Новости

Интервју

Интервју со Петар Милошевски, менаџер за продажба во печатницата „Киро Дандаро“

Печатницата „Киро Дандаро“ од Битола не е само успешна компанија во Македонија, таа е компанија која еднакво се носи и на европскиот пазар. Минатата година ја заврши како 60% извозно-ориентирана компанија, процент кој се надеваат дека ќе биде повисок оваа година. Европскиот пазар бара и препознава квалитет, а токму затоа оваа компанија изминатите години инвестираше во машини со најнова технологија,

Поразговаравме со Петар Милошевски, менаџер за продажба во печатницата „Киро Дандаро“ за досегашните вложувања, за идните вложувања постојаната трка со технологиите и постојаното одржување на квалитетот кој се нуди на клиентите.

Шеталиште: Печатницата „Киро Дандаро“ е дел од историјата на Битола , бренд кој постои 70 години. Но од 1994 година компанијата веќе почнува да остава силен печат на пазарот со набавувањето на првата флексо машина во Македонија. Што е она што ја прави печатницата „Киро Дандаро“ успешна приказна?

Петар Милошевски: Оваа компанија е основана 1945-та година,  претходно била компанија за печатење на дневни весници во тоа време. Од 1994-та година инвестирано e во машини за печат на флексибилна амбалажа, каде што е увезена и првата флексо машина во Македонија. Во 1997-ма година инвестирано е и во машина за длабок печат, така што потоа со текот на работењето се набавуваат и други машини за ламинирање, за сечење итн. Сега моментално имаме околу 8 флексо машини, две машини за лепење материјали, односно за каширање, пет ножеви за обрежување и две машини за длабок печат. Моментално во компанијата се вработени 196 лица.

Шеталиште: Колку е тешко не само да се одржи, туку и да расте нагоре компанијата?

Петар Милошевски: Знаеме сега технологијата со која брзина оди напред, така што само со следење на технологијата и инвестирање во нови пософистицирани машини можеме да бидеме конкурентни на пазарот.

Шеталиште: Токму заради тоа следење на најновите технологии, ја набавивте и најновата машина, која како и најсовремените машини е компјутерска. Што значи тоа особено во областа на графичката индустрија, колку се поедноставува работата?

Петар Милошевски: Што значи инвестирањето на оваа нова машина за „Киро Дандаро“? Зголемување на капацитетот за околу 30%, бидејќи со овие машини се зголемува брзината на печат, од моменталните 250 метри во минута, на 500 метри во минута. Подготовката за самиот печат е многу побрза, значи од некои просечни три часа, сега отприлика 30 минути подготовка само за еден производ. Отпадокот е доста помал бидејќи самата машина има GPS  систем за следење на пасерот, така што се избегнуваат и дополнителни трошоци во однос на депасиран печат и слично. Се намалуваат и операторите на машини бидејки 90 % од работата е контролирана компјутерски.

Шеталиште: Со цел конкурентност и на европскиот пазар, печатницата „Киро Дандаро“ има имплементирано повеќе меѓународни стандарди. Кои стандарди ги имате воведено? Зошто се потребни?

Петар Милошевски: Киро Дандаро ги поседува скоро сите стандарди кои во моментот и се потребни на печатницата за да работи како на домашен, така и на странскиот пазар. ИСО 9001 е сертификат кој го имаме имплементирано меѓу првите компании воМакедонија во 1997-ма година. Исто така ИСО 14001 за животна средина е имплементиран во 2007 година, ИСО 27 001 за Security Printing, каде што имаме посебен оддел, бидејќи дел од заштитната хартија, за потребите на Македонија и пошироко за Косово и Србија се работат тука, како што се: заштитни маркици за алхохол, акцизна стока, цигари, голем дел од изборниот материјал се работи тука. Тој сертификат се користи и за Лотарија на Македонија, за грепки кои што се работат тука. Исто така можеме да се пофалиме и со лиценцата која што ја имаме добиено  од „Хајнекен“ за да учестуваме на тендери во Источна Европа за нивниот производен програм.

Шеталиште: Го покривате македонскиот пазар со 80%, додека 60% сте извозна компанија во моментот.

Петар Милошевски:Да,точно, во Македонија го покриваме скоро 80% од пазарот за флексибилна амбалажа. Минатата година бевме 60% извозно-ориентирана компанија, што значи дека од целокупното наше производство 60 % беше пласирано надвор од границите на нашата земја што автоматски покажува дека компанијата секоја година го зголемува производствениот капацитет. Наредната година очекуваме да порасне процентот на 65% на извозот, и таму ја гледаме иднината на оваа компанија.

