Новости

Патувањa

Дали Јонскиот брег станува нова омилена дестинација на битолчани?

Да се скрати долгото патување, а сепак да се ужива во убавите плажи и морето. Идеалната дестинација – Јонскиот брег. Се повеќе битолчани го избираат овој дел од Грција за одмор, дестинација која е навистина блиску. Возите по нов и модерен автопат и за три часа и триесет минути веќе го чувствувате мирисот на Јонското Море. Тоа е една од причините што Јонскиот брег станува нова омилена дестинација на битолчани. Но не е само тоа. Освен близината, беспрекорно чистата вода сигурно ќе ве воодушеви.

Граѓаните велат дека го избрале Јонскиот брег заради кристално чистата вода, рајските песочни плажи кои се едни од најубавите во Европа, шарените и пријатни градчиња, прекрасните острови. Сето ова е карактеристика на Јонското Море, со својата идеална географска местоположба, на север Јадранско, на југ Медитеранот, на запад Италија, на исток Албанија.

Доколку често ги посетувате плажите во Грција на краците, или долниот дел на Егејот, можеби треба да доживеете едно ново искуство и да ги посетите плажите и туристичките дестинации кои се наоѓаат на Јонското Море.

Во лето, времето е топло и со најмногу сончеви часови во цела Грција. Ова особено важи за островот Закинтос. На јонските острови има вкупно нешто преку 200.000 жители, но бројот на луѓе на островите во врвот на сезоната може да премине и половина милион.

Регионот и плажите на Јонско Море се карактеристични и по бујната вегетација. Во текот на зимата и пролетта, јонскиот регион добива натпросечно количество врнежи, што ги прави тамошните острови идеални за одгледување маслинки, но им дава и специфичен изглед: бујна вегетација, кипариси и диви цвеќиња.

На Јонското Море се наоѓаат вистински скриени бисери кои вреди да ги видите. А ние ќе ви откриеме дел од нив.

Сивота

Во Епир, северозападниот дел на Грција, директно наспроти Крф, е овој скриен мал рај… Престојувајќи во Сивота, всушност имате можност да ги согледате вистинските природни особености на јонскиот брег. Големиот избор на преубави плажи, мали островчиња, пловење до нив со чамец, традиционални гостилници, специјалитети на медитеранската кујна, Романтични прошетки низ тесните улички збогатени со мирисот на цвеќе е она, што ја прави Сивота уникатна дестинација.

Парга

Парга е град чии корени се протегаат до античкиот период, но била и под силно влијание на западната цивилизација и култура. Опкружен со различни култури, на мал простор, на Епирскиот Полуостров на Јонско море, никна градче со свој единствен и својствен шарм. Посетителите на Парга ќе бидат импресионирани од зеленилото, околните планини и маслинки, нејзините преубави плажи и мирни заливи скриени во големите карпи. Приближувајќи се кон градот, се гледа дека Парга е мал, убав, бел град со црвени покриви, сместен во прегратките на околните планини. Парга е комплетно летовалиште и во неа секој може да најде нешто за себе: градското пристаниште, шеталиштето покрај морето, двете градски плажи, големата плажа Валтос во непосредна близина на градот, многубројните скриени плажи распрскани на малите островчиња во заливот, старата градска тврдина од XIV век, многубројните излети.

Амудија

Амудија е мало рибарско место во општина Fanari областа Епир во Грција. Ова место се наоѓа на брегот на Јонското Море, 9 км југоисточно од Parga и на 6 километри од познатото туристичко место Врахос. Устието на митската река Acheron опеана во Хомеровите поеми се наоѓа во ова рибарско место. Ammoudia е мирно место сестено во залив и располага со прекрасна голема плажа со бела песок. Во ова место можете да најдете прекрасни таверни кои служат свежа морска риба уловена од локалните рибари. Исто така местото има кеј за вечерни прошетки, а локалните рибари нудат можност за прошетки со бротчиња низ митската река Ахерон. Оваа дестинација ја препорачуваме за мирен фамилијарен одмор.

Врахос

Врахос  е една од најбараните дестинации за изминатата година. Во ова мало место се наоѓа на една од најубавите плажи на јонското море. Врхос се наоѓа помеѓу Парга и Превеза и ги воодушевува туристите со своите природни убавини. Тука можете да најдете прекрасна комбинација на бесконечна песочна плажа, тиркизна морска вода и прекрасна зелена планина. Покрај плажата има широко шеталиште на кој се лоцирани голем број на кафе барови.

Кастросикија

Кастросикија е идеално место за Вашиот семеен одмор. Мирно, тивко градче, со изобилство на таверни, ресторани, a истоимената плажа е една од најомилените на локалните жители. Во близина се наоѓа место за кампување, но во околината, на само неколку минути од плажата Кастросикија постојат и голем број помали плажи доколку не сакате премногу метеж на плажа.

Каналис

Каналис е приморско место областа  Превеза  северозападна Грција. Каналис  се наоѓа на брегот на Јонското Море, 12 километри северно од  Превеза и 35 километри од Лефкада. На 6 километри од ова место е лоциран  античкиот град Епир. Местото располага со пространа песочна плажа  со голем број на барови  слична на таа во популарното туристичко место Врахос.

Превеза

Превеза е град во регионот Епир, Северозападна Грција, лоциран во устието на Амбракискиот Залив. Името Превеза доаѓа токму од словенскиот збор превеза што значи премин. Превеза е градче со огромна историја, започнувајќи од античко време, па се до втората светска војна. Голем број споменици и историски артефакти сведочат за богатото историско минато на овој регион, кој грчката војска последен го вратила од Отоманската империја. Но она што воодушевува е и природата во оваа област, но и заливот, каде се наоѓа и пристаништето. Тука се и прекрасните плажи скриени во прекрасната природа. Вистинско доживување на глетката од многу јахти и бродови во пристаништети, а сето тоа проследено од безброј туристи кои седат во кафулињата на пристаништето и го пијат своето кафе со прекрасен поглед и чист воздух.

Лефкада

Островот Лефкада е еден скриен бисер во Јонското Море кој никого досега нема оставено рамнодушен. Се наоѓа јужно од Крф и североисточно од Кефалонија, а со континенталниот дел на Грција е поврзана со подвижен мост. Лефкада со причина ја нарекуваат островот на бојата: белата боја на карпите, школките и песокта по кои го добила и името;  сината боја на морето која може да се спореди со морињата во некои далечни егзотични дестинации; зеленилото на боровите, чемпресите, шаренилото на цвеќињата, маслиновите дрвја…Големиот број на таверни, барови, ресторани ќе го направат Вашиот одмор уште попријатен. Најпознатите и најубави плажи на островот Порто Кацики, Егремни, Милос, Катисма…со својата убавина никој нема да го остави рамнодушен.

СН Финансии
To Top