Новости

Здравје

Запирање на алергиските реакции пред да се случат

Истражувачите работат на пронаоѓање на поефективни третмани за алергиите (покрај антихистамините), а сега тие откриле како одредени антитела може да ја запрат алергиската реакција воопшто да се случи.

Кога телото е изложено на алерген, имунолошкиот систем создава преголеми количини на специфичен тип антитела наречено имуноглобулин Е (lgE) – голем молекул во форма на буквата Y кој се закачува на имунолошките клетки кои имаат задача да ослободат хемикалии кои го напаѓаат „натрапникот“.

Овие соединенија – особено хистаминот – креираат симптоми на алергија како што се течењето на носот или очите, или пак посериозни анафилактични реакции кои се јавуваат од алергија на храна или убод на инсекти

Апчињата против алергија ги таргетираат овие соединенија од имунолошкиот систем или нивните рецептори, со тоа запирајќи или олеснувајќи ги симптомите на алергијата. Но, доколку го таргетираме токму lgE, постои шанса да се запре појавувањето на алергиската реакција.

Тим истражувачи од Арус универзитетот во Данска сега откриле механизам низ кој одредени анти-lgE антитела можат да го овозможат тоа.

Овие антитела се наречени 026 sdab и во почетокот се преземени од ламите. Начинот на кои функционираат во човечкото тело е со оневозможување на lgE антителата да стигнат до два специфични вида рецептори – CD23 и FceRI, со тоа запирајќи ја алергиската реакција пред воопшто да започне.

Иако антителава сè уште не се тестирани врз луѓе, тимот користел примероци крв од луѓе со дијагностицирани алергии на полен и отров од инсекти и набљудувал како функционирале антителата. За само 15 минути, нивоата на lgE биле намалени за 30%, а тој процент се зголемувал како поминувало времето.

Инаку, веќе постои една анти-lgE терапија на пазарот, наречена Omalizumab, која е одобрена во над 90 земји и е наменета за третирање на алергиската астма, но не е секогаш ефективна.

Според тимот истражувачи, o26 sdab е многу помало и постабилно антитело кое е полесно за производство, што значи не мора да е инјектирано како што е случај со omalizumab-от.

To Top