Фоторепортажа: Зошто го сакам Истанбул? - Шеталиште

Новости

Патувањa

Фоторепортажа: Зошто го сакам Истанбул?

Каде и да одам, секогаш се враќам таму. Во Истанбул. Градот кој има некој невидлив магнет за секој кој веќе еднаш го посетил. Кога си заминуваш од Истанбул, планираш кога повторно ќе се вратиш.

Најубавата и последната султанска палата – Долма Бахче Сарај Палатата. До 1922г. била резиденција на Отоманскиот Султан, а по 1922 г. во неа живеел и Кемал Ататурк.

Јас сум доказ за тоа. Сум го посетил Истанбул над 15 пати. Ме враќа топлиот пречек на домаќините, шареноликоста на самиот град, раздвиженоста во секој дел од градот…

ЦИСТЕРНА БАЛИЗИКА – Името на оваа подземна структура потекнува од базиликата која се наоѓала на Првиот рид од Константинопол, која првично била изградена. Пред да биде претворена и изградена во цистерна, на тоа место постоела базилика која била изградена во 3 век или 4 век, во времето на најраната историја на новиот Рим. По пожарот од 476 година, базиликата била реконструирана. Цистерната Базилика ни овозможува да погледнеме дел од системот за снадбување со вода на огромниот Константинопол.

Сината џамија секогаш ја посетувам, а за прв пат годинава ја посетив и џамијата Сулеманија, изградена по наредба на султанот Сулејман.

Џамијата „Султан Ахмед“ е изградена од истакнатиот архитект Седефкар Мехмед-ага по наредба на султанот Ахмед I во периодот од 1609 до 1616 г. Поради своите бои — сина, зелена и бела, од плочка од порцелан, во Европа исто така е позната и како „Сина џамија“. Џамијата Султан Ахмед е првата џамија во Османлиската Империја, која има 6 минариња.

Сулејмановата џамија е џамија која заедно со Селимовата џамија („Селимија“) во Едрене спаѓаат во групата на т.н. „султански џамии“ и е втората по големина џамија во Истанбул, а денеска претставува една од најпосетените туристички атракции на градот. Сулејманова џамија била изградена по наредба на Сулејман I и е изградена од страна на големиот османлиски архитект Мимар Синан. Изградбата на џамијата започнала во 1550 и истата била завршена во 1557, при кое свечено била отворана на 16 августистата година.

Плоштадот Таксим е неизбежен дел кога се работи за посета на Истанбул.

КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА СВЕТИ АНТОНИЈ НА ПЛОШТАДОТ ТАКСИМ

А пловењето по Босфорот е нешто кое човек едноставно мора да го искуси и доживее, неповторливо…

ПЛОВЕЊЕ ПО БОСФОРОТ

Босфорскиот мост е еден од двата моста кои се протегаат на босфорскиот теснец во Истанбул, Турција. Овој мост ги поврзува Анадолија со Европа. Мостот се наоѓа меѓу Ортакој од европска страна и Бејлергеј на азиска страна.

БОСФОРОТ НОЌЕ

Искрено, не можам да одделам нешто посебно, но ако веќе морам, тоа се Сината Џамија и Аја Софија.

АЈА СОФИЈА

Света Софија или Аја Софија, како што е позната во Турција, претставува исклучително значаен споменик на културата во Истанбул. Објектот што денес претставува музеј и секојдневно собиралиште на илјадници туристи, го започнал своето постоење како Православна катедрала и седиште на Патријаршијата во Константинопол. Подоцна, црквата била пренаменета во џамија, од страна на Отоманската империја. Денес, црквата-џамија претставува уникатен спој на две спротиставени култури, мешавина на западното и ориенталното, но и надеж дека еден ден може да постои мир помеѓу различните религии.

Она што не треба да се заобиколи се баклавата, вкусната храна, чајот, ајранот, нешто што не може да не пробаш ако си во посета на Истанбул.

Кулата Галата е средновековна кула која се наоѓа во Истанбул, Турција. Сместена е во населбата Галата, во близина на Златниот Рог.Кај Венецијанците, кулата е позната и како Христова кула.

Поглед од кулата Галата

Кулата Галата ноќе

Последните неколку години туристите пак се повеќе ги посетуваат кулата Сафир и трговскиот комплекс Истанбул Форум.

ЦАРИГРАДСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА

Секој пат кога го посетувам Истанбул, топлина ми го обзема срцето. Град кој има толку многу да се прошета, доживее, да се научи од него. Град кој има милиони историски приказни во себе, приказни кои секој треба и мора да ги слушне.

Агим Џело

 

To Top