Новости

Интервју

БАС Интервју: Практичната настава студентите ги запознава реално со бизнис секторот

Практичната настава е една од најдалекусежните и успешни механизми за поврзување на образованието и пазарот на трудот, светот на знаењето и праксата. Таа им помага на работодавачите да привлечат, обучат и задржат компетентни и мотивирани работници, на образовните институции да ги усогласат академските програми со потребите на економијата и да ја препознаат улогата на практичното учење на работното место. И покрај тоа што Министерството за образование ја воведе оваа практика во законската регулатива на високото образвание, Бизнис Академијата Смислевски – БАС, високообразовна институција тоа го воочи пред тоа да биде имплементирано. На тема Практична настава, поразговавме со Ана Христовски, Ненад Дафинчевски и Иван Ѓорѓиевски од БАС. Ана Христовски е кординатор за Теренска студентска пракса на Бизнис Академија Смилевски на дисперзираните студии во Битола од 2012 год. Завршен втор циклус на студии на Бизнис Академија Смилевски со стекнато звање МБА по Стратегиски менаџмент. Учесник со свои трудови на повеќе семинари и конференции од областа во која работам. Стекнати сертификати од областа на менаџментот. Ненад Дафинчевски е координатор за Теренска студентска практика на Бизнис академијата Смилевски во Скопје, со завршени специјалистички студии и стекната титула МБА по Стратегиски менаџмент. Иван Ѓорѓиевски  е координатор за Бизнис лабораторија и предавач за групата предмети Оперативен менаџмент на студиите во Скопје. Завршени магистерски студии по Менаџмент на човечки ресурси.

Шеталиште: Во БАС има практична настава за студентите. Која е потребата една високообразовна институција да воведи практична настава?

Ненад: Практичната настава е законски пропишана обврска за секој студент согласно Законот за високо образование, но за жал ова е поле на кое сеуште се обрнува малку внимание и често се одработува површно. Во БАС ставаме голем акцент на праксата којашто претставува една од носечките компоненти на нашите студии по оперативен менаџмент. Преку континуирана пракса од една страна им помагаме на студентите да направат компарација на теоријата со реалните состојби на терен во македонските компании; на компаниите им даваме можност да пикираат талентирани студенти кои би ги вработиле по завршување на студиите, додека пак користа за Академијта е тоа што постојано го освежуваме нашето знаење и ја збогатуваме наставата со реални примери од македонскта економија.

Ненад Дафинчевски

Ана: И покрај тоа што Министерството за образование ја воведе оваа практика во законската регулатива на високото образвание, ние како високообразовна институција ова го воочивме пред тоа да биде имплементирано. Практичната настава е една од најдалекусежните и успешни механизми за поврзување на образованието и пазарот на трудот, светот на знаењето и праксата. Таа им помага на работодавачите да привлечат, обучат и задржат компетентни и мотивирани работници, на образовните институции да ги усогласат академските програми со потребите на економијата и да ја препознаат улогата на практичното учење на работното место за унапредување на академското образование и формирање на профилите, а на студентите да ги подобрат практичните вештини и да стекнат, работно искуство пред дипломирањето, што ќе ја зголеми нивната конкурентност и ќе им помогне да најдат работодавци во иднина.

Ана Христовски

Шеталиште: На кој начин во БАС се реализира практичната настава?

Ненад: Праксата во БАС е организирана така што студентите посетуваат практична настава во текот на целото студирање со различна динамика. Праксата е пообемна во текот на летниот распуст, додека за нијанса пократка е за време на семестрите бидејќи истата се комбинира заедно со наставата. Еден до два дена во неделата студентите реализираат пракса и притоа внимаваме посетата на компаниите да не влијае на посетеноста на предавањата и семестралните обврски (посета на предавања, изработка на проектни извештаи, колоквиуми и сл.)

Со дел да постигнеме висок квалитет на праксата, во секоја од компаниите со кои соработуваме имаме обучено БАС ментори кои се одговорни за нашите студенти. БАС менторите заедно со Координаторите на ТСП (теренска студентска пракса) ги подготвуваат програмите за пракса, поточно работните задачи кои ги добиваат студентите. Еден БАС ментор е одговорен за еден до два студенти од БАС. Овој сооднос за нас како Академија е многу важен бидејќи инсистираме нашите студентите да добијат максимално внимание и посветеност од менторот, што не би било случај доколку еден ментор е одговорен за 5-6 или повеќе студенти.

Во текот на тригодишното студирање на БАС, студентите реализираат повеќе од 100 дена практична настава и со тоа стануваат поконкурентни на пазарот на труд.

Ана: Теренската студентска практика (ТСП) е алката што ги поврзува теоријата и практиката, која овозможува во БАС да се учи преку работа. Во нашата Академија ТСП се спроведува по посебно развиена програма, еден ден во неделата континуирано во текот на три годишните студии.

