Новости

Психологија

Катрин Блават: Уметноста на заборавот

Зошто да запишуваме белешки? Сите фаќаат белешки на конференции, само Соломон Шерешевски седеше неподвижен. Неговиот шеф го гледаше сомнително. Му се чинеше почудна реакцијата кога Шерешевски поставуваше прашања за сè што беше кажано. Збор по збор го повторуваше говорот на својот шеф. По оваа епизода од пролетта 1929 година следуваа многу слични.

Без напор паметеше низи од 70 броеви, и така 15 години. Невропсихологот Александер Луриа со години го анализирал Шерешевски, т.е. неговото непогрешливо паметење. Се поставува големото прашање: Може ли да научи да заборава? Тоа би функционирало само ако го запише она на што повеќе не треба да се сеќава.

Не звучи ли тоа примамливо? Никогаш да не западне во неволја зашто заборавил телефонски разговор или името на соговорникот, а освен тоа се сеќава на секој детаљ од годишниот одмор и во мислите повторно го доживува? Многумина му завидуваа на неговата моќ. Го гледаа како идол, а неговата моќ за паметење беше пожелна, но и недостижна. Заборавот го бие лош глас. Нè лути, нè плаши и нè доведува во непријатни ситуации.

Но, едно се заборава: На човекот што не можел да заборави не му било лесно. Луриа го опишувал како хаотичен и нефлексибилен човек, кој често бил совладан од влијанијата што го опкружуваат, постојано менувал работи и се препуштил на алкохолот. Во оваа екстремна приказна има и една утеха – човештвото без можност за заборав би било осиромашено. Парадоксално, без него не би имало ни сеќавања ни учења, дури ни подносливо секојдневие. Психологијата потврдува дека за практична употреба на нашиот интелект важен е заборавот исто колку и сеќавањето.

За што служи човечката моќ на паметење? Служи за што повеќе информации, искуства и доживувања долгорочно да се сочуваат. Нашето паметење не би вредело и без сортирање, па сеќавањето функционира добро само кога владее со едно прегледно множество на информации. Можеби угледот на заборавот ќе се подобри ако го наречеме со друго име. Учењето значи заборавање. Новите искуства ги менуваат врските на невроните. Некои синапси, поврзувања, дури и исчезнуваат. Тоа доведува до избледување на старите информации. Но, во повеќето случаи, тоа не значи дека самата информација е избришана, туку пристапот кон неа е отежнат.

Во текот на учењето се развиваат нови мозочни клетки и тоа се докажало преку неколку спроведени студии. Од претходни студии, пак, знаеме дека многу променливи и предизвикувачки услови, како и зголемено движење, бараат создавање на нови мозочни клетки. Истражувачите откриле уште нешто: новите клетки, кои се создаваат со учење, ги попречуваат дотогашните конектори во мозочните региони за паметење. Мрежата тогаш е во дисхармонија, па во тој хаос старите искуства потешко се пронаоѓаат, односно се забораваат.

Заборавањето не е во секој случај корисно. Ако ситуацијата подолго време не се менува, тогаш паметењето се исплаќа. Сè на сè, се работи за мудро усогласување помеѓу заборавот и сеќавањето.
Заборавот може да предизвика и задоволство, односно да помогне животот да се гледа од поубавата страна. Ако секој се сеќава на секоја болест, лошо искуство и негативно доживување, тогаш ќе потоне во тага и песимизам. Додека, пак, сеќавањето на радосните моменти го крева расположението. Заборавот го штити нашиот мозок од претерано критичен поглед кон животот, кон нас самите и кон другите.

Автор: Катрин Блават/ „Süddeutsche Zeitung“

Извор:Факултети.мк

Evrotip
Евротип
To Top