Новости

Психологија

Депресивност и меланхолија: Суштинската разлика меѓу секојдневната тага и клиничката депресија

„Депресијата е водечка причина за хендикеп во светот. Сите понекогаш се чувствуваме тажно. Но околностите се менуваат и тажните чувства исчезнуваат“, се раскажува во ТЕД-Ед видеото подолу.

Зарем ова не важи за секого? Очигледно не. „Клиничката депресија е поинаква. Станува збор за медицинско растројство и тоа нема да исчезне само затоа што една личност сака да исчезне“.

Депресијата може да трае со недели и да стане толку изнемоштувачка, што оние што страдаат од неа не можат ниту да работат. Таа се меша со важните односи и може да има различни симптоми: ниско расположение, губење интерес за работи во кои обично личноста ужива, промена во апетитот, чувство на безвредност и чувство на вина, немир, несоница, екстремна летаргија и мисли за самоубиство.

„Ако имате најмалку пет од овие симптоми, според психијатриските водичи, вие се квалификувате за дијагноза на депресија“, вели нараторот во видеото.

Она што обично не го слушаме во фармацевтските реклами се мерливите физиолошки промени што депресијата „ги пишува“ во мозокот, вклучувајќи ја намалената мозочна материја во фронталниот лобус и атрофијата на хипокампусот. Овие ефекти се мерливи кај луѓето и стаорците. Невролозите не ја разбираат целосно биологијата на депресијата. Тие знаат дека некоја комбинација на лекови, терапија и, во екстремни случаи, електроконвулзивен третман, може да им помогне на луѓето целосно да го доживеат животот.

Луѓето што се лекуваат повремено ќе се чувствуваат лошо, исто како и секоја личност. Но депресијата никогаш не треба да се спореди со обичната тага. Нејзините ефекти врз однесувањето и здравјето на мозокот се премногу широки, постојани, продорни и штетни. Овие ефекти може да бидат невидливи, што придонесува за несреќна општествена стигма која ги одвраќа луѓето да побараат третман. Колку поотворено се зборува за депресијата, толку е поголема веројатноста луѓето да побараат помош.

Иако многу познати сликари, поети и актери страдаат од клиничка депресија – и ја направиле дел од својата уметност, нивниот пример не треба да сугерира дека уметниците не треба да се лекуваат.

За разлика од физичката болка, кај депресијата е тешко да се посочат директните причини за тага. Како што покажува видеото, претпоставката дека тагата е предизвикана од надворешни настани се појавила релативно неодамна. Хуморалниот систем на античките Грци ја третирал тагата како биолошки феномен. Грчките лекари верувале дека тоа било израз за црната жолчка, или „мелаина коле“, од каде што потекнува зборот „меланхолија“. Древните хуморални теоретичари препорачувале диета, медицински третмани и физички вежби како третман за меланхолија, исто како што докторите препорачуваат денес за депресијата.

Но меланхолијата е многу поширок поим; тоа е колекција на идеи за тагата што се протега низ илјадници години. Речиси сите од овие идеи го вклучуваат чувството дека тагата е основно искуство. „Ако никогаш не сте почувствувале меланхолија, тогаш сте пропуштиле дел од она што значи да се биде човек“, вели нараторот.

Извор:Факултети.мк

GOLD
To Top