Новости

Патувањa

Репортажа од Тенерифе – островот на вечната пролет

Шпанскиот остров со вулканско потекло, Тенерифе, претставува вистински рај на земјата. Најголемиот Канарски остров буквално ви нуди се’ – најразлични плажи од кои секој ден може да изберете некоја нова, одлична кујна, па дури и пирамиди, а сето тоа проследено со температури коишто во текот на целата година се речиси совршени. 

Нема големи жештини, ниту премногу ниски температури, а најниската температура се движи до 14 степени Целзиусови, додека во текот на летните месеци тешко дека ќе начекате температури над 30 степени, бидејќи највисоката просечна температура во летните месеци изнесува пријатни 28 степени.

Островот е на иста географска ширина како и пустината Сахара. Тенерифе е вулкански остров, кој се создавал и менувал со последователни ерупции во текот на неговото постоење.

Најстариот планински масив во Тенерифе се издигнал во Атлантскиот океан како резултат на вулканска ерупција која го создала островот пред дванаесет милиони години. Главниот град на Тенерифе, Санта Круз де Тенерифе, воедно е и главен град на Канарските острови.

Популацијата на Тенерифе изнесува 906.854 жители. Пред шпанската колонизација на Тенерифе во 1496, локалните жители Гванчи вулканот го нарекувале Ечејде, кој во нивната легенда се однесувал на моќниот лик кој излегува од вулканот, кој се претвора во пекол. Современото шпанско име за вулканот е Ел Пико дел Теиде.    

Теиде е света планина за домородните Гванчи, па затоа се смета за митолошка планина, исто како што е Олимп за античките Грци. Националниот парк Теиде е еден од најпосетуваните национални паркови во Шпанија и во светот , кој е познат по импресивните глетки. Од 2007 година се вбројува во Листата на светско – културно и природно наследство на УНЕСКО. Врвот Теиде е висок 3718 метри ,што е највисока точка во цела Шпанија, а повеќе од 7.000 метри над океанот и трет по големина вулкан на земјата од својата основа. Најпосетуваниот национален парк во Шпанија и Европа – до 2015 – го има деветтото најпосетувано место во светот со околу 3 милиони посетители годишно, во 2016, вулканот бил посетен од 4,079,823 посетители и туристи со што бил забележан историски рекорд. Големата меѓународна астрономска опсерваторија се наоѓа на падините на планината. До вулканите ве води пат низ планината создаден од лава и прекрасни пејзажи.

Вулканите може да се посетат или со жичарата или за оние похрабрите со печашење од околу 6 саати, но и со велосипед или мотор. Жичарница води од патот (на 2356 метри) речиси до врвот (на 3555 метри). Во кабината се превезуваат по 38 патници, на секои осум минути.

Редиците надминуваат и по два часа во шпицот на сезоната. Пристапот на врвот е ограничен и се бара дозвола за да се искачат последните 200 метри. Бројките обично се ограничени на 200 посетители дневно. Поради надморска височина, воздухот е значително поредок отколку на ниво на морето. На почетокот на жичарата може да се освежите со некој пијалок во ресторанот, но и да купите некој од сувенирите направени од лава. Теиде е главен симбол на Тенерифе и најсимболичен природен споменик на Канарските Острови. Тука ќе ве пречекаат пејсажи на кратери, вулкани и пат созаден од лава. Патеката води до видиковецот на 3555 метри од каде се отвара панорама кон островите Ла Гомера, Јеро, Палма и Гран Канарија. Националниот парк Теиде е корисна вулканска референтна точка за проучувања кои се поврзани со Марс поради сличностите во нивните еколошки услови и геолошки формации.

Во јуни 2011 година, тим од научници од Велика Британија го посетил паркот заради тестирање на метод за потрага за живот на Марс и барање соодветни места за да ги тестира новите роботски возила во 2012 година. Од поинтересните искачувања го имаме она во ноември 2017, кога Гема Хасен Беј стана првата параолимпијка во светот која во инвалидска количка стигнала до 3,000 метри надморска височина туркајќи се на раце. Првично, Гема сакала да стигне до врвот на Теиде, но поради временските услови, не можела да ја исполни оваа цел. Падините на Теиде имаат богата минерална почва која поддржува широк спектар на растенијата. Васкуларната флора се состои од 168 растителни видови, од кои 33 се ендемични за Тенерифе. Теиде е прогласен за национален парк во 1954 тата година, а во 1989 е ставен во категорија на заштитени подрачја.

Најразвиена гранка на Тенерифе е туризмот. Островот е еден од најпосетуваните локации во светот. На него има многу споменици и музеи, особено од времето после освојувањето на островот. Интересни и важни локалитети кои треба да се посетат се катедралата Сан Кристобал де Ла Лагуна, замокот Сан Андрес, пештерата Сан Блас, пирамидите Гулмар, кулите Санта Круз, музејот на историјата на Тенерифе, музејот на антропологијата на Тенерифе и други.

Патниците најчесто одат во Costa Adeje, на јужното крајбрежје на островот. Не е тешко и да се заклучи зошто, бидејќи токму на тој потег постојат плажи за секакви вкусови. Безбројни палми, кактуси, дрвореди и најразлини видови на цвеќе ќе ве пречекаат во ова место. Во ова место се наоѓаат голем број на хотели најчесто со 5 звезди, со голф терени, места кои ги посетуваат и бројни спортски тимови за нивните подготовки. Карактеристично е шеталиштето долго 10 км кое ги поврзува Адеје, Лос Кристианос и Плаја де Лас Американас, на кое има бројни ресторани каде ќе може да ги пробате локалните специјалитети, карактеристичното кафе Баракито и кафе барови од каде уживате во прекрасниот поглед кон океанот.

Покрај ова место наша препорака е посета на паркот Лоро, кој пред 43 години е отворен како резерват за папагали. Денес таму живеат многу животински видови, како горила, повеќе од 300 видови на папагали, а постои и огромен аквариум. Секојдневно се одржуваат и најразлични шоу-програми со делфини, морски лавови и орки. Гранадила де Абона е сурфинг место блиску до аеродромот каде посетителите уживаат во спортовите на вода посебно сурфањето.

Постојат неколку традиционални, важни настани и прослави кои се одржуваат на Тенерифе, а кои се привлечни за голем број туристи. Карневалот на Санта Круз е најважниот настан, кој е посетуван од голем број туристи и е прогласен за фестивал од меѓународен туристички интерес. Се слават и празникот на девицата од Канделарија и празникот на Кристо де Ла Лагуна. Тенерифе има извонредна еколошка разновидност, што е резултат на карактеристичните услови на островот.

Ова е остров со богата и разновидна флора на кој виреат околу 1.400 видови растенија. Истото може да се каже и за фауната, островот е богат со околу 400 видови риби, птици, влекачи, водоземци, морски желки, делфини и китови. Тенерифе го нарекуваат и островот на вечната пролет заради благата клима во текот на целата година. Благодарение на овие услови на југот на Тенерифе започнува големата туристичка експанзија во 80-тите години а и 65 проценти од сите хотели се наоѓаат тука. Патувањата ги полнат очите, но и духот. Тенерифе е дефинитивно место кое вреди да се посети и за кое уште долго ќе зборувате.

Репортажа на Неда Маретиќ

 

 

To Top