Новости

Патувањa

ФОТО: Духовен мир и тишина во Манастирот „Свети Јован Бигорски“

Далеку од градската врева, високо во недопрените планински убавини, во прегратките на националниот парк Маврово, на падините на планината Бистра, веднаш над реката Радика во близина на селото Ростуше, на патот помеѓу градовите Гостивар и Дебар, се наоѓа прекрасниот манастир „Свети Јован Бигорски” кој е посветен на светиот Јован Крстител.

Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само како мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Името на манастирот доаѓа поради фактот што објектот бил изграден од бигор. Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Најпрепознатливото нешто според кое манастирот е познат во светски рамки е иконостасот во самиот манастир, кој датира уште од 1830 година и е дело на Петре Филиповски Гарката кој потекнувал од село Гари.

Иконостасот се изработувал цели шест години со голема љубов и трпение, а се смета за една од највредните резби на територијата на нашата земја и е многу добро сочуван.

Манастирот „Свети Јован Бигорски”, поради неговиот единствен и неповторлив изглед и местото на кое е изграден, многу често е споредуван со манастирите кои се изградени високо на карпите во Света Гора, во Грција.

Во внатрешноста на манастирот се наоѓа мало сребрено ковчеже во кое се наоѓаат светите мошти на Свети Јован Крстител, а исто така се наоѓа и импозантна збирка на рачно пишувани ракописи кои се чувале низ вековите.

Во манастирскиот комплекс се наоѓаат неколку чешми од кои тече чиста планинска и ладна вода, а низ една од тие чешми се смета дека тече и лековита вода.

Исто така во комплексот има поголем број на конаци во кои се сместуваат верниците кои имаат некаква потреба за духовно напредување, ослободување од напнатости, грижи и проблеми, и кои сакаат да се запознаат и на своја кожа да ги почувствуваат мирот, тишината и спокојот, кои само тука и само на ова место се присутни.

Доколку сеуште го немате посетено овој прекрасен манастир, ви препорачуваме да го направите тоа поскоро каде ќе можете да го почуствувате духовниот мир.

Уживајте во фотогалеријата:

Студирајте на БАС
To Top