Програмата за теренска студентска практика 1 (ТСП 1) опфаќа по 10 еднодневни групни посети на организации (производни и услужни) од страна на студентите во секој семестар, придружувани од нас како Координатори за теренска студентска практика на Академијата. Целта на оваа посета е посредно и непосредно запознавање на студентите со организациите (партнерските организации), нивната вертикална и хоризонтална структура, нивната намера, визија, мисија, стил на менаџирање и слично. Покрај ова, целта на ТСП1 е студентите да направат поврзување на теоретските концепти што ги обработуваат на бизнис лабараторијата со реалната практика во компаниите.

ТСП 2 е во текот на II (втор) семестар како 6 (шест) еднодневни посети на ПО. Посетите се поединечно или во пар во зависност од просторно-физичките услови кои ги обезбедува менторот. Во текот на овој семестар во Академијата организираме гостувања на истакнати претставници за секој од изборните модули (комерцијалист, претприемач, деловен секретар, спортски менаџер, естраден менаџер) со цел студентите да се стекнат со практични информативни искуства кои ќе им помогнат при избор на модулите;

ТСП 3 се се состои од вкупно 30 средби во текот на петти и шести семестар во третата студиска година. Времетраењето на средбите е најмалку 3 (три) часа дневно. Целта е запознавање со ПО и практично вклучување на студентите во работата преку набљудување, помагање и самостојна работа. Сите задолженија и потребните инструкции ги добиваат од БАС менторот.

Нашата Академија посветува големо внимание при изборот на своите ПО каде што студентите ќе ја реализираат праксата, а уште поголемо внимание посветува при изборот на БАС-ментори на кој му ја доверува одговорноста за професионален развој на нашите студенти.

Шеталиште: Како влијае практичната настава врз студентите? Со какви знаења се стекнуваат?

Ненад: Праксата влијае многу мотивирачки на студентите. На почеток на секој семестар студентите со нетрпение очекуваат да дознаат каде ќе одат на пракса во текот на семестарот. Дел од нив одат дури до таму што се консултираат со постарите колеги и имаат барања за пракса во конкретна компанија.

На крај на секој семестар се прават усни и писмени евалвации и неколку работи се издвојуваат како клучни за студентите. Можноста за вклученост во работата е една од најважните работи за нив. Се приметува нивното задоволство кога добиле практична задача за сработување, а задоволството е уште поголемо кога истата успешно ќе ја завршат. Можноста да добијат увид во реалното функционирање на организациите за нив е исто така од непроценлива важност. Многу пати како фидбек од нивна страна добиваме дека работите што ги виделе во организацијата воопшто не соодветствуваат на оние примери кои ги дава теоријата. Личните контакти и пријателства кои ги создаваат со БАС менторите се уште еден бенефит за нив во нивниот личен и професионален развој. За крај, она што е ултимативната цел за секој студент е да обезбеди вработување во некоја од организациите, а за тоа имаме и бројни успешни примери.

Ана: Практичната настава им овозможува на студентите да се запознаат реално со бизнис секторот. Со тоа тие стекнуваат практични знаења кои набрзо ќе ги имлементираат на нивните работни места. Стекнатите знаења ги издигнуваат до степен на компетенции, кои се високо вреднувани на пазарот на трудот. Тие се уникатна комбинација на знаење, вештини и однесувања во врска со нивното работење исе сметаат за неопходни за лично исполнување и развој, активно граѓанство, социјална инклузија и вработување

Шеталиште: Каква е соработката со бизнис заедницата и колку ја имате нивната поддршка за реализирање на практичната настава?

Ненад: Ова е едно од полињата каде што има голем простор за подобрување. Треба сериозно да се поработи на триаголникот високообразовна институција-студент-компании. Со компаниите со кои имаме соработkа и истата е навистина одлична, но често наидуваме на незаинтересираност и отпор кај компаниите кои практикантите ги гледаат како дополнителен товар, наместо на идни потенцијални вработени или соработници кои ќе ја зголемат додадената вредност на компанијата.

Практикантството е долготраен процес кадешто сите страни треба да го дадат својот допринос за ефектот на крај да биде позитивен. Компаниите мораат да посветат повеќе време и внимание на практикантите и што е најважно, не смеат од нив очекуваат резултати како од вработените, бидејќи се работи за студенти кои допрва влегуваат во професионалниот свет и потребно им е време, поддршка и соодветно менторство како би го реализирале целосниот свој потенцијал.

Од друга страна и ние како високообразовна институција имаме обврска да ги следиме движењата и трендовите во реалниот сектор и наставните програми да ги прилагодуваме кон нив.