Шеталиште: Во кои земји извезувате и како се задоволни од соработката?

Петар Милошевски: Извезуваме скоро во сите балкански земји, најголеми купувачи ни се компаниите  од Република Србија, потоа Албанија и Косово, Хрватска и Црна Гора. Осум години имаме наш претставник во Молдавија. Таму работиме перфектно, без никакви проблеми. Пред 3 години склучивме договори со компании во Франција, Белгија и Холандија. Минатата година потпишавме договор со компанија во Кипар. Квалитетот и стандардите кои ги поседуваме си го покажаа своето, така што можеме да се носиме и со врвни печатници кои што се во Европската Унија.

Шеталиште: Токму најновата машина која е дел од вашиот инвестиционен и развоен план ретко ја има на нашите простори. За каква машина станува збор?

Петар Милошевски:Станува збор за флексо машина од германско производство со печат од 8 бои, печат од две страни, може да печати 5+3 или 4+4 од страна, во самите цилиндри има инсталиран и GPS систем за следење и контрола на печат, комплетна инспекција на завршен печат и печат со брзина од 500 метра во 1 минута. Тоа е предноста на оваа машина што ја прави најсигурна и најбезбедна машина во графичката индустрија. Имаме и акредитирана лабораторија за испитување на материјалот и контрола на испечатениот материјал. Со тоа се добива квалитет, а токму за секој сертификат е потребен квалитет.Исто така имаме инсталирано и сопствен мешач за боја кој е целосно компјутерски контролиран. Она што е битно е и што имаме инвестирано во дигитален печат каде онлајн може да се направи нарачка за книга, флаер или било каков продукт, да ја испратат електронски подготовката, а ние потоа го печатиме.

Шеталиште: Се вложува во технологијата, но освен тоа и вработените ја прават компанијата. Колку вложувате во обуката и знаењето на вработените?

Петар Милошевски: Во нашата компанија моментално работат 19 инженери, што е реткост за една компанија од графичката индустрија во Македонија. Тие инженери секоја година посетуваат разни обуки и саеми за следење на технологијата, за унапредување на нивното знаење.

Шеталиште: Која е Вашата визија за иднината и понатамошниот раст на компанијата?

Петар Милошевски: Скоро секоја година се инвестира во нашата комапнија и тоа се доста големи инвестиции. Пред 2 години инвестиравме во нова бакромашина, со огромен капацитет и во вредност од над 2,2 милиони евра. Визијата, за да го достигнеме тој европски пазар мора да се инвестира, но и да се зголеми и капацитетот. Нашиот капацитет е скоро 90% исполнет, сега со оваа машина ќе добиеме 30% плус, но за да ги освоиме тие европски пазари, каде што се и количините поголеми, мора да се инвестира во нови машини. Исто така минатата година се инвестираше и во подготовка, во препрес и дизајн студио, мислам дека сме единствена компанија која е сертифициранаод ЕСКО, американска компанија за производство на фотополимерни плочи и набавена е опрема од Соединетите Американски Држави во вредност од 350.000 евра само за дизајн студио и подготовка на машина.Така што со тој квалитет може да ги освоиме и европските пазари.

Шеталиште: Со кои компании работите?

Петар Милошевски:Работиме скоро со сите големи компании од Македонија како што се Витаминка, Макпрогрес, Европа, Свислајон, Атлантик Група, Прилепска Пивара, Пивара Скопје кои ни го доделија и сертификатот за „Хајнекен“. Оваа година склучивме ексклизивен договор со ЛИДЛ Германија како официјален – директен добавувач за нивните производи, повеќе години работиме соКраш од Загреб, сите ја знаеме како една од најголемите компании во поранешна  Југославија, Кандит од Хрватска, Фриком и Свислајн од Србија.

Исто така, во делот на табачна штампа или попознат кај народот како офсет печат специјализирани сме за печат на метализирана  хартија  на која се печатат етикети за пиво и вино, работиме со двете пивари, Скопска и Прилепска пивара, четири пивари од Албанија, двете најголеми од Косово, и со Србија. Во делот на офсет печат спаѓа и Security Printing каде што се работат разни купони за Лотарија на Македонија, грепките, како и списанија, флаери, рекламен материјал.

To Top