Новости

Интервју

Астрономско друштво Битола: Градот беше „жеден“ за повторно активирање на вакво друштво

Уште во ноември 2015 година се покрена иницијатива за формирање астрономско друштво Битола, со цел да се продолжи традицијата која во Битола постоеше години наназад. Последните неколку месеци се активни со презентации и предавања на најразличн теми, кои се посетени во голем број и побудуваат голем интерес особено кај младите битолчани. Членовите на Астрономското друштво Битола со задоволство ни одговорија на нашите прашање за мотивите за реактивација, предавањата, следните активности, но и кои ќе бидат најинтересните случувања од областа на астрономијата оваа година.

Шеталиште: Иницијативата за реактивација на Астрономското друштво Битола постои уште од ноември 2015-та. Ова друштво во минатото имаше голема репутација и видни членови, но исто така и голем број активности. Кој беше мотивот за да се почне постапката за повторно реактивирање на Астрономското друштво Битола?

Астрономско друштво Битола: Покренавме иницијатива за формирање астрономско друштво пред повеќе од една година и сега активно работиме на негова формална регистрација како такво.

Мотиви имаше повеќе како на пример, продолжување на традицијата на старото астрономско друштво во Битола, желбата да се промовира и популаризира науката во нашиот град како и дружење и разменување идеи за вселената со сите заинтересирани луѓе.

Шеталиште: Колку членови моментално брои членството? Како беше прифатена идејата за реактивација и кој се членува, од какви профили(професии) се членовите?

Астрономско друштво Битола: Моментално имаме 18 активни и барем двапати повеќе повремено активни членови од сите возрасти и професии, но најчесто се млади луѓе кои студираат или имаат желба да студираат астрономија, астрофизика, математика, мехатроника и слично.
Тука секако се и луѓето кои овие гранки ги сметаат како хоби и даваат активен придонес, без разлика на нивната професија. Сите ја прифатија идејата за реактивирање со воодушевување. Често пати добиваме и комплименти од наши пријатели и роднини за ваквата иницијатива.

 

Шеталиште: Колку на Битола и фалеше Астрономското друштво? Има ли Битола потенцијал, има ли млади луѓе кои ја сакаат астрономијата?

Астрономско друштво Битола: Нашето друштво е особено популарно кај младите луѓе бидејќи тоа им претставува плодна почва каде што можат да ги засадат и развиваат своите идеи за астрономијата. Иако дел од членовите го напуштаат градот поради студии или економски причини, бројот на членови, бавно но сигурно, расте. Тоа говори дека нашиот град бил навистина “жеден”за едно вакво друштво и има добар потенцијал.

Шеталиште: Почнувајќи со првата презентација, на тема „Настанување на вселената – Биг Бенг“, досега имате организирано голем број предавања на различни теми. Каква е посетеноста на тие настани, колку битолчани се заинтересирани да слушнат нешто повеќе за вселената, планетите, сонцето…

Астрономско друштво Битола: Досега имаме одржано вкупно 5 предавања: Настанување на универзумот, колонизација на сончвиот систем, дали сме сами во универзумот, животниот циклус на ѕвездите и последното беше за просторот и времето.

Навистина сме пријатно изненадени од интересот на граѓаните. Предавањата ги организираме во просториите на НУУБ Св. Климент Охридски (градска библиотека) и малата сала при Центар за култура – Битола. Изразуваме голема благодарност до овие институции што ни излегуваат во пресрет и ни ги отстапуваат салите кои се со капацитет од околу 100 луѓе.  Посетеноста ни ги надмина и најголемите очекувања па до сега никогаш не останало празно столче, напротив, секогаш сме принудени да поставиме екстра столчиња кои некогаш и тие не се доволни па мал дел од публиката го проследува предавањeто стоејќи.

По секое предавање имаме дебата па присутните можат да прашаат или кажат било што во врска со конкретната тема.

Шеталиште: Последната тема на предавањето беше Простор-време, како што самите ја нарековте, најкомплексната област од физиката. Како ги избирате темите на предавањето?

Астрономско друштво Битола: Темите ги избираме на нашите состаноци. Секогаш настојуваме да разработиме тема која крие доза мистерија во неа, има голем број на митови или па едноставно е интересна за пошироката јавност.

Пред секое предавање се подготвуваме максимално со тоа што ги собираме сите докази и истражувања кои научните институции ги објавуваат во најкредибилните весници и ги преточуваме во лесно разбирлив материјал за сите возрасти. Предавачи се самите членови кои покажале исклучително познавање за темата, се сметаат себеси за добри јавни говорници, и секако, го поминале на неформалниот тест и рецензија поставени од останатиот дел од членството.

Шеталиште: За крај, кои се активностите на Астрономското друштво Битола за во наредниот период? Планирате ли некои интересни активности? Ќе имаме ли оваа година некој интересен феномен за следење?

Астрономско друштво Битола: Во нашиот годишен план за работа имаме предвидено навистина многу активности. Настојуваме барем еднаш месечно да одржиме предавање, активно се подготвуваме за теренските набљудувања за поширока публика, а уште сега можеме да откриеме дека следуваат и две интересни работилници за правење едноставни оптички и радио телескопи кои ќе ги реализираме со помош од професори и професионалци од оваа област. Предвидена е и поголема соработка со останатите астрономски друштва во Македонија.

Оваа година можеби најинтересен феномен ќе биде тоталната еклипса (помрачување) на Сонцето која ќе се случи на 21 Август, но на жалост ќе биде видлива само од САД.

Интересните феномени кои можат да се набљудуваат од нашата околина ќе бидат неколку метеорски дождови, од кои најинтересни се Персеидите кои ќе бидат најинтензивни на 11, 12 и 13-ти Август, за што ќе организираме и отворено набљудување за  сите заинтересирани.

Друг интересен феномен е конјукцијата на планетите Венера и Јупитер, кои на 13-ти Ноември визуелно ќе бидат една до друга на небото.

Секако, не мора да се чека некој посебен феномен за да се излезе на набљудување. Постојат многу објекти на небото што се гледаат со голо око или двоглед па би им препорачувале на сите читатели што почесто да го набљудуваат ноќното небо, особено ако се наоѓаат на некоја темна локација затоа што вселената е со навистина волшебна убавина.

 

GOLD
To Top