Новости

Здравје

Совети: Д-р Кристинка Пајаковска објаснува што значи ЦТГ и кога се применува

ЦТГ, ang. Cardiotocography, е технички термин за начинот на регистрирање (снимање) на отчукувањата на феталното срце и контракциите на матката. Обично се започнува со ЦТГ прегледи по 37 недела од бременоста, кај пренесените бремености, а по индикација и порано.

Пред чинот на раѓањето, кога бремените жени се примени во родилиште, од нивниот прием па се до породувањето, кaj трудницата постојано се прават ЦТГ записи.На тој начин се прати состојбата на бебето и контракциите на матката, и по потреба се преземаат одредени активности за подобрување на состојбата на фетусот ако истиот е загрозен или итно оперативно се завршува раѓањето.

ЦТГ-уред се состои од две сонди (една за снимање на срцето на бебето, втората за снимање на контракции) Постои посебно форматирана ЦТГ-хартија на која се запишуваат сигналите од сондите во форма на криви линии. Сондите се поставени на стомакот на мајката, претходно намачкани со гел за подобар контакт помеѓу сондата и кожата. Онаму каде што ќе се најде местото на абдоменот на мајката каде што нај јасно се слуша чукањето на срцето на бебето, сондата се фиксира со еластичен појас.

На ЦТГ-записот се анализираат повеќе компоненти и толкувањето на сите нив заедно дава информација за состојбата на фетусот.

Горната крива ги регистрира феталните срцеви акции, а долната крива дава информации за утерината активност (контракции на матката).

Уреден ЦТГ запис се интерпретира на следниов начин: основната фреквенција е помеѓу 120-160 отчукувања во минута, типот на кривата е ундулациски а записот е реактивен.

Во текот на набљудувањето на ЦТГ записите треба да се забележи евентуална почетна загрозеност на плодот (препатолошки ЦТГ -запис), или јасна загрозеност (патолошки ЦТГ-запис). Во овие случаи, најчесто се завршува раѓањето итно ако има услови или по оперативен пат,со царски рез. Мора да се нагласи дека мајките секогаш за сите промени и превземени активности треба да бидат информирани и согласни за преземање на истите со своерачен потпис.

По раѓањето, ЦТГ записите се архивираат заедно со комплетна документација за текот на породувањето.

Студирајте на БАС
To Top