Новости

Здравје

Научниците развиле нов тест за крв што препознава осум вида на тумор

Меѓународен тим на научници развил нов тест што проверува повеќе видови рак користејќи само примерок од крв. Истражувањето, предводено од научниците од училиштето за медицина „Џон Хопкинс“ од Балтимор, го развило тестот наречен „КанцерСик“, кој може да провери присуство на осум различни вида рак, вклучувајќи и рак на белите дробови, рак на дојка и на дебелото црево.

Со земање примерок од крвта од повеќе од 1.000 луѓе што имаат еден од овие осум вида тумор, тестот уверливо препознал тумор во 70 отсто од случаите. Кај карцином на јајчниците бил успешен во 98 отсто од случаите, но кај карцином на дојката само 33 отсто. Научниците велат дека иако е постигнат напредок во раното откривање на карциномот, сепак, работите треба да ги гледаме на пореален начин. „Ниту еден тест никогаш нема да ги открие сите видови рак“, вели Берт Вогелстајн, професор по онкологија на „Хопкинс“.

Тестот бил проверен и на 812 здрави луѓе за научниците да се осигурат дека ќе ги препознае само канцерогените клетки. Само кај 7 личности покажал различна дијагноза, односно препознал како позитивно, но научниците велат дека не можат да бидат сигурни дали кај овие луѓе алармот е лажен или станува збор за ран стадиум што нема покажано никакви симптоми.

Стапката на лажни резултати е пониска отколку кај конвенционалните тестови за проверка на одреден карцином. „КарценСик“ пристапува кон тестирањето на различен начин и ги гледа мутациите на 16 гени што се поврзуваат со карцином.

Податоците на овие два параметра се комбинираат со алгоритам за да се добие што поточен резултат на кој можеме да се потпреме. Тестовите за рано откривање на карцином веќе постојат за некои карциноми.

Единствен тест што е во широка употреба е контроверзниот тест за карцином на простатата што гледа само на еден протеински биомаркер, ПСА. Иако постои веќе 25 години, научниците никако немаат консензус околу тоа колку е корисен.

„КанцерСик“ кај 63 отсто од пациентите покажа и во кој орган се наоѓа карциномот, што на онколозите им дава витални насоки каде да снимаат за да го лоцираат туморот и да препишат ефективен третман.

Пред тестот да биде комерцијално достапен, потребни се клинички проверки, а веќе се работи ново истражување на 10.000 здрави луѓе. Додека научниците работат на подобрување на тестот, истражувањето треба да одговори на прашањето дали овој тест може да го открие карциномот порано од конвенционалните методи.

GOLD
To Top