Новости

Живот

Ваквото родителско однесување им штети на децата

Некои однесувања на родителите навистина можат да им наштетат на децата во нивниот развој. Факт е дека да се биде родител, навистина е една од најтешките работи, иако носи и многу задоволства.

И покрај сите ненамерни и често несвесни грешки, во најголем број случаи родителите успеваат во своето родителство. Сепак, постојат и такви однесувања на родителите кои нанесуваат штета врз развојот на децата и влијаат врз нивниот пат кон успехот.

Не се однесувате во согласност со она што го зборувате

Позната е реченицата: „Не гледај ме што правам, слушај што ти велам“. На децата им е многу тешко да го сфатат тоа. Тие растат усвојувајќи го однесувањето на родителите, честопати дури и директно ги имитираат. Ако како родители не се однесувате во согласност со она што им го кажувате на децата, многу е поверојатно дека децата побрзо ќе ги усвојат обрасците на вашето однесување отколку она што им го проповедате, пишува ihearintelligence.

Не им дозволувате изливи на емоции

Во текот на растењето на децата им треба здрава, безбедна околина што вклучува и емоционално здраво опкружување. Првите емоционални врски што ги создава детето се оние со родителите. Затоа е многу важно тоа да се чувствува сигурно и комотно да може да зборува за своите чувства, а не да ги прикрива и да се притеснува.

Претерано сте строги

Децата треба да имаат граници и треба да се насочуваат, но ако постојано ги држите на „краток синџир“, ги критикувате или ништо не им дозволувате, речиси сигурно ќе им ја нарушите нивната самодоверба, покажува истражување спроведено на еден лондонски факултет.

Им го надгледувате секој чекор

Дали им го надгледувате секој чекор на децата, постојано кружејќи над нив, им се мешате во секоја активност и на секој начин ја нагласувате вашата присутност во нивните животи?

Така непотребно ќе ги доведете вашите деца до тешкотии со довербата што треба да ја имаат самите во себе и ќе им ја уништите секоја можност правилно да изберат што е добро за нив.

Ги спречувате да стекнат пријатели

Децата што имаат пријатели подобро се носат со стресните ситуации и тешкоти во споредба со децата што се изолирани. Не одвојувајте ги вашите деца од другите. Поттикнувајте ги да се дружат со пријателите и да градат силни врски со нив.

Ги фалите за сè и сешто

Живееме во време кога наградите се доделуваат дури и за учество, па секое дете се наградува за што и да направи. Затоа е важно да не ги поттикнувате децата на истото однесување и дома. Големите и значајните постигнувања треба да се пофалат и наградат, па дури и за некои поситни постигнувања треба да им се оддаде признание. Но, ако го фалите детето за сè што ќе направи, тоа би можело негативно да влијае врз неговиот психолошки развој. Фокусирајте се на пофалби за значајни достигнувања, особено на училиште.

Правите сè наместо детето

Не треба да правите работи што детето може и само да ги направи. Не можете да очекувате од четиригодишно дете само да ја вклучи машината за перење, но од 14-годишно, и тоа како. Ако го навикнете дека сè ќе направите вие наместо него, ќе израсне во личност која нема да знае како да функционира во средината.

Го обесхрабрувате да искуси нови работи

Немојте да ги обесхрабрувате децата кога ќе сакаат да пробаат нови работи. На тој начин тие се развиваат и растат, така учат. Охрабрете ги да ги истражуваат работите што им се интересни, така ќе добијат добри лекции што ќе им служат во животот.

Извор: Факултети.мк

Evrotip
Евротип
To Top