Новости

Интервју

Тројца битолчани го „кренаа на нозе“ Истанбул – полна оперска сала и овации на концертот

Светски познатите музичари кои потекнуваат од Битола, кларинетистите Исмаил Лумановски и Игор Бакревски, како и пијанистката Марија Вршкова на 15 јануари ја кренаа публиката на нозе после одржаниот концерт во најреномираната оперската сала „Суреја“ во Истанбул, Турција. Концертот бил продаден за многу кратко време, 5 дена пред почетокот на концертот веќе немало влезници. На крајот на концертот триото доби стоечки овации. Лумановски е многу популарен во Турција, а идејата за еден ваков концерт во комбинација со Вршкова и Бакревски беше негова идеја.

Поразговаравме со Вршкова и Бакревски за концертот и впечатоците кои ги понесоа од Истанбул. Лумановски пак, деновиве е букиран со концерти во САД.

Во Истанбул имавте одличен настап, публиката беше на нозе и со овации ве испрати на крајот од концерот. Но тоа не е се. Концертот веднаш беше распродаден, 5 дена пред него веќе немаше карти. Како дојде до оваа соработка, колку време се подготвувате?

Марија: На повик на нашиот драг колега и пријател, Исмаил, без никакво размислување се нафатив да учествувам во овој интересен проект.Тоа значи дека Исмаил, во соработка со неговата менаџерка, веќе ги имаа одредено и датумот и местото каде ќе се одржи овој концерт.Програмата ја знаевме уште во средината на месец декември, но интересно е тоа што единствената заедничка проба беше на денот пред самиот концерт, со оглед на околностите што Исмаил живее во Америка!

Игор: Како што кажа Марија, концертот беше веќе договорен од страна на Исмаил и нормално на неговата покана да земеме учество ние тоа го прифативме со огромно задоволство и желба што побрзо да започнеме со подготовки. Што се однесува до самите подготовки индивидуално имавме околу еден месец, меѓутоа за сето тоа време сите ние имавме и други ангажмани така што беше малку густо, но сепак кога го сакате тоа што го работите, сé се постигнува.

Може ли да ни го опишете чувството после еден ваков одржан концерт?

Марија : Да се свири во прекрасна сала, на прекрасен инструмент и со уште попрекрасни музичари е бескрајно уживање. На ова би додала и тоа што условите кои ги имавме беа на најпрофесионално ниво.

Игор: Чувството е секогаш прекрасно и уште повеќе мотивирачко кога работите со прекрасни музичари, имате супер услови, како и многу позитивна енергија и самото тоа ве тера да го вложите својот максимум. После таков концерт кога се е споено заедно почнувате да ја гледате магијата што се крие во музиката.

Дали договоривте уште настапи во иднина во Истанбул, бидејќи сигурно после еден ваков настап тамошната публика ќе бара уште?

Марија: Со оглед на тоа што концертот беше распродаден, а и по приемот на публиката, не се ни сомневам дека нашата менаџерка истиот проект ќе го понуди и на други фестивали и сцени.

Игор:  Засега немаме договорено друг концерт, но доколку би ни понудиле нов концерт во Истанбул секако дека би отишле повторно бидејки бевме многу пријатно изненадени од публиката и доста добро прифатени така што секогаш е добро чувството за нас како музичари кога гледаме дека тоа што го нудиме е успешно.

Тројцата битолчани го освоија Истанбул. Би сакале ли овој концерт да се повтори и во вашиот роден град? Имате ли желба, но најважно – има ли можност за тоа?

Марија: Не само во родниот град. Проектот е толку многу интересен и несекојдневен што мислам дека македонската публика заслужува да го чуе и не само во Битола туку и пошироко.

Игор: Желба секако дека имаме, можност секогаш постои само треба добро да се изорганизира и некој да се нафати тоа да го изработи. Прекрасно би било да се случи тоа бидејќи секогаш е посебно чувството кога се настапува во родниот град пред домашната публика.

Каква е енергијата која ве води додека го избирате репертоарот, додека се подготвувате и особено додека настапувате?

Марија: За овој концерт, изборот на програмата во целост го направи Исмаил. Енергијата на првата проба беше фантастична, без разлика дека по прв пат настапуваме во оваа формација, од првиот такт дишевме заедно и се разбиравме во секоја музичка мисла.

Игор: Може да се каже дека енергијата е една од најважните работи на сцената. Со цел да имате убава енергија избирате музичари, програма што ќе ви ја обезбеди таа енергија и на крај секој се обидува да се залепи или да навлези во емоцијата на другиот за да може приказната што се раскажува во секоја композиција да се гради од сите заедно. Тука изборот беше на Исмаил така што тој сигурно уште од самиот почеток знаел каква енергија сака да постигне.

Сите тројца сте виртуози  со големи светски успеси. Што е она што ве мотивира за во иднина, да го подигнувате скалилото на сопствениот успех?

Марија: За мене тоа се токму вакви проекти, кои инцидентно никнуваат, брзо се реализираат и со самото тоа успехот после еден ваков концерт е нешто што придвижува и дава сила за понатамошни проекти.

Игор: Ние како музичари се чувствуваме најмоќно кога сме на сцената, единствено  таму можеме да ги покажиме нашите моќи. После успешни концерти сваќаме колку нашите моќи можат да растат и да се развиваат и тоа е она што не мотивира да одиме напред бидејки музиката нема крај.

Што би им порачале на битолчани?

Марија: Да бидат таква прекрасна публика како и што секогаш се!

Игор: Да слушаат квалитетна музика и да живеат за правилните вредности во животот!

To Top