Новости

Економија

Нашата мисија се задоволни клиенти – интервју со м-р Николина Таневска, раководител на секторот за финансии во СН Осигурителен брокер АД Битола

СН Осигурителен брокер АД Битола е компанија основана пред скоро 3 години, на крајот на 2014 година, односно почна да дејствува во декември 2014 година.

СН Осигурителен брокер во 2015 година полисираше 58 082 000,00 денари, во 2016 година имаше раст од речиси 89% или полисираше 109 772 000,00 денари. СН Осигурителен брокер АД Битола оствари добивка и во 2015 година и во 2016 година, која порасна неколку пати во однос на 2015 година. Трендот на раст продолжува и во 2017 година така што до денес СН Осигурителен брокер има полисирано околу 140 000 000,00 денари. Разговаравме со м-р Николина Таневска, раководител на секторот за финансии во СН Осигурителен брокер која е во компанијата од самите почетоци.

Шеталиште: Kако раководител на финансискиот сектор на СН Осигурителен Брокер АД Битола, на кој начин се справувате со сите задачи за да ги извршите?

М-р Николина Таневска: Гордост ми е што сум  дел од случувањата од успешната приказна за растот на СН Осигурителен Брокер. Млада компанија, тим кој се уште се креира и ненапишана приказна е предизвик за сите оние кои мислат дека нешто можат да сменат и да направат. Сепак, компанија во развој значи и големо жртвување на време, енергија, идеи. Резултатите и успехот прават да се заборави на тоа. Она што најмногу ме води и мотивира е потребата од секојдневно докажување дека нема препреки кои не можат да се совладаат и дека секогаш може подобро од вчера. Самокритичноста, учењето од сопствените грешки и брза реакција кон промени се најважните елементи кои овозможуваат напредок и позитивни промени.

Шеталиште: Какви вештини треба да поседува еден лидер како Вас за да може успешно да го води тимот, но и самата компанија кон успех?

М-р Николина Таневска: Истрајност, верба, многу храброст и познавање на проблематиката.  Никако не би го изоставила ниту тимот и луѓето околу мене. Горда сум што имам одличен тим на вработени и соработници со кој заедно градиме успеси. Посебно би ги напоменала извршните директори Христо Кондовски и Зоран Пејчиновски кои се докажани професионалци во сферата на осигурувањето и кои имаат голем придонес во мојот личен развој и успехот на компанијата.

Шеталиште: Кои се вашите очекувања за просперитетот на фирмата?

М-р Николина Таневска: СН Осигурителен Брокер во декември ќе прослави 3 години од своето постоење. СН Осигурителен Брокер во моментот покрај Дирекцијата во Битола има уште 15 подружници низ територијата на Р.Македонија. Моментално се ангажирани 45 вработени и мислам дека како компанија игра позитивна улога во локалната економија. СН Осигурителен Брокер како најбрзорастечка компанија доколку продолжи да се развива со истото темпо ќе биде потенцијал за вработување на уште 50 лица во наредните 2 години.

Шеталиште: По што се разликува СН Осигурителен Брокер од останатите компании од оваа област?

М-р Николина Таневска: СН Осигурителен Брокер АД Битола е консултант, посредник и застапник за сите работи и прашања од сферата на осигурувањето, кој ги застапува своите клиенти пред осигурителните компании и бара најсоодветна понуда за осигурување според нивните  потреби. Исто така, посредува при реализирање на оштетни побарувања по остварен осигурен штетен настан, укажува правна помош на осигуреникот во текот на важење на Договорот на осигурување, како пред, така и по настанување на осигурениот настан. Накратко, заштедува време и пари на нашите драгоцени клиенти.

Шеталиште: Која е мисија на компанијата, кон што се стреми?

М-р Николина Таневска: Она кон што се  стремиме е перфекција во областите кои ги работиме и наша мисија се секогаш задоволни клиенти. Се стремиме кон тоа да развиеме долготрајна соработка и партнерство со нашите клиенти, ставајќи огромна важност во исполнувањето на нивните желби и цели врз основа на нашите перформанси. Се трудиме да прераснеме во сигурен и препознатлив бренд на пазарот на осигурувањето на територијата на  цела Македонија, а во иднина и надвор од неа.

Шеталиште: За на крај, колку Ве исполнува Вашата работа и колку е тоа битно за една компанија да оди напред?

М-р Николина Таневска: Сметам дека за здрав раст на една компанија најважно е вработените да се пронајдат во целите и правецот во кои треба да се движи истата. Добро мотивирани кадри можат да ја исполнат секоја цел. За мене лично секојдневните обврски и предизвици што ги носи оваа позиција во СН Осигурителен Брокер се добредојдени бидејќи сум среќна што сум меѓу ретките кои не работат, туку всушност уживаат во својата работа. Најголемиот предизвик е како личните критериуми да ги пренесам на сите нивоа во компанијата и со тоа да го изградам ниво на компаниска култура и код на однесување.

Студирајте на БАС
To Top