Новости

Здравје

Антибиотиците не лекуваат настинка и грип

Сезоната на грип и на настинки е во полн ек, а за да избегнат чекање во ординациите, пациентите често посегнуваат по антибиотици на своја рака. Најчесто се тоа резерви што веќе ги имаат дома, останати од последната терапија, што е голема грешка.

Лекарите и фармацевтите со години предупредуваат токму на овој проблем бидејќи придонесува за зголемување на отпорноста на антибиотиците од бактерии, што според СЗО е сериозна закана за здравјето.

– Антибиотиците се земаат во точно одредено време, по точно препишана доза, точно одреден број денови и исклучиво по препорака на доктор. Откако ќе го напише рецептот, пациентите треба да одат во аптека за терапијата да ја почнат навреме.

– Ако сте заборавиле да го испиете антибиотикот навреме, испијте го што побрзо. Доколку времето на земање на следната доза е блиску, тогаш не земајте дупла доза за да ја надоместите онаа што сте ја заборавиле.

– Ако земате антибиотик на своја рака, тој во даден момент може да ви помогне, но може да се случи бактериите да станат отпорни на лекот, па нема да дејствува кога ќе добиете сериозна инфекција.

– Терапиите со антибиотици, како и други лекови, може да се проследени со нуспојави, а една од почестите е дека нивното земање може да ја уништи рамнотежата на микроорганизмите што се наоѓаат во цревата. Затоа е добро да земате пробиотици, кои се препорачуваат како добар начин за превенција на пролив. Тие содржат живи бактерии слични на оние што вообичаено се присутни во нашиот дигестивен тракт, па затоа се добри за организмот.

– Пробиотиците треба да се земаат три часа пред или по антибиотикот. Се наоѓаат во прехранбени производи како јогуртот, а се достапни и во форма на таблети.

Погрешно користење

Најчестата грешка во земањето на антибиотиците е прераното прекинување на терапијата, односно кога пациентите што ги пијат сами ќе проценат дека се чувствуваат подобро и мислат дека се излекувани. Препишаната терапија секогаш МОРА да се искористи докрај. Исто така, не смее да се случи остатокот од антибиотикот од претходната терапија да почнете повторно да го пиете затоа што мислите дека имате слични симптоми.

Запомнете го ова: антибиотиците не лекуваат грип

Антибиотиците лекуваат исклучиво бактериски инфекции или се користат за нивно спречување. Не лекуваат настинка или грип.

Докторот е тој што ќе препорача кој антибиотик ќе го користите, кога, во која доза и колку долго. Улогата на фармацевтот е да ве посоветува како се користи антибиотикот и да ве предупреди на можни алергиски реакции, и на тоа со кои лекови и храна може да се зема.

Извор: Факултети.мк

GOLD
GoldSlot
To Top