Новости

Интервју

Што е Наградата за социјално претприемништво – интервју со националната координаторка, Марија Матoвска

Младите во Македонија на возраст од 14 до 30 години до 8 мај 2017 ќе имаат можност да аплицираат со своите идеи за социјален бизнис и да освојат парична награда, како и инкубација, менторство, вмрежување и учество на меѓународен настан од областа на социјалното претприемништво. Ова го овозможува Наградата за социјално претприемништво (Social Impact Award), која по третпат се организира во Македонија. Оваа награда е веќе присутна во 20 земји од светот, а истата е поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Импакт Хаб Виена. Во Македонија, Наградата за социјално претприемништво ја спроведува Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, во партнерство со Шпаркасе банка Македонија, Пакомак, ЈСП Скопје, Маратон, Конто Профит и Фондот за иновации и технолошки развој, како институционален покровител. Наградата за социјално претприемништво е натпревар и едукативна програма за поддршка на претприемачки идеи меѓу студентите, кои имаат потенцијал да се развијат и да се имплементираат како иновативни решенија за глобалните проблеми.

Работилницата во Битола ќе се одржи на 27 април во 13:00 на ФИКТ. Работилницата ќе ја води Марија Матовска- национална координаторка на Наградата за социјално претприемништво – Social impact Award и Барбара Садовска од Полска- тим лидер на прокетот Fostering Social Entrepreneurship, како и ко-основачка на фондацијата Барка. По тој повод разговаравме со националната координаторка, Марија Матовска.

Шеталиште: Што претставува наградата за социјално претприемништво и кој може да се пријави? Кажете ни повеќе детали за проектот.

Марија Матовска: Наградата за социјално претприемништво е натпревар за креативни идејни решенија во доменот на социјалното претприемништво меѓу младите и студентите. Програмата е прв пат иницирана во 2009 година од страна на Институтот за претприемништво и иновација кој се наоѓа во склоп со Виенскиот факултет за бизнис и економија. Impact Hub во Виена ја координира имплементацијата на програмата во соработка со локалните партнери во 20 различни држави од регионот на Европа, Кавказ и Северна Африка. Во Македонија наградата се спроведува трет пат оваа година. Во Македонија истата ќе биде во организација на Младиинфо, во партнерство со Шпаркасе банка Македонија, Пакомак, ЈСП Скопје и Маратон, Конто Профит и Фонд за иновации и технолошки развој, како институционален покровител. Сите млади и студенти кои имаат идеја и сакат да постават идејно решение за одреден социјален или општествен проблем на иновативен начин преку проекти, иницијатива или организација може да аплицираат за Наградата. Организации може да решаваат проблеми врзани за голем број на теми, како на пример намалување на сиромаштијата, подобрување на здравствени услуги, екологија, оддржливо трошење на енергија, човекови права, еднакви права за сите итн.

Шеталиште:Која е целта и мисијата на програмата?

Марија Матовска: Мисија со наградата е да  се промовира знаење и пракса за социјалното претприемништво помеѓу младите и студентите во Европа.

Шеталиште: На кој начин може да се аплицира и кои се критериумите за аплицирање?

Марија Матовска: Кандидатите и кандидатките  за Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award 2017 треба да ги исполнуваат следниве услови:

Сите членови на тимот да се родени помеѓу 1987 и 2002.

Да имаат идеја која решава некаков општествен проблем. Идејата може да не е воопшто имплементирана до сега.

Конкурсот е отворен и за идеи/ проекти кои се веќе отпочнати, но само ако имплементацијата на истите е започната по 1 јануари 2016 и ако истите немаат добиено значителна финансиска поддршка. Како значителна финансиска поддршка се сметаат сите награди, инвестиции од трети лица, грантови и слично кои надминуваат 3000 евра.

Во изборот за наградата ќе бидат разгледани единствено пријавените идејни решенија поднесени преку нашиот веб-портал во периодот од 22 февруари до 08 мај, 2017 (на полноќ). Поднесените идеи по истекувањето на крајниот рок во мај нема да бидат земени предвид.