Ана: За жал бизнис заедницата не е многу заинтересирана за поддршка за реализирање на практичната настава на студентите. Лично сметам дека законодавецот треба да размислува за посебен Закон за практиканство во кој јасно ќе бидат дефинирани правата и обврските на двете засегнати страни, високо – образовните институции и бизнис секторот. Бизнис секторот сеуште го нема идентификувано бенифитот од практична настава, а тоа е идентификување на солиден кадар за нивните организации. БАС, на голема среќа успева да воспостави добра врска со партнерските организации и ги задоволи потребите на двете страни.

Шеталиште: Имате ли примери на успешни приказни на студенти кои благодарение на практичната настава успеале д го најдат своето работно место после дипломирањето?

Ненад: Имаме и тоа многу. Во минатите 10 години откако постои БАС, секоја година некои од редовните студенти се вработуваат за време на студирањето, најчесто на почеток на трета година, па дел од нив преминуваат во вонредни студенти, а дел од нив паралелно студираат и работат.

Во однос на вработувањето после дипломирање, нашите податоци велат дека дури 85% од дипломираните студенти се вработуваат во првата година по дипломирањето. Нашите студенти се вработуваат најчесто во приватни компании, а дел од нив завршуваат во државна администрација или пак непрофитниот сектор.

Она на што особено сме горди е дека наши дипломирани студенти без никаков проблем работат во: САД, Шведска, Австралија, Германија, Хонг Конг, Дубаи.

Ана: Досегашните искуства од соработката со бизнис секторот е позитивно и за компаниите и за Академијата, бидејќи голем дел од студентите кој ја реализираат праксата во овие компании, поради позитивните искуства добиваат и понуда за постојано вработување. Овај целокупен процес е успех за сите страни кој учествуваат во истиот. Повеќе од 80% од нашите дипломираните студенти се вработуваат за време на студиите или уште во првата година по дипломирањето!

Иван: Интересно да се спомене околу влијанието на практичната настава е всушност спојот на стручното образование во БАС во областа на бизнисот и менаџментот со вистинскиот бизнис свет. Со други зборови, студентите на БАС во реално време и во реални ситуации можат многу лесно да споредат дали она што го учат на предавањата има реална примена и потреба во деловното работење. Според нивните фидбеци, евалуации и кажувања – најголемиот дел од предавањата можат да се согледаат за време на нивната активација преку праксата. На крајот на целиот процес, дипломираниот студент на БАС е спремен за работа од првиот ден по дипломирање.

Иван Ѓорѓиевски

Шеталиште: Во БАС има и бизнис лабораторија. Може ли поконкретно да ни опишете кои активости се спроведуваат во неа?

Иван: Бизнис лабораторијата е единствена можност за редовните студенти на прв циклус на студии уште веднаш по почетокот на своите студии да навлезат во светот на бизнисот. Со почетокот на првиот семестар групата редовни студенти започнуваат со посебната програма на симулирани бизнис предизвици, каде ќе можат секој посебно да го проверат во пракса она што го учат на предавањата околу бизнисот. Преку серија од 6 предизвици, испреплетени со студиски и теренски посети во реални компании, поткрепено преку моделот на искуствено учење, студентите веќе од првите студентски денови го стекнуваат токму она што им е потребно за вработување по дипломирање, а тоа е искуството и компетенциите. Покрај искуството и компетенциите, во значителна мера се зајакнува самодовербата и знаењето кај студентите, што на крајот на целиот процес на студирање, студентот е спремен за своето вработување уште веднаш.

Шеталиште: Што е она што мислите дека треба да се подобри во иднина на ова поле?

Ненад: Зголемувањето и подобрувањето на соработката со бизнис-секторот е полето на кое треба најмногу да се работи бидејќи тука е најголемата меѓусебна зависност. Ние создаваме кадри коишто реалниот сектор треба да ги апсорбира. Нас ни е потребна здрава економија и здрави организации кои имаат потреба од менаџерски кадар. Компаниите од друга страна имаат потреба високо квалификувани кадри коишто со кратко воведување и ориентација во работата ќе почнат да испорачуваат резултати.

Ана: Подобрувањето на законската регулатива е уште едно поле на кое има простор за подобрување, особено во делот на парцијално работно ангажирање каде студентите би биле пријавени и би добивале одреден надоместок, а компаниите би добиле одредени даночни олеснувања со цел да се стимулира овој едукативен процес.

Иван: Според истражувањето кое го изведов за потребите на мојот магистерски труд, се покажа дека факултетските институции ја играат најголемата улога на доближување на бизнис секторот до високото образование преку програмите за пракса. Истовремено, бизнис секторот е многу малку застапен во тој сегмент, односно компаниите во многу мала мера овозможуваат директен пристап на студентите за изведба на практична настава. Затоа, сметам дека иднината треба да донесе особени промени на ова поле – тргнувајќи од законските регулативи за труд па се до индивидуалните компании да објавуваат конкурси за пракса. Со самото тоа, механизмите кои веќе се користат од образовните институции ќе се зајакнат и искористат многу поефективно.

 

 

 

 

 

To Top