички на половината, широки колани, големи топли шалови, мрежа хулахопки. Фустани со пајетс, фустани од кадифе, ноќни кадифени наметки…

Ш: Колку Македонките знаат соодветно да се облечат за разни пригоди како гламурозни настани, разни свечености и манифестации?

С.Н.П: Тука сметам дека имаме потешкотии, или некои се премногу дотерани за прогодата или некои се премногу едноставни. Кај нас како да е изгубено чувството за облекување за вакви манифестации. Погледите ни се различни во споредба со светските стандарди. Тоа е така бидејќи македонките не покажуваат доверба на стручните лица од полето на модата. Чест на исклучоци, но главната слика е дека ние не сме некоја модерна нација. Пример за тоа ми е модното случување Моден викенд каде не можеме да се пофалиме до добро облечени гости. За разлика од кај нас гостите на светските модни недели се тие кои први ги спроведуваат диктираните трендови. Исто така лошо стоиме со облеката на гостите на фестивалот ‘Браќа Манаки’ каде за време не отворањето се смета доволно канцелариски стил на облекување и кожна јакна. Ова се само две манифестации кои први ми паднаа на памет, а ги има доста. Ваквата ситуација во иднина би се променила доколку клиентите започнат да поклонуваат повеќе доверба на дизајнерите и стилистите.

Ш: Колку Македонките имаат сопствен стил или пак слепо го носат она што е во тренд?

С.Н.П: Познавам доста македонки кои трендовите вешто ги имплементираат во сопствениот стил и во никој случај не стануваат модни жртви. Но реалноста која ја гледам, ако би ја глобализирала модната слика е дека имаме две крајности. Едната е дека имаме македонки кои слепо ги следат (онолку колку што им дозволува буџетот) модните трендови и тие се претежно помладата популација. И македонки кои цврсто се држат до сопствениот стил и не прифаќаат никакви совети. Во текот на работата имам наидено на вакви клиенти на кои се обидувам да им докажам дека промена на силуета во гардеробата или пак воведување на одреден тренд во истата не значи и промена на стил. Вештината во модата е да успееш актуелните трендови да ги имплементираш во сопствениот стил притоа не нарушувајќи го балансот. Исто така проблем кој јас го гледам, а не е кај клиентите туку во тоа што им е понудено. Голема улога во модата кај нас играат и локалните бутици кои треба бидат премногу внимателни со понудата.

Ш: Позната си по својот препознатлив дизајнерски израз, што е она што ти е постојана инспирација при креирањето?

С.Н.П: Горда сум на тоа дека веќе луѓето го препознаат мојот стил на творење. Знаете за еден дизајнер тоа е огромен успех. Бунтовноста како лична особина е таа која ме води при изборот на инспирација, токму од неа излегува целата креативност. Да покажеш кој си, што си, од каде си и тоа да го презентираш на начин кој лесно ќе го прифатат клиентите, те прави да успееш. Историјата, сегашноста, случувањата денес, желбата да променам нешто, желбата да оставам свој печат, ме прават она што сум денес. Јас инспирација барам тука кај нас, но ја комбинирам со светски моден тренд и ја реализирам преку ангажирана мода. Луѓето се гладни за новости, јас тоа се обидувам да им го продадам. Интересен си ако си им непознат, туѓ, а сепак близок за да те пробаат. На италјанец не можеш да му продадеш италјански стил зошто тој го знае подобро од тебе, на французин не можеш да го советуваш за француски стил, зошто тој го владее подобро од тебе, но на странец можеш да му презентираш нешто македонско спакувано по светски стандард со што ќе го направиш љубопитен да го искуси и запознае новото кое му се нуди. Инспирацијата секогаш доаѓа од тоа која сум, што сум, од каде сум.

Ш: На што работиш во моментов, кој е твојот следен проект?

С.Н.П: Подолго време немам извадено колекција за мојот бренд, но од оправдани причини. До неодамна бев ангажирана во лансирањето на нов амерички моден бренд за кој ќе се слуша во иднина. Па бев приморана да живеам еден период во САД. Со тоа некако ги паузирав проектите на кои работев, но сега имам повторно можност да ги активирам. Соработката со САД продолжува, но сега ќе имам време да се посветам и на сопствениот бренд бидејќи физички сум тука.

Ш: Кој е твојот моден совет до сите припаднички на понежниот пол? 

С.Н.П: Консултација со модни стручни лица за секаква пригода, зошто ние за тоа сме тренирани и обучени и секако знаеме што е најдобро за нашите клиенти.

СН Финансии
To Top