22-годишниот Петар Ангелевски ја негува гајдата од 14-годишна возраст - Шеталиште

Новости

Интервју

22-годишниот Петар Ангелевски ја негува гајдата од 14-годишна возраст

22-годишниот Петар Ангелевски од демирхисарското село Стругово, од 14-годишна возраст ја негува гајдата. Покрај овој традиционален дувачки инструмент, младиот Петар Ангелевски изучува зурла и кларинет. 

Средно образование заврши во СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, а како што вели тој, немал шанса да се запише во средно музичко училиште, земал приватни часови. Благодарение на тоа се запишал на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Таму е втора година на Катедрата за Етнокореологија, отсек за народни инструменти, народно пеење и играње.

Тој веќе долги години е играорец и член на КУД Илинден Битола и имал можност да се запознае со повеќе дувачки инструменти, но вели дека од сите нив најмногу ја засакал гајдата. 

-Јас сум играорец веќе 10 години, но кога ќе те влечи нешто одвнатре неможиш да го одбиеш. Покрај сите дувачки инструменти најмногу ме влечеше гајдата, баш сакав да ја научам и сеуште ја учам, истакна Петар. 

Младиот гајдаџија ни откри дека пред извесно време си набавил и зурла, која ја изучува во моментов, а има и кларинет. 

-Па моментално се учам да свирам на зурлата која ја купив од Љубен Јуртоски од Прилеп, кој е добар мајстор, а исто и гајдата ми е од кај него купена. Пред неколку месеци зедов и кларинет, па се трудам некако да ги совладам тие дувачки инструменти, вели тој. 

Со оглед на тоа што гајдата е еден од најбараните македонски традиционални дувачки инструменти, Петар додава дека е доста баран на семејни веселби и свадби насекаде низ Македонија. 

Петар сними видео запис за неговото првенче “Македонска селска гајда” 

Младиот гајдаџија Петар Ангелевски сними видео запис за неговото прво оро со наслов “Македонска селска гајда”. 

–Орото е мое авторско дело, додека за аранжманот се погрижи познатиот хармоникаш, Златко Миладиноски.-истакна Ангелевски. Видеозаписот се снимаше на повеќе локации во Демирхисарскиот крај.Се снимаше во село Слоештица кај валајцати, значи тоа е прекрасно место кадешто порано се переле веленца, како што ги викаат постарите. Старата куќа која се наоѓа на тоа место ќе се реновира и ќе се отвори како ресторан. Втората локација беше во една стара куќа во селото Сопотница. Таму имав помош од КУД Илинден-Битола, голема благодарност до нив, јас сум член и таму, додека третата локација беше кај манастирот Св. Атанасиј во селото Сопотница, истакна Ангелевски. 

Видеото беше надополнето со уште тројца момци на македонски традиционални инструменти. Петар очекува дека неговото првенче ќе биде добро прифатено од јавноста. 

-Очекувам да биди топло прифатено од гледачите и од оние коишто ќе го слушнат орото. Се надевам дека ќе им се допадне моето дело кое го спремав веќе неколку месеци. Јас свирам од 14 години и немав досега направено ништо свое, па решив да направам мое дело кое ќе ми остане за во иднина, додава Петар. 

Видеозаписот кој е во соработка со ИН Продукција. 

To Top