Новости

Психологија

Што е поважно од интелигенцијата за да постигнете успех?

Никогаш не откажувајте се! Колку и да е клише оваа фраза, во неа се крие клучот за успехот. Во долгогодишно истражување психологот Ангела Ли Дакворт открила дека главниот предуслов за успех на некое поле не се IQ или талентот, туку неисцрпната, долгорочна посветеност кон една цел. Со еден збор – истрајноста.

Кога почнала да им предава математика на деца, Анџела Ли Дакворт забележала дека IQ не е единствената разлика помеѓу поуспешните и послабите ученици. „Некои од моите најдобри ученици немаа баш висок IQ. Некои од најпаметните не поминуваа баш многу добро“, вели таа.

По ова искуство Анџела се одлучила да се посвети на откривање на скриените фактори за успех. Дипломирала психологија, се вработила на катедрата за психологија при Универзитетот во Пенсилванија и спровела неколку истражувања во областа на психологијата кои се фокусирале на карактерните особини и нивното влијание врз успешноста.

Во сите контексти што биле опфатени со нејзиното истражување се издвојувала една карактерна особина како значаен фактор за успех. „Не беше социјалната интелигенција, ниту добриот изглед, ниту физичкото здравје, ниту интелигенцијата. Тоа беше истрајноста. Истрајноста е страст и посветеност во долгорочните цели. Истрајноста е да се држи човек до својата иднина, од ден на ден, а не само една недела, не само еден месец, туку со години и напорно да работи за таа иднина да стане реалност“, објаснува таа.

„Сите ме прашуваат како да се развие истрајноста кај децата? Искрено, не знам. Она што го знам е дека талентот не ве прави истрајни. Нашите податоци јасно покажуваат дека постојат многу поталентирани што едноставно не се одговорни. Всушност, истрајноста нема никаква врска со талентот, дури може да биде и обратнопропорционална. Засега најдобрата идеја за развивање на истрајноста кај децата за која сум слушнала се вика ’ум отворен за учење‘. Оваа идеја потекнува од Керол Двек од „Стенфорд“. Станува збор за уверувањето дека способноста за учење не е непроменлива, туку дека со труд може да се менува. Д-р Двек покажа дека кога децата учат за мозокот и како тој се менува и расте како одговор на предизвиците, расте и веројатноста дека нема да се откажат по почетниот неуспех“, вели Анџела.

„Тоа не е цел одговор и поради тоа мораме да бидеме трпеливи во пронаоѓањето на решението. Мора да бидеме истрајни во обидите нашите деца да ги направиме истрајни“, завршува Дакворт.

Извор: факултети.мк

Evrotip
Евротип
To Top