Избраните десет најдобри идеи за Наградата за социјално претприемништво 2017 се очекува интензивно да ги развиваат своите идејни решенија за социјален бизнис во текот на месеците јули, август и септември. Победничките тимови ќе бидат прогласени во октомври и ќе земат учество на Европскиот самит во Белград која е планиран да се одржи на крај на октомври – почеток на ноември 2017.

Шеталиште:До кога е крајниот рок за аплицирање?

Марија Матовска: Конкурсот за Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award Македонија 2017 е отворен во периодот од 22 февруари до 8 мај 2017. Апликациите може да се поднесат преку македонскиот портал за наградата.

Шеталиште: Одржавте неколку работилници. Што заклучивте после одржувањето, која е визијата кај младите?

Марија Матовска: Младите се креативни и навистина сакаат да учествуваат во ваквите програми. На нас е оставено само да им помогнеме на идните социјални претприемач(к)и полесно да си ја изградат својата иднина и кариера со тоа што ќе им овозможиме соодветни знаења, вештини и конкретни чекори.  Единствениот начин да придонесеме кон решавање на општествените предизвици и проблеми и градење на подобро утре е да работиме заеднички и да ги комбинираме искуството на експертите и ентузијазмот на младите.

Шеталиште: Може ли да ни ги кажете искуствата од претходните години?

Марија Матовска: Во 2016 година на оваа програма се пријавија 50 различни тимови од кои 12 беа избрани за финалисти. Ова претставува значителен пораст во однос на 2015 година, каде имавме пријавено 30 апликации и имавме избрано 10 финалисти. Важно е дека од година во година, расте и квалитетот на поднесените  пријави.  Дополнително, темите кои ги обработуваат младите се најразновидни: од помош на лица со различни типови на попреченост, пр. Слушни слика (https://www.facebook.com/audifiedreality/), здрава храна и бездомници, пр Фрешис ( https://www.facebook.com/FR3SH4S/), пр. Наша добра земја (https://www.facebook.com/dobrazemja/), обновлива архитектура и куќи од сламени бали, помош на само храни родители, интеграција на младите на пазарот на труд, пр. Кулинари 2.0 (https://www.facebook.com/coolinari.mk/), обновливи извори на енергија, екологија (пр. https://www.facebook.com/mojvozduh/) и слично.

Шеталиште: Што добиваат добитниците на наградите?Колку добитници ќе бидат вкупно?

Марија Матовска: Трите победници  избрани од стручното жири (http://socialimpactaward.mk/%D0%B6%D0%B8%D1%80%D0%B8/) добиваат по 2000 евра по тим од Шпаркасе банка Македонија.  Постои и една дополнителна наградата, наградата од заедницата која се бира по принцип на он- лјан гласање, добива дополнителна менторска поддршка овозможена од нашиот партнер, Конто профит ( https://www.facebook.com/kontoprofit/).

Шеталиште: И на крај, зошто да се аплицираат младите и студентите за наградата за социјално претприемништво? Колку таа може да им го промени животот?

Марија Матовска: Она што можеби е најважно за оваа програма е дека (колку и да звучи клише) е дека сите се победници. Со тоа што младите, студентките и студентите се вклучуваат во ваквите активности, освен што можат да научат нови работи, исто така се пионери во оваа област. Тоа им нуди можност да бидат меѓу првите кои ќе го креираат овој систем и ќе работат на специфични општествени проблеми. Младите преку програмата поедноставно можат да разменат искуства со младите од 18 различни земји, да работат со искусни ментори и да добијат пристап до други различни програми и инвеститори.  Социјалното претприемништво е можност да навистина ја земеме иднината во свои раце, да изградиме сопствена кариера и најважно од се’ да помогнеме на луѓето на кои сме им најпотребни.

GOLD
SN Finansii
To Top