Новости

Интервју

Телото треба да го чуваме како свет храм: Интервју со битолчаните Миле Миленковски и Марија Здравевска

Миле Миленковски и Марија Здравевска се битолчаните кои се вратија со награди на неодамнешниот натпревар за фитнес и бодибилдинг „Атлета на Македонија 2017“ кој се одржа во Скопје, во спортската сала Расадник. Ова беше јубилејно издание затоа што каде што бодибилдинг федерацијата на Македонија прославуваше 30 години постоење.

Миленковски настапуваше во категоријата „ Мен Физик“ и го освои 3-то место. Тој има 30 години и веќе неколку години се занимава со фитнес и бодибилдинг, вработен како мерчендајзер во една битолска компанија, а по професија е нутриционист.

30-годишната Марија Здравевска на натпреварот го освои 2-то место во категорија Бикини ниска до 163см.

Поразговаравме со двајцата за нивната страст кон фитнесот и бодибилдингот, како се подготвуваат за натпреварите, како се роди љубовта кон овој спорт, но и за тоа каква е популарноста на фитнесот и бодибилдингот во Битола.

Шеталиште: На неодамнешниот натпревар за фитнес и бодибилдинг „Атлета на Македонија 2017“ освоивте трето место. Може ли да ни кажете нешто повеќе за натпреварот, искуството, но и впечатоците кои ги понесовте оттаму?

Миле Миленковски: Натпреварот беше солидно организиран, имаше учесници од цела Македонија, искуството е прекрасно затоа што се запознаваш со натпреварувачи од целата земја, ново искуство кое што сум го немал до сега и дефинитивно кое нема никогаш да го заборавам. Затоа што самото подготвување за натпреварувањето е навистина макотрпно, но и позитивно од друга страна затоа што човек ќе дознае дали навистина е толку многу силен како што мислел, како физички така и психички.

Марија Здравевска: Секое наредно натпреварување си има свои нови впечатоци и спомени, стекнување на нови пријателства, чувството на еуфорија кога сите натпреваруваме, се подготвуваме позади бината.

Шеталиште: Во текот на подготовките за натпреварот, дали применувавте посебна тренинг програма, одредени суплементи?

Миле Миленковски: Секој натпреварувач си има посебна тренинг програма и диета која што е наменета за него, затоа што сите сме различни и тоа што мене би ми одговарало не значи дека ќе одговара за друг натпреварувач. Суплементацијата е неизоставен дел од спремањето и може да се каже дека е една од поважните делови кои што треба да се склопат за да се добие таа совршена форма за на сцената. Јас како и сите други натпреварувачи од нашиот „ХардКор Тим“ користевме суплементација од најопремената продавница за суплементи во градот па и пошироко, „ХардКор Шоп“.

Марија Здравевска: Подготовките траат долго, различно е за сите натпреварувачи во зависност од нивната моментална форма, но обично се работи за подготовки кои траат од 3 до 4 месеци со тежок режим на исхрана и нормално без суплементација ништо во овој спорт.

Шеталиште: Може ли да ни кажете нешто повеќе за себе, како започнавте да се занимавате со овој спорт?

Миле Миленковски: Започнав пред 10 години првенствено за намалување на телесната маса, но подоцна тоа се разви во мој начин на живот, па еве сега после 10 години и во професионално занимавање со фитнес и бодибилдинг.

Марија Здравевска: Јас лично почнав да се занимавам со овој спорт поради вишокот на килограми пред 7 години. Кога ги видов резултатите на себе сакав да постигнам нешто повеќе, па еве сега скоро 2 години сум на натпреварувачките бини.

Шеталиште: Колку е важно во овој спорт да се има дисциплина, не само физичка, туку и психичка?

Миле Миленковски: Дисциплината е најбитна, таа е клучот за успехот. Човек во текот на подготвувањето се одрекува од премногу работи па мора да биде и психички и физички спремен за да го издржи цело тоа спремање кое што зависи од секој натпреварувач колку временски ќе биде. Бидејќи е ова мое прво натпреварување јас се спремав 20 недели, и верувајте дека психичката спремност е многу поважна од физичката, затоа што ако мозокот е спремен да оди понатаму и не се откажува на телото не му преостанува ништо друго освен да го следи.

Марија Здравевска: Најбитна во овој спорт е психичката подготвеност, се доаѓа од мозокот, потребно е да се откажеме од многу нешта за да издржиме се, да се изолираме од нормалниот свет во текот на подготовките. Физичката подготвеност се издржува повеќе од психичката.

Шеталиште: Колку фитнесот и бодибилдингот е почитуван како спорт во Битола? Последните години се чини дека битолчани се повеќе имаа почит кон овој спорт.

Миле Миленковски: Фитнесот во Битола во последните години се повеќе се проширува и зема замав помеѓу сите граѓани без разлика на возраст и пол и е се пополарен, што мене искрено многу ме радува затоа што грижата за сопственото тело и здравје се многу битна работа. Затоа што телото треба да го чуваме како свет храм каде што нашата душа живее.

Марија Здравевска: Фитнесот и бодибилдингот во Битола се повеќе завладува особено кај младата популација и сум среќна што гледам дека скоро сите посетуваат теретана и се трудат да водат здрав начин на живот.

Шеталиште: Кои се Вашите планови за во иднина?

Миле Миленковски: Првично моите планови за во иднина се да продолжам да се занимавам со фитнес и овој начин на живот, на следното натпреварување во Април не сум сигурен дека ќе настапам затоа што сакам малку да го одморам телото. А за понатаму секако дека не планирам да застанам само на освоено 3-то место па би се обидел да дојдам и до некое место погоре.

Марија Здравевска: Планот за во иднина е да продолжам да такмичам и да си ги остварам соништата на ова поле.

 

Студирајте на БАС
To Top