Интервју со градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски - Шеталиште

Новости

Интервју

Интервју со градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски

Граѓаните сакаат отворена општина, општина во која ќе можат да дојдат да ги изнесат своите проблеми и потреби и да бидат услужени, вели градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски. Поразговаравме со него за проектите и плановите на општината за наредната година, што е она што го бараат жителите на општината, но и за горливиот проблем што го чувствуваат особено жителите на Општина Новаци – РЕК Битола.

Шеталиште: Два месеца сте веќе на функција, кажете ни кои најзначајни проекти ги започнавте со реализација?

Кузманоски:  Функцијата Градоначалник ја презедов на 06.11.2017 год. Имавме пријателска средба и примопредавање со претходниот градоначалник, испивме по едно кафе и ја започнав работата. На почеток имав заедничка средба со вработените и им кажав дека секој ќе добие шанса да продолжи со работа, меѓутоа без задкулисни игри, сопки и подметнувања. Наидовме на потполно разбирање и се договоривме да се почитува хиерархиската поставеност. Се запознав со финансиската состојба на општината, со систематизацијата на работните места што мислам дека тоа е основа за понатамошна работа.

Шеталиште: Кои се коментарите на жителите за работата на општината? Кои се најчестите барања од граѓаните до Вас?

Кузманоски:  Граѓаните сакаат отворена општина, општина во која ќе можат да дојдат да ги изнесат своите проблеми и потреби и да бидат услужени. Најчесто се интересираат за локални проблеми кои ги тиштат како асфалтирање на улица, улично осветлување, проблеми околу водоснабдување, други комунални проблеми, а и околу вработувањето.

Шеталиште: Општина Новаци секоја година добива финансиски средства од Министерството за животна средина и просторно планирање. За кои проекти ќе ги насочите овие средства?

Кузманоски:  Општина Новаци секоја година аплицира со свои проекти до ресорните министерства во Владата на Република Македонија како во министерство за животна средина , министерство за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој, министерство за земјоделие како и на повиците од Европските фондови.Со овие средства што се добиваат се градат улици со бехатон плочки, канали за собирање на атмосферска вода, чистење канали и други работи.

Шеталиште: Во текот на предизборната кампања ја промовиравте Вашата програма за четиригодишниот мандат, да ги потсетиме нашите читатели кои значајни проекти ќе бидат реализирани во наредните години во Општина Новаци?

Кузманоски:  Во наредната година планираме да се реализираат повеќе проекти, а тука ќе наведам неколку: Асфалтирање на патниот правец Рапеш-Старавина, реновирање на општински објекти во селата Живојно, Далбеговци,Старавина, Зович, изградба на нов објект во Арматуш,започнување на чистење на поројот во Гермијан и зидање на коритото со камен, започнување на изградба на брана за наводнување на Елешка река, санирање на кровот од училиштето во Бач итн. Сакам да напоменам дека Општина Новаци има соработка со повеќе Општини и тоа со општина во Франција, Унгарија, Хрватска,Словенија, Грција, Австралија, Албанија, а сега сме во преговори и со општина од Турција.

Шеталиште: Како најголем причинител за загадувањето во Пелагонија се наведува РЕК – Битола. Како е да се живее до РЕК, кои се барањата на жителите од општина Новаци и што е она што општината планира да преземе?

Кузманоски:  Што се однесува за загадувањето од РЕК Битола сакам да напоменам дека и тоа полека ќе го решаваме. Веќе е преместен одлагачот за одлагање на пепел и сега се одлага во таканаречени касети кои потоа со земја се покриваат, а испарувањето од самозапалениот јаглен се санира со затрупување на местата од каде има самозапален јаглен.

Шеталиште: Минатите години во општина Новаци се одржуваше манифестацијата Етно свадба. Дали ќе се продолжи со таа традиција?

Кузманоски:  Неколку години по ред во лето се организира и манифестацијата Етно свадба. Таа е во склоп на Културното лето и така ќе продолжи и во иднина.

Шеталиште: Дали општина Новаци има план за развој на рурален туризам и заживување на селата во Мариовскиот крај?

Кузманоски: Општина Новаци има план и за развој на рурален туризам во селата од Мариовскиот крај. Реновирана е куќата на Калеш Анѓа во Старавина, голема туристичка атракција е и мостот на реката во Зовиќ, имаме куќи од мариовските села кои се наша сопственост и планираме истите да ги адаптираме за селски туризам и спремање на специјалитети од тој крај итн.

Шеталиште: За крај на ова новогодишно интервју, која е Вашата новогодишна порака до жителите на општина Новаци и до сите граѓани?

Кузманоски:  На крајот сакам да им посакам на жителите од општина Новаци и граѓаните на Македонија Среќна Нова година, здравје и успех.

БИОГРАФИЈА

Љубе Кузманоски е роден на 15 јули 1962 година во с. Канатларци, општина Прилеп. Дипломирал на Факултетот за туризам и угостителство Охрид и по професија е дипломиран менаџер по туризам и угостителство. Своето работно искуство го започнал во 1986 година во најголемиот рударско енергетски капацитет РЕК Битола каде работи се до стапувањето на функција – градоначалник на општина Новаци. Ова е негов прв мандат. Љубе Кузманоски е оженет, татко на два сина.

To